„ДАЛИ НЕКОЈ Е СВЕСЕН КАДЕ НЀ ВОДИ ОВАА РЕТОРИКА?“ Здружението „Сакам да работам“ ги праша коалициите „Вреди“ и „Европски фронт“ дали поради нивни пресметки 10.000 луѓе треба да останат без работа
Кога се зборува за „офанзиви, војни, пресметки со овој бизнис“ треба да се земе предвид дека станува збор за најголемиот приватен работодавач во државата, економски сектор кој секоја година го полни Буџетот со минимум 280 милиони евра. Токму од овие буџетски приливи се образуваат, спортски се развиваат, културно се издигнуваат и Македонци и Албанци, се наведува во реакцијата на Здружението.
Не постои поголем апсурд да работите во легална економска гранка, а истите државни институции кои ви издаваат лиценци, наплаќаат даноци и други давачки, да ве нарекуваат мафија и зло. Не сме против нов закон за игри на среќа кој ќе содржи дополнителни заштитни механизми за грижите на јавноста, но ова што се случува нема никаква врска со одржлива регулатива, туку станува збор за предизборен маркетинг со фатални последици за општеството.
Ова се наведува во денешната остра реакција на Здружението на вработените во секторот игри на среќа „Сакам да работам“.
„Крајно разочарувачка е секојдневната дебата меѓу албанските политички фактори кои низ политички кантар ги мерат своите ригорозни предлози против игрите на среќа. Доживеавме, првиот заменик претседател на Влада, само на една прес конференција во зградата на Владата, пет пати да нѐ нарече ‘мафија’. Европскиот фронт на чело со ДУИ ги напаѓа ‘Вреди’ дека се ‘кумови на коцката, казината и обложувалниците’, ‘Вреди’ објавува дека ‘почнале да го корнат злото на ДУИ’“ и дека отвориле ‘офанзива против коцкарските картели’. Каде нѐ води оваа безобзирна предизборна реторика? Дали некој е свесен за последиците?“, се наведува во реакцијата на Сакам да работам.
Најмалку 10.000 вработени во секторот игри на среќа и нивните семејства од пред неколку дена се во ново исчекување. Најмалку 35.000 луѓе стануваат потенцијални нови кандидати за иселеници во западните земји. Од Здружението велат дека на закуподавачите на легалните објекти за игри на среќа им стигнала најава дека нивните деловни простории може набрзо да зјаат празни. На банките кои дале кредити на вработените или на организаторите на игри на среќа, им се запали алармот. Да активираат банкарски гаранции, хипотеки, други заложни права.
„Ваквата неодговорна политичка пресметка предизвикува економско-социјален земјотрес! Затоа, ние како Здружение на вработени во секторот игри на среќа Сакам да работам имаме прашања до политичките коалиции на Вреди и на Европски фронт:
Дали знаат дека причината поради која во Албанија беше прекината забраната за игрите на среќа е дека им никнувале играчници на црно и цветала сивата економија? Дали знаат колку играчи од Косово дневно доаѓаат да играат во Македонија? Зошто сакаат да ја вратат Македонија во 1990 година, кога имаше покер апарати на скриени места во кафулињата, игри со ќибритчиња на Камен Мост и диви играчници на секое ќоше без државна контрола? Дали тогаш младината не беше под поголем ризик? Дали можеби причината за ваквото нерационално однесување кон игрите на среќа е затоа што во овој сектор работат доминантно етнички Македонци? Зарем во 21 век треба вакви меѓуетнички дилеми да поставуваме?
Кога се зборува за ‘офанзиви, војни, пресметки со овој бизнис’ треба да се земе предвид дека станува збор за најголемиот приватен работодавач во државата, економски сектор кој секоја година го полни Буџетот со минимум 280 милиони евра. Меѓу другото, токму од овие буџетски приливи се образуваат, спортски се развиваат, културно се издигнуваат и Македонци и Албанци.
Конечно, сите треба да бидат свесни дека се воведуваат опасни преседани во општеството. Сега во предизборни цели ќе бидеме жртвувани ние, утре ќе заигра мечката во некој друг двор.“, се нагласува во реакцијата на Здружението Сакам да работам.