ДАЛИ КОВАЧЕВСКИ „ГИ ЗАБОРАВИ“ ТОРБЕШИТЕ? Од ПЕИ се уверени дека и тие ќе влезат во Уставот

Уверен сум, ако дојде до отворање на Уставот, и ако се обезбеди потребното пратеничко мнозинство, дека Торбешите ќе влезат како уставна категорија во Преамбулата, заедно со другите делови од народи, вели Камбероски.

3,238

Се надеваме дека не е намерно и не е тенденциозно тоа што премиерот Димитар Ковачевски, зборувајќи за уставните промени, не ги наведе и Торбешите, како една од етничките групи која побара и треба да биде наброена во Преамбулата на Уставот, вели за Плусинфо Алија Камбероски, вршител на должноста претседател на Партијата за европска интеграција (ПЕИ).

Премиерот Ковачевски синоќа изјави дека за почеток на преговори по поглавја со Европската Унија ќе треба да се направат уставни измени, со кои ќе треба да бидат вклучени делови од други народи кои што живеат во земјава, а кои сега не се впишани во Преамбулата.






– Во моментот зборуваме за Бугарите, Хрватите, Црногорците, меѓутоа веќе и деловите од израелскиот народ изразија таква желба, Египќаните веќе доставија официјално барање. Ние сме мултикултурно, мултиконфесионално општество и сме докажани како такви во Европа, практично ние претставуваме општество кое што е Европа во мало, бидејќи Европа е заедница на различности и јас сметам дека не треба да има проблем во однос на тие уставни измени – рече Ковачевски во „Тема на денот“ на ТВ Сител.

Тој не спомна дека на почетокот на август исто барање како и Египќаните достави и партијата ПЕИ, основана од струшкиот бизнисмен Фијат Цаноски, која околу себе ги собира Торбешите во Македонија. Повикувајќи се на многу меѓународни документи, ПЕИ достави барање до највисоките државни органи, при евентуалното отоврање на Уставот и тие да бидат внесени во Преамбулата како посебна етничка заедница.

„Со досегашното невклучување на торбешката популација во преамбулата на Уставот на Република Северна Македонија е направена неправда спрема голем број од населението, кое по бројност е на трето место во РС Македонија. Сметаме дека со внесување на Торбешите во Преамбулата на Уставот ќе се исправи оваа голема неправда направена кон оваа голема популација и ќе се создадат претпоставки за интегрална Република Северна Македонија, која е единствена наша држава“, се вели во барањето што на почетокот на август партијата ПЕИ го испрати до повеќе државни институции и до јавноста.

Поранешниот пратеник Камбероски, кој ја води партијата до следниот изборен конгрес, вели дека добиле охрабрувачки сигнали за ова барање.

– Добив официјално известување дека нашето барање е примено и ставено во постапка на разгледување во Министерството за правда. Проследено е и до владата и до шефот на државата. Сигурен сум дека ќе биде прифатено, и нема зошто да не биде прифатено. Уверен сум дека премиерот ненамерно нè изоставил, бидејќи веќе се намножи бројот на етнички групи кои бараат да влезат во Уставот, па не е тешко некој да се испушти. Освен тоа, таа постапка ќе трае, барем три месеци се потребни откако ќе се покрене, па во тој период повторно ќе го изнесеме своето барање. Уверен сум, ако дојде до отворање на Уставот, и ако се обезбеди потребното пратеничко мнозинство, дека Торбешите ќе влезат како уставна категорија во Преамбулата, заедно со другите делови од народи – вели Камбероски.

Според пописот во 2021 година, како Торбеши во земјава се изјасниле 4.174 македонски граѓани. Камбероски вели дека ако на тоа се додадат и оние што се изјасниле како Торбеши како нерезидентни граѓани, нивниот вкупен број изнесува околу 6.000, со оглед на тоа што голем дел од ова население оди на печалба во странство. Според него, ова е прв пат во Македонија на попис овие граѓани да можат да се изјаснат како Торбеши. Тие како како мајчин јазик го наведуваат македонскиот, а на прашање каква е разликата помеѓу Торбеши и Македонци-муслимани, Камбероски вели:

– Никаква, тоа е истиот народ, истите луѓе, само прашање е кој како го сфаќа својот идентитет.

Како Македонци муслимани на пописот се изјасниле 455, а само „муслиман“ како етничка, а не како религиска припадност, навеле 1.187 граѓани.

Со оглед на тоа што Торбешите не се „дел од народ“, кој има и своја матична држава, како во случајот на некои други наброени заедници, нивното барање за наведување во Уставот е специфично. Според ПЕИ, во нацрт амандманот за промена на преамбулата да Уставот треба да се внесе уставна категорија, „Торбеши“ односно „Торбешки народ“.

Поврзани содржини