ДАЛИ КОЦЕВСКИ МОЛЧИ ЗА ПРИСЛУШКУВАЊЕТО НА МИЦКОСКИ ЗАТОА ШТО ЗНАЕЛ СЀ Во итна истрага да се открие наредбодавецот, бара ВМРО-ДПМНЕ
Обвинителството на Љупчо Коцевски со денови молчи по откривањето на скандалозното следење и прислушкување на Мицкоски, новинари и бизнисмени од страна на службите за безбедност и разузнавање во периодот на власт на СДСМ. Потребна е итна истражна постапка, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Правосудните органи веќе треба да се отрезнат и да се фатат за работа, народот не ги плаќа да се кријат зад паушални соопштенија и да молчат во моменти кога треба да се најгласни и најактивни во целосно расветлување на вистината, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
„Јавното обвинителство веќе требаше да отвори истрага за да ги истражи сите наводи на, досега најголемиот скандал за прислушкување и следење на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Но, обвинителството на Љупчо Коцевски со денови молчи по откривањето на скандалозното следење и прислушкување на Мицкоски, новинари и бизнисмени од страна на службите за безбедност и разузнавање во периодот на власт на СДСМ. Дали молкот на Обвинителството и на Коцевски како негов прв човек, е затоа што тој знаел сè, затоа што во периодот на прислушкувањето како обвинител бил задолжен од ЈО за следење на издавањето на ПИ мерки“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Во својата шема за опстанок на власт, СДСМ ги вплетка не само службите, туку и Јавното обвинителство, се додава во соопштението.
„Затоа потребна е итна истражна постапка која ќе ја открие целата вистина и сите инволвирани лица, од извршители и помагачи, до оние кои ја дале наредбата за злоупотреба на службите со цел незаконско и неосновано следење на претседателот Мицкоски, како тогашен лидер на најголемата опозициска партија. Одговорност за овој случај мора да има. Пред лицето на правдата да се изведат како извршителите, така и наредбодавците. А, Коцевски и ЈО треба да си ја сработат работата и да даваат јасни и прецизни одговори на сите прашања, дилеми и основани сомненија“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.