ДАЛИ СДСМ БЕГА ОД ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА? Одговорот можеби се крие во популарноста на Левица?
Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на пржинска влада, за формирање на една изборна единица и за намалување на бројот на пратеници доби поддршка од помалите политички партии од владејачката коалиција, но засега резервирано се држат од СДСМ и од ДУИ.
Како полека да спласнува меѓупартискиот дијалог за изнаоѓање на консензус околу измените на Законот за избори, со кој драстично би се промениле правилата на игра во пресрет на наредните парламентарни избори.
Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на пржинска влада, за формирање на една изборна единица и за намалување на бројот на пратеници доби поддршка од помалите политички партии од владејачката коалиција, но засега резервирано се држат од СДСМ и од ДУИ.
Од ДУИ делуваат како да се против измените во законот, бидејќи промената на изборниот модел веднаш ја условија со други промени на Уставот, од кои најмногу интерес во јавноста предизвика укинувањето на потребата од 20 отсто Албанци за употребата на албанскиот јазик во земјава.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, порача дека од неговата партија се спремни да разговараат за предложените промени во законот, но тој смета дека е рано за тоа бидејќи не се планирани предвремени избори, па ќе може да се преговара во текот на наредните две години. Многумина овој негов став го протолкуваа како обид да се избегне промената на законот.
За политикологот Владимир Божиновски од ИПИС, од СДСМ бегаат од изјаснување бидејќи на нив воопшто не им одговара во моментов избори во една изборна единица.
– Проблемот е во тоа што имаме несериозен и неконзистентен став кај партиите од власт, со тоа што го ветувале и претходно го нуделе, а сега се обидуваат да се извлечат. Додека беше ВМРО-ДПМНЕ на власт, од СДСМ во кампањата ветуваа една изборна единица и како што стојат работите од партијата барем декларативно не се откажале од тоа. Но сега кога ВМРО – ДПМНЕ излезе со иницијатива за една изборна единица тие се најдоа во небрано. Од СДСМ имаат дополнителен проблем бидејќи се одржуваат на власт со коалиција составена од партии кои долг период бараат формирање на една изборна единица. Затоа тие не можат ништо да направат одвен да одолговлекуваат – вели Божиновски.
Најголема одговорност, според Божиновски, е кај малите партии од владејачката коалиција кои сега имаат историска шанса да избоксуваат договор за една изборна единица.
– Се зависи од малите партии. Тие сега имаат полуги да го променат законот. Пред некои десет години тоа не можело да се случи, тогаш владината коалиција била стабилна, но сега нема оправување. Во последните пет години главниот виновник беше ВМРО-ДПМНЕ, но сега од таму има комплетно поинаков предлог. Проблем е и што ДУИ не сака да дојде до промена на изборните правила, но и тоа може да се реши. Доколку од СДСМ имаат цврст став околу ова прашање, тогаш партнерот во власта тоа ќе мора да го прифати. Ќе повторам дека се е во рацете на помалите партии од власта, кои друг пат шанса за една изборна едница нема да добијат – додава тој.
Тој смета дека од ВМРО-ДПМНЕ направиле одличен потег со предлогот, бидејќи наметнале тема со која дефинитивно ќе се намали комодитетот на владината коалиција.
Ние побаравме став и од најголемата опозициска партија во врска со динамиката на меѓупартиските преговори, околу измените во изборниот законик. Од ВМРО-ДПМНЕ ни соопштија дека не постои единство во коалицијата на власт околу предложените измени.
„Има одлоговлекување на измените на изборниот законик во делот на укинување на пржинска влада, една изборна единица и намалување на бројот на пратеници поради тоа што власта на СДСМ-ДУИ помогната од ЛДП, ДОМ, ДС како што е единствена во криминалот и крадењето од тендери, немаат внатрешно единство за овие прашања важни за системот, демократијата и интересите на граѓаните. Впрочем со ова излегува на површина дека единствено врзивно ткиво на партиите на власт е токму желбата за злоупотреби и тендери. Ако беше спротивно тогаш многу лесно ќе излегоа со единствен став. Една изборна единица беше декларативно барање на ЛДП, ДС и ДОМ и тие ова го прифатија, впрочем декларативно и СДС го прифати ова барање, но еве гледаме дека сите овие барања ги ставаат под тепих, а помалите партии сеуште седат во скутот на СДСМ и ДУИ само за да ги уживаат придобивките на власта. Очигледно е неединството по овие прашања, но тоа се надминува со единството постигнато за само една точка, крадењето“, за Плусинфо соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Веќе ги објавивме проекциите за составот на Собранието, од кои може да се заклучи дека доколку последните избори беа одржани во една изборна единица најмногу ќе профитираше Левица.
– Во денешниот формат на Собранието, при поинаков изборен модел, сите би изгубиле пратеник, додека Левица би имала три повеќе. Затоа, во контекст на нагорната тенденција за раст на Левица, секако дека ќе се избегнуваат овие промени за во иднина. Дополнително, со нашите пратеници тие нема да наидат на отвореност за договарање на апанажи, патни трошоци и легализација на дивоградби од интерес – што е и очевидно и од досегашното собраниско искуство – изјави за Плусинфо портпаролот на Левица, Амар Мециновиќ.
Од оваа партија сметаат дека актуелниот иборен модел не ја отсликува вистинката волја на граѓаните.
– Поразително е и тоа што при овој изборен модел не се отсликува волјата на граѓаните, што ја подјармува претставничката демократија, а со тоа и легитимитетот на избраните владини коалицирања. Но, кај нас политичкиот легитимитет се крои на основа на фиктивни начела во доменот на надворешната политика и внатрешни бизнис зделки, а не и демократските изборни принципи. Сегашните правила на игра го кочат понатамошното развивање на политичките односи и созревањето на политичката култура – додава тој.
Пред усвојување на дневниот ред на денешната 62. седница, пратениците не го прифатија предлогот на група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ по скратена постапка да се донесе предлог законот за изменување на Законот за владата, со кој се предвидува укинување на „прижинската влада“. За предлогот гласаа 32 пратеници, 55 против, а немаше воздржани, по што претседателот на Собранието Талат Џафери констатираше дека предлогот не е усвоен.