ДАЛИ ИЛОН МАСК ЌЕ ГО КУПИ ТИК-ТОК? Отчукува часовникот, социјалната платформа наскоро ќе се забрани во САД

Блумберг њуз објави дека кинеските власти се во прелиминарни разговори за потенцијална продажба за да се избегне забраната што треба да стапи во сила доколку кинескиот сопственик „Бајт денс“ не го продаде својот бизнис во САД до 19 јануари. Во извештајот, во кој се цитираат неименувани луѓе запознаени со ова прашање, се вели дека едно сценарио за кое се дискутира би вклучувало спојување на Тик-Ток со платформата Икс на милијардерот Илон Маск.

188

Тик-Ток го отфрли како „чиста фикција“ извештајот во кој се тврди дека кинеската влада размислува да му ја продаде платформата на Илон Маск за да избегне забрана во САД.

Блумберг њуз претходно објави дека кинеските власти се во прелиминарни разговори за потенцијална продажба за да се избегне забраната што треба да стапи во сила доколку кинескиот сопственик „Бајт денс“ (ByteDance) не го продаде својот бизнис во САД до 19 јануари.






Во извештајот, во кој се цитираат неименувани луѓе запознаени со ова прашање, се вели дека едно сценарио за кое се дискутира би вклучувало спојување на Тик-Ток со платформата Икс на Маск.

Блумберг наведе дека не е јасно како Маск, најбогатиот човек во светот со проценета вредност од повеќе од 400 милијарди долари, ќе ја изврши оваа трансакција и дали ќе мора да продаде некоја од своите други компании за да го купи Тик-Ток.

Одговарајќи на извештајот, портпаролот на Тик-Ток изјави за Ал Џезира дека не може да се очекува да коментираат „чиста фикција“.

Врховниот суд на САД ја разгледува уставноста на евентуалната забрана, откако Тик-Ток поднесе правен приговор против Законот за заштита на Американците од апликации што ги контролираат други земји (Foreign Adversary Controlled Applications Act).

За време на усните расправии во петокот, судот се чинеше дека е склон да ја потврди забраната, при што повеќето судии не беа убедени во аргументот на Тик-Ток дека присилната продажба би го прекршила Првиот амандман на Уставот на САД кој ја гарантира слободата на говорот.

Претседателот во заминување, Џозеф Бајден, го потпиша законот за Тик-Ток во април 2024 година поради загриженоста за наводните ризици за националната безбедност.

Демократските и републиканските пратеници изразија загриженост дека платформата може да се користи за собирање лични податоци на Американците и за манипулирање со јавниот дискурс.

Новоизбраниот претседател, Доналд Трамп, чија инаугурација е на 20 јануари, вети дека ќе ја „спаси“ платформата за време на претседателската кампања, што е пресврт од обидот да ја забрани апликацијата за време на неговиот прв мандат.

Поврзани содржини