ДАЛИ НЕКОЈ САБОТИРА СО ПАСОШИТЕ?
Тие, со важечките пасоши со старото име, нема да може да влезат во земјава!? Тоа што нема да можат да излезат, има и некаква, иако не баш мудра логика. Арно ама, ова, другово, веќе е врвен идиотизам и нешто сосема надвор од умот!
За разлика од Македонија, Србија е држава. Вучиќ бара да расправа за Косово специјален состанок на Советот за безбедност на ООН, неофицијалната светска влада, и успева за кусо време. Неговиот МНР, Дачиќ, пак, откако Софија им порача дека нема Срби во Бугарија, веднаш им одговори – одлично, нема ниту Бугари во Србија!
Така се постапува. Се разбира доколку си ја сакаш државата, ако имаш памет во главата и потребно достоинство. Ако ги немаш тие три квалитети, ќе се однесуваш како да си или Македонец, или од Македонија! Затоа, не треба да не чуди трагедијава низ која минуваме. Черчил рекол – ако се најдеш во пеколот, каде што сме токму ние сега, продолжи да одиш! Значи, немаме избор, мораме да продолжиме, се’ додека не излеземе од тунелот. Да се надеваме дека тоа ќе биде наскоро. Изборите се на врата.
И, за разлика од Србија и Србите, еве што ни се случува нам, особено во последно време.
Пред некој ден, дури двајца ме прашаа – ова со пасошиве, да не е саботажа? И, објаснија – ако нема македонски пасоши а, еве, ги нема, дали тоа значи намерна промоција на бугарските? Ем, по фиоки да се бараат досегашните, ем да се вадат нови? Мојот одговор не беше негирање. Реков дека и мене низ глава ми летаат такви мисли ама, сепак не сакам да верувам во тоа! Би било премногу.
А, за жал, има многу елементи да се верува дека е баш така. Еве зошто.
Прво, целиот процес околу бесмислената обврска од Нивици за важењето на личните документи на граѓаните се води на еден невиден аматерски начин, што автоматски те тера да мислиш дека е тоа намерно, а не случајно.
Второ, решавањето на проблемот е апсолутно едноставно, ама ако се знае и, се разбира, ако се сака. За второто, пак, нема јасни аргументи. Напротив. Не треба да биде спорно дека за дел од “нашите“ политички лидери – колку е полошо во земјава, за нив е подобро. Тоа е речиси евидентно, бидејќи нивните намери се големодржавни, и немаат врска со оваа држава.
Трето, ако само не разбираат и не знаат што треба да прават, требало одамна да се консултираат со странците, коишто знаат. Зошто тоа не е направено? Меѓутоа, кога веќе има предлог на маса, дека проблемот со пасошите може да се реши само со една нота, и тоа не се прави, тогаш сомнежот за саботажа веќе добива реални контури. Доколку (не)одговорните не се сигурни во предложениот механизам, повторно тоа можеле многу лесно да го проверат кај странците. Дури и само со еден телефонски повик, ама за таков потег, мора да се сака решение. Изгледа дека е, сепак, во тоа проблемот.
Четврто, во процесот на малтретирање на македонските граѓани, се изнаслушавме толку глупости и будалштини, просто да не веруваш. Еве неколку. Тие, со важечките пасоши со старото име, нема да може да влезат во земјава!? Тоа што нема да можат да излезат, има и некаква, иако не баш мудра логика. Арно ама, ова, другово, веќе е врвен идиотизам и нешто сосема надвор од умот! Саботажа.
Ви се молам, имаат важечки пасош на државата и не можат да си дојдат дома! Ако, веќе, Грција им забранува да патуваат низ светот со тие пасоши, зарем им забранува и дома да се вратат? Невидено! И, што ќе прават? Ќе ги враќаат на граница? Каде, ќе ги враќаат? Веројатно ќе ги оставаат на аеродром, бидејќи во други земји уште помалку ќе можат да се вратат. Барем да им обезбедат шатори. А, на патните гранични премини? За среќа, обично и таму има некаква меѓугранична зона, та и таму нека се населуваат!? Нели се тие, сепак, Северџани? Страшно.
Тоа му доаѓа како да си излегол од дома, во меѓувреме морале да ја сменат бравата и, кога ќе се вратиш – нема да те пуштат дома! Го немаш новиот клуч!
