„ДАЛИ СДСМ СО ЦРНИ ПАРИ ГО ПЛАЌА МЕШЕТАРОТ АСАФ ИСЕИН?“ Стоилковски со неколку прашања за наводниот консултант на Пендаровски
Дали за работа на Асаф Исеин, член на групата Тал Ханан, е ангажирана најмалку уште една домашна агенција за маркетинг спотови и спроведување анкети?, праша Стоилковски.
Срамниот и недостоинствен однос на СДСМ да се служи со фалсификувани документи за да напаѓа медиуми, агенции и секако за напад врз ВМРО-ДПМНЕ, е само уште еден дел од мозаикот на скандалот за странското сомнително советување на СДСМ и на Стево Пендаровски од контроверзниот странски консултант Асаф Исеин, изјави денеска Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
– „Асаф Исеин е дел од израелска група предводена од Тал Ханан за пласирање лажни вести, црна кампања и за одлагање избори или намалување на излезност, преку фалсификување документи и оценување на лица и агенции преку медиуми“, пишува во извештајот од истрагата на најголемата меѓународна новинарска истражувачка група OCCRP, којашто тајно успеала да договори состанок и да ја снима групата што сѐ таа нуди. Британски Гардијан ги опишува како манипулатори кои се служат со хакирање, саботирање и дезинформации на социјални медиуми, преку посебен систем којшто содржи илјадници лажни профили, мејл адреси, но и сметки за трговија на интернет, сметки со биткоини, сметки за плаќање сместување ширум светот. Во Велика Британија се опишани како тим кој нуди мешање во избори, работеле во над 30 држави ширум светот, а работат и за корпорации за уништување на конкуренти. Меѓународниот тим новинари во кои се и медиуми како Le Monde, Der Spiegel и El País, пишуваат и за нивно замешателство во изборни оцрнувања на политичари во Србија, за одлагање на избори во Чад, уништување на бизнисмен во Монголија, но и дека за Тал Ханан, лидерот на групата на Асаф Исеин, е отворена истрага во Швајцарија заради фалсификувани извештаи за банкарски податоци. Токму тоа го посведочи Македонија вчера, лажни, фалсификувани документи, со лажни дати, лажни имиња и лажни потписи – рече Стоилковски.
Тој вели дека СДСМ повеќе не може да бега од одговори, особено откако Пендаровски призна дека лицето е ангажирано, „а јавноста вчера беше жртва на црна кампања од СДСМ со злоупотреби на медиуми за пласирање на фалсификувани документи.“
– СДСМ мора итно да одговорат: Кој го плаќа ова лице Асаф Исеин, дали е ангажиран од Македонија или од надвор? Дали СДСМ има договор како што налага законот, или дали на Исеин му се плаќа на рака со црни пари, вон пријавените, со што се крши законот? Од кога е ангажиран Асаф Исеин, имајќи ги предвид законските ограничувања? Која е целта на ангажманот на Асаф Исеин во Македонија, и дали таа не е спротивна на изборите и на државата? Дали за работа на Асаф Исеин, член на групата Тал Ханан, е ангажирана најмалку уште една домашна агенција за маркетинг спотови и спроведување анкети? – рече Стоилковски.