ДАЛИ ПРЕКИН НА ОГНОТ Е ПЛАНОТ НА ПЕКИНГ ЗА МИР ВО УКРАИНА? Кси Џипинг и Путин оптимисти, САД и Зеленски скептични

Што ако утре во Кремљ биде објавено дека Москва го прифаќа планот на Пекинг? Ништо особено. САД и Украина најверојатно ќе го отфрлат тој предлог, за кој сметаат дека му купува време на Путин да ја одложи најавената украинска контраофанзива.

1,526

Со многу убави зборови и куртоазни пораки рускиот претседател Владимир Путин денеска во Москва го прими кинескиот претседател Кси Џипинг. Вечерва и веројатно и утре, вторник 21 март, двајцата претседатели ќе водат тет-а-тет разговори за планот на Пекинг за мир во Украина.

На почетокот на куртоазниот дел од средбата, Путин изјави дека се запознал со планот за мир во Украина предложен од Пекинг и додаде дека Русија секогаш ќе биде отворена за преговарачкиот процес.






„Внимателно ги проучувавме вашите предлози за решавање на акутната криза во Украина. Секогаш сме отворени за преговарачкиот процес. Дефинитивно ќе разговараме за сите овие прашања, вклучувајќи ги и вашите иницијативи, кои безусловно ги почитуваме“, рече Путин во неформалниот разговор на почетокот на посетата на Си Џипинг, честитајќи му го неговиот трет реизбор на чело на Кина.

За деталите на предлогот на Кси не се знае речиси ништо. При објавувањето на тоа дека постои план, беше речено дека тој ги одразува глобалните погледи и се обидува да ги неутрализира последиците.

„Документот служи како конструктивен фактор за неутрализирање на последиците од кризата и за промовирање политичко решение“, напиша Кси во написот објавен во дневниот весник „Рускаја газета“.

Познавачите велат дека единствен конкретен предлог во овој план е прекин на огнот. Но, тие велат дека Украина и нејзините западни сојузници најверојатно ќе го отфрлат тој предлог, за кој сметаат дека му купува време на Путин да ја одложи најавената украинска контраофанзива. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека ќе размисли за мировно решение само кога руските сили ќе ја напуштат украинската територија.

САД и нивните сојузници се длабоко скептични за мотивите на Кина, велејќи дека Кина одби да ја осуди Русија и ѝ обезбеди економска помош, додека другите земји воведуваат санкции против агресорот. САД и НАТО неодамна ја обвинија Кина дека размислува да испорача оружје на Русија и ја предупредија да не го прави тоа. Тоа обвинение Кина го негираше.

Познавачите велат дека Кси и Путин ќе разговараат и за билатералните економски односи, кои доживеаја процут откако Кина почна да купува евтино руско гориво. Тоа е голема помош за Русија, бидејќи глобалните компании ја бојкотираат. На тој начин, всушност, Кина ја помага руската економија. Но, Пекинг е загрижен до кога ќе може да биде така, бидејќи поради притисокот од глобалната економија, Русија е непредвидлив и несигурен партнер.

Москва најверојатно ќе бара продлабочување на економските врски со Пекинг. Двете земји во моментов разговараат за нов гасовод, голем енергетски проект што ќе го удвои извозот на руски гас во Кина за дополнителни 50 милијарди кубни метри. Русија би го транспортирала горивото преку копно, преку Монголија, што би го направило проектот привлечен за Пекинг. Разговорите за третиот гасовод се во тек.

Во овие детали се крие вистинската моќ на планот на Кси за Украина. И на Кина и на Русија во моментов им одговара прекин на огнот, со таа разлика што Путин нема намера да го изгуби она што досега го освои во војната. Вистинското прашање  е што ќе се случи ако Кремљ утре спектакуларно објави согласност со планот на Пекинг.

Поврзани содржини