Петто, Османи изјави дека Грција веќе го информирала светот, дека нашите пасоши со старото (вистинското) име – веќе не важат. Не беше јасно кого се’ известиле. Спомна Шенген зоната, чинам Европол… Клучно е што не може никој друг, најмалку Грција, да го информира светот за нашите пасоши. Тоа е наша работа. Ако веќе го знае тоа Османи, требало веднаш и најостро да протестира кај Грците. Да бара да го повлечат тоа и, ако нема подготвеност за такво нешто, по автоматизам, да ги информира сите во светот дека таквото грчко известување е – неважечко. Башка бесмислено. Атина нѐ третира како нивен протекторат, а Османи…!
Шесто, какофонијата да биде целосна, претставник на СДСМ, којашто е партија во распаѓање, изјави – ВМРО не може да ја убеди грчката амбасадорка за пасошите а ќе ги убедел 27 членки на Унијата да ни ја сменат преговарачката рамка! Ова е веќе под дното. После се’ што и направи и на земјава, и на Македонците, во последните седум години, оваа партија навистина треба под итно да биде фрлена на ѓубриштето од историјата.
Седмо, катастрофалниот и предавнички договор од Нивици стапи на сила на 12 февруари 2019 година. Според потврдени податоци, со старото и вистинско име на државата пасоши се издаваа барем до јуни 2021 година, и тоа со важност на 10 години, значи до 2031, и покрај преземената обврска тие да важат до 12 февруари 2024. Толку и наплатуваа. Имам податок за издаден пасош на 15 јуни 2021. Бесмислено преземениот рок тие да важат пет години по договорот, на тој начин се кратеше речиси на пола. За тоа треба некој да одговара. Дали се правеше тоа за да се искористат веќе набавените пасоши со вистинското име? За да не се фрлат? Срамно, во секој случај. Ова е само нов доказ дека државата е навистина уништена.
Осмо, нашиве генијалци, коишто отворено работаат против интересите на Македонија и нејзините граѓани, се фатиле како слеп за стап за договорот од Нивици и спремни се да ја ограничат и слободата на движење на своите граѓани, само Атина да не се вознемири. Забораваат дека имавме и друг договор со Грција, исто така наметнат од САД, при што Атина ја игнорираше главната точка којашто беше во наша корист. Со кристално јасна пресуда, победивме и на суд и, што се случи? Ништо. Атина игнорираше се’. А ние си голтавме.
Како и Србија, и Грција знае што сака и тоа го спроведува, била во право или не, не е важно. А ние, сакати во умот, како се однесуваме? Впрочем, како може поинаку да се однесува една уништена држава?
Деветто, Нивици, како и се’ друго, ни го наметнаа САД. Намерно нѐ обезличија како народ. Зарем сега не гледаат во каков ќорсокак сме доведени со личните документи? Клаузулата од пет години важност за личните документи, тие ја смислиле, не Свети Петар. Зошто сега молчат, и не ни помагаат? Тоа е само нов доказ дека се работи и за некој вид на саботажа. Нели, што полошо е подобро за нечии големо државни амбиции, зад коишто повторно стојат САД?
Десетто, деновиве, се обидував директно да ги информирам надлежните дека има едноставно решение за пасошите, за што претходно објавив и две колумни и текст на нота со која треба да се реши проблемот. Очигледно, тие не читаат такви работи. Телефонот на МНР не функционираше. Според Пошта, беше исклучен. Од времето, го имав телефонот на кабинетот на министерот. Ми се јави некој Рамука, ако добро му го разбрав името. Го побарав телефонот на канцеларијата на државниот секретар. Ми рече дека не може да ми го даде, иако му објаснив зошто го барам. Му реков дека јас во два наврати бев државен секретар во МНР, и тоа не помогна. Ми рече дека ќе се консултира, и ќе се јави. Што мислите, се јави?
Се обидов да го добијам и новиот министер за внатрешни работи, којшто влезе во костец за пасошите. Седум пати ѕвонев на централата на МВР и само еднаш ја добив секретарката. Телефонистот ми рече дека тој префрла ама таа не прифаќа повици. И кажав на секретарката кој сум и што сум, што инаку воопшто не ми е пракса, и објаснив зошто го барам министерот. Рече дека е на состанок. Ја замолив да му пренесе за што се работи и ако имаат интерес да ме побараат. Не ми го побара мобилниот. Утредента се обидов пак да се јавам ама повикот пак не се прифаќаше, барем според телефонистот. Се откажав.
Оваа државата е уништена. Ова се само нови потврди, а такви имаме во изобилие. Ќе ја спасат ли изборите?
Ристо Никовски
Февруари, 2024