ДАЛИ СДСМ ГИ ПОДМЕТНУВА ПОЖАРИТЕ ЗА ДА ГО СОКРИЕ РАСПАДОТ? Можна е организирана саботажа, предупредува ВМРО-ДПМНЕ
Дали ова е последниот обид на картелот кој ја држеше државата во заробеништво да создаде хаос, за да се претстави како „пожарникар“ на проблеми што сам ги создава, прашува ВМРО-ДПМНЕ.
Дали СДСМ се обидува да дефокусира од својата внатрешна криза со подметнување на пожари, прашува ВМРО-ДПМНЕ.
„По најновите информации дека кај местото на пожарот во Чучер-Сандево биле фрлени дрвени палети намачкани со бензин, со што очигледно некој намерно сакал повторно да го активира пожарот, ја алармираме јавноста за можна организирана саботажа. И додека институциите посветено работат на спречување и гаснење на пожарите, зачудува со каква возбуда и злорадост некои структури блиски до СДСМ се обидуваат да ја претворат оваа елементарна непогода во политичка алатка“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата постави повеќе прашања.
„Со оглед на упорната потреба на СДСМ да го користи секој инцидент за дневнополитички поени, но и на фактот што подметнувањето пожари станува повторлив модел, ние јавно прашуваме: Дали позади овие пожари стојат структури блиски до СДСМ? Дали ваквите инциденти се обид да се дефокусира јавноста од внатрепартиските расправии, пукнатини и крајниот распад на легитимитетот на нивното раководство? Дали ова е последниот обид на картелот кој ја држеше државата во заробеништво да создаде хаос за да се претстави како „пожарникар“ на проблеми што сам ги создава“, се вели во соопштението.
Очекуваме институциите да истражат до крај, се додава.
„Но, и граѓаните нека си постават сами едно прашање: кому му одговара Македонија повторно да биде завиена во чад и во хаос?“, се додава во соопштението.