Дали политиката ни ја кројат скриени турбофолкери?

„На крајот на краиштата, нека нè ’бомбардираат‘ интернационални ѕвезди, зошто да не? Камо среќа секоја година да ни доаѓаат Били Ајлиш, Ед Ширан, Луис Капалди, Адел или Дуа Липа … А ние, наместо тоа, овде расправаме за Цеца, која го собира кајмакот од Македонија“, вели Александар Масевски.

769

Во досегашните три продолженија од серијалот „Каде исчезна македонската естрада“, Ана Костовска, Григор Копров, Александар Масевски, Васко Спасоски, Антонио Димитревски и Катерина Евго сведочат за тажната состојба на македонската музичка продукција, за отуството на државна стратегија и за политиката на мејнстрим медиумите, фактори кои резултираат со целосна потценетост на домашните артисти, но и со голем наплив на естрадна продукција од соседните земји. Нашите соговорници се убедени дека таа увезена продукција, често во сомнителни и коруптивни зделки, во никој случај не се одликува со квалитет кој сериозно ја надминува домашната продукција.

– На крајот на краиштата, нека нè „бомбардираат“ интернационални ѕвезди, зошто да не? Камо среќа секоја година да ни доаѓаат Били Ајлиш, Ед Ширан, Луис Капалди, Адел или Дуа Липа … А ние, наместо тоа, овде расправаме за Цеца, која го собира кајмакот од Македонија-вели Александар Масевски, композитор и продуцент.






Што беше тоа квалитет?

Темата што е квалитетно а што не е, е сензитивна. Дотолку повеќе што за тоа нема цврсти критериуми, а често, всушност, дебатата за квалитетот се сведува на дебата за вкусови, нешто за што, нели, не се расправа.

– Живееме во време кога за најдоброто се вика најлошо, а за најлошото – најдобро. Порано имаше изградено критериуми, сега нема – вели славниот македонски композитор Григор Копров.

 

Александар Масевски

 

Огромна улога при одлучувањето што сакаме да поттикнеме, а што не, игра и немањето соодветен критериум за тоа што треба да се турка и да се експонира, вели композиторот Александар Масевски и додава:

– Секако, личниот вкус за музика кај одговорните игра огромна улога. И често не се работи само за бизнис интереси, односно за исполнување на желбите на слушателите и на гледачите, туку и за природна склоност кон одреден стил на музика, сакале ние тоа да си го признаеме или не.

Нашите соговорници се искрени и признаваат дека кога зборуваме за потребата од форсирање на домашната продукција, не треба да зборуваме само за квалитетот.

– Зарем верувате во илузијата дека поддршката на своето и на своите, во земјите околу нас, но и пошироко, се темели само и само на квалитетна музика?! Тврдам дека не. Од тој аспект, нашите музичари не можат да се изборат во непропорционалната борба на наплив на музичка продукција од соседството – објаснува Масевски.

Интересно е тоа што експертите велат дека премногу интензивното „сервирање“ музика на српски и на хрватски јазик кај нас, особено во последните десеттина години, доведе до тоа македонската публика навистина да го смени вкусот.

– Не би рекол дека македонските пејачи не се популарни, би рекол дека не се доволно ценети. Овдешната публика повеќе сака да слуша музика на туѓ јазик, односно на српски и на хрватски, отколку на својот мајчин јазик. Не беше така пред десет години. Имаме преголема застапеност на туѓа музика кај нас, на разни начини. Навистина ми е криво што нашата публика повеќе цени туѓо отколку домашно – вели Васко Спасоски, музички менаџер.

Имаме пет пати помал пазар од соседите, па што?!

Македонија сепак е изолирана земја, по многу параметри. Тоа влијае и на пазарот, кој е мал, сметаат нашите соговорници. Но, тоа не беше проблем кога Македонија беше дел од единствениот културен и сценски простор на поранешна Југославија. Зошто е тоа проблем во денешнава дигитална ера?

– Не може еден изведувач да биде постојано на исти места, со иста музика. Пазарот брзо се исцрпува, па останува можноста изведувачите да одат во соседните или во странски земји – вели Катерина Евго.

Втора опција е да се подобрат условите за домашните музичари, за тие полесно да „дишат“:

– Отсуствува и природната потреба, која ја имаат и земјите околу нас, па и генерално земјите во светот за своите музичари, на нашите музичари, артисти, композитори и продуценти да им се овозможат пристојни услови за живот и покрај фактот што е евидентно дека Македонија како пазар е четири до пет пати помала од сите земји коишто ја опкружуваат. Со тоа што немаме никаква стратегија, всушност, осудуваме една цела фела на пропаст – категоричен е композиторот Масевски.

Можно е и силно да се активира македонската дијаспора и да се настапува таму со концерти. Иако нашите соседи имаат поголема дијаспора.

– Зошто е српската естрада силна? Меѓу другото и затоа што нивната дијаспора е распространета скоро по целиот свет. Нивните пејачи одат во странство, настапуваат пред своја публика и потоа вложуваат во своите кариери – објаснува Васко Спасоски.

Како и да е, не им е лесно и на нашите соседи, но тие сепак опстојуваат со „терање на своето“.

– И соседните земји не можат да се пофалат со подобра ситуација кога станува збор за нивните музичари. Зборувам за квалитетната музика. Не зборувам за интерпретатори на туѓа музика. Можеби се делумно подобри затоа што се поголеми пазари и тука е можноста за повеќе концерти, но нема ништо без многу напорна работа и без силна промоција – заклучува Катерина Евго.

(Утре: Чао Македонијо, се гледаме и се слушаме на интернет!)

Поврзани содржини