Дали навистина во Уставот ќе влезат само 3.000 Бугари, претседателе Пендаровски?

После глупавата теза на министерот Маричиќ дека со „внесувањето“ на Бугарите во Уставот ќе се направела разлика меѓу нив и нас Македонците – дури сега, после 70 години самобитност и државност! – еве ни се пласира уште една опасна пропагандистичка теза. Овој пат од устата на претседателот Пендаровски, кој убедува дека државата нема да пропаднела поради 3.000 Бугари во Уставот.

7,476

Државата нема да пропадне од 3.000 Бугари во Уставот, вели претседателот Стево Пендаровски.

Тој или не разбира (малку веројатно) или не сака да разбере што навистина ќе значи промената на Уставот.






Како и да е, заради опасноста граѓанството да биде заведено од оваа манипулативна теза, редно е да ги разјасниме нештата.

Ако Бугарија не го прифати историскиот наратив од Преамбулата на Уставот и другите одредби од Уставот кои зборуваат за атрибутите на македонскиот национален идентитет – а нема да го прифати тоа! – и ако решението е Бугарите да бидат „додадени“ во Преамбулата на Уставот, тогаш во Уставот нема да влезат само 3.000 Бугари.

Не, претседателе Пендаровски!

Во таков случај, во Уставот ќе влезат 3.000 декларирани и попишани Бугари, уште најмалку 100.000 Македонци кои при аплицирањето за бугарски пасоши се декларирале како Бугари по потекло, но и уште неколку стотици илјади „неосознаени“ Македонци, кои во периодот што претстои ќе бидат под силен притисок да се „осознаат“ како Бугари – откако историската комисија ќе прифати нови и нови компромиси во насока на бугаризација на македонската историја и откако сето тоа педантно ќе биде запишано во учебниците од кои ќе учат нашите потомци.

Кој тоа не може да го види, тој од носот подалеку не гледа!

Секако, има начин да разговараме за внесување на 3.000 Бугари во Уставот. Но, само ако не се чепка Преамбулата.

Впрочем, да повторам уште еднаш: барањето за „внесување“ на Бугарите во Уставот Европската Унија го аргументира како проект за заштита на граѓанските права на таа малцинска заедница во Македонија.

Тоа денеска во Скопје го кажа и австрискиот претседател.

Ние знаеме за јадец, нормално, но ете, можеме да го прифатиме тој „аргумент“.

Но, за да се оствари таа цел, нема потреба да се менува Преамбулата на Уставот.

Освен тоа, македонската влада нема преземено таква обврска. Ниту во Заклучоците на Советот на ЕУ од 18 јули 2022 ниту во Протоколот 2, не се зборува за промена на ПРЕАМБУЛАТА на Уставот.

Во Заклучоците се вели: „Советот ја поздравува намерата на Северна Македонија да започне и приоритетно да ги постигне релевантните уставни измени, со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во рамките на границите на државата и кои се дел од други народи, како што се Бугарите“.

Во Протоколот, пак, се вели: „Владата на Република Северна Македонија се обврзува да ги заврши соодветните процедури пред првата меѓувладина конференција и да ги вклучи во својот Устав оние нејзини граѓани кои живеат во земјата и се дел од бугарскиот народ и да го усогласи своето важечко законодавство, така што ги одразува измените на Уставот“.

Го прочитавте ли некаде зборот Преамбула? Не. Затоа што го нема

Кому и зошто му текнало да зборува за менување на Преамбулата на Уставот?

Нема ли друг начин да се разговара за ова прашање?

Ај, размислете малку!

Поврзани содржини