„Дали сте за членство во ЕУ со прифаќање дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот?“

Како што предупредуваат аналитичарите, голема е веројатноста македонскиот народ, слично како и со промената на уставното име, наскоро да биде повторно принуден да прифати дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик.

3,070

Тоа што ние упорно не сакаме да го прифатиме, а сите постојано ни го кажуваат е дека треба да дадеме сè што имаме за да влеземе во ЕУ. Ваков е ставот на политичките аналитичари со коишто разговараше Плусинфо по вчерашната изјава на португалската државна секретарка за европски прашања, Ана Паула Закаријаш, дека „јазикот на Северна Македонија некогаш бил дел од бугарскиот јазик“.

Главниот виновник за шах-мат позицијата во којашто се наоѓа земјава, посочуваат нашите соговорници, е актуелната македонска власт, односно нејзиниот сервилен и понизен однос кон поголемите земји-членки на Унијата, вклучувајќи ја и Бугарија.






Како што предупредуваат аналитичарите, голема е веројатноста македонскиот народ, слично како и со промената на уставното име, наскоро да биде повторно принуден да прифати дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик.

Пораката е јасна, нема да влеземе во ЕУ сè додека не ги исполниме условите што ги поставува Бугарија.

Синиша Пекевски Политички аналитичар

– Ние упорно и упорно не сакаме да прифатиме, а тие упорно и упорно ни кажуваат дека треба да дадеме сè што бара нашиот источен сосед ако сакаме да бидеме дел од европското семејство. Порано тоа го правеа кришум и тивко, но по изјавата на Закаријаш видовме дека сега веќе почнаа условите да ни ги плескаат право в очи. Пораката е јасна, нема да влеземе во ЕУ сè додека не ги исполниме условите што ги поставува Бугарија. И сето ова е резултат на сервилниот и понизен однос на нашата влада која секогаш ја наведнува главата и никогаш не се спротивставува. Сега повторно нашите ќе се обидат да играат заткулисни игри и да се испазарат исто како што тоа веќе го сторија со промената на уставното име. Многу веројатно е дека наскоро ќе бидеме ставени во шах-мат позиција и дека ќе мора да прифатиме дека македонскиот јазик е всушност дијалект на бугарскиот јазик – вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.

Професорката Симона Груевска Маџоска од Институтот за македонски јазик Крсте Мисирков, вели дека треба да си крајно необразован за да кажеш дека македонскиот јазик некогаш бил бугарски.

– Да кажеш дека македонскиот јазик некогаш бил бугарски, треба да си многу необразован, зашто историјата и потеклото на јазиците им се познати на сите писмени луѓе. Но, зошто нема поостра реакција од нашата власт и до кога ќе ги трпиме овие понижувања од ЕУ е прашањето? – прашува Груевска Маџоска.

И кога сите очекуваа остра реакција од македонската власт, оттаму пристигна соопштение во кое се вели дека „изјавата на Закаријаш не помага во процесот на градење доверба и заедничко разбирање“.

„Изјавата на португалската државна секретарка за европски прашања, Ана Паула Закаријаш, дека јазикот на Северна Македонија некогаш бил дел од бугарскиот јазик, никако не помага во процесот на градење доверба и заедничко разбирање, а исто така е целосно спротивна на португалскиот предлог за изнаоѓање решение. Контекстот и моментот се крајно сензитивни и затоа ги повикуваме претставниците на земјите кои се вклучени во процесот и кои не ги познаваат целосно и добро приликите во Северна Македонија и Бугарија, да се воздржат од какви било квалификации или објаснувања на процеси поврзани со нашите национални прашања“, се вели во владиното соопштение.

Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, изјавата на Закаријаш е страшен скандал, а како што посочуваат од партијата на Христијан Мицкоски, тоа е резултат на коленичењето на Зоран Заев пред соседите, прифаќајќи секакви условувања.

„Страшен скандал ја тресе европската интеграција на Македонија. Како резултат на коленичењето на Зоран Заев пред соседите, прифаќајќи секакви условувања, Македонија е и блокирана на евроинтегративниот пат, и национално понижена пред целокупната европска јавност. Во видеото јасно се гледа дека Закаријаш зборува за македонскиот јазик како дел од бугарскиот, нарекувајќи го ‘северномакедонски‘. ‘Северномакедонскиот јазик некогаш бил дел од бугарскиот јазик‘. Ова е точната фраза што ја искористила оваа политичарка пред бугарските медиуми. Ова ли е заштитата на македонскиот јазик и идентитет за кој зборува Зоран Заев последните две години? Овие ли се бетонираните позиции? Сега веќе секому е јасно дека на Македонија ѝ се случува класична распродажба на сите национални интереси и обележја. А виновникот е Зоран Заев“, реагираше ВМРО-ДПМНЕ.

Од друга страна, пак, португалската амбасадорка во земјава, Марија Вирџинија Мендес да Силва Пина, истакна дека Португалија никогаш не би го загрозила процесот на изнаоѓање решение во спорот помеѓу Бугарија и Македонија, туку напротив, како што рече, потојано се обидува да го олесни.

Поврзани содржини