ДАЛИ И ВАМ ВИ ДОАЃА ТЕТКАТА ОД ШВАЈЦАРИЈА СЕКОЈ МЕСЕЦ? Жените користат кодно име за менструација, a влошките ги кријат во весник

Дали девојките и жените кај нас се срамат да зборуваат за менструација па користат кодно име, дали влошките ги виткаат во весници, а весниците ги користат како бекап за менструални влошки, што претставува менструалната сиромаштија и други прашања поврзани со менструалната правда се дел од сеопфатната студија за пристапот до менструална хигиена во Македонија која наскоро ќе биде претставена во јавноста

727

Здружението на граѓани за промоција на женската активност „Тииииит! Инк.“ и „Реактор – истражување во акција“, на прес-конференција во петок ќе ги претстават наодите од неодамна спроведената сеопфатна студија за пристапот до менструална хигиена во Македонија – Менструална правда: проценка на состојбите со менструалната сиромаштија и препораки за унапредување на политиките.

Студијата која ќе биде презентирана содржи три нивоа на истражувања кои ги отвораат прашањата за менструална правда преку анализа на искуствата, практиките и социјалните перцепции на девојките и жените кои менструираат, како и преку пресметки за трошоците за менструалното здравје и добри практики од регионот и пошироко.






Според резултатите од студијата, речиси половина или 48% од анкетираните средношколки биле воспитувани дека е срамота да се зборува за менструација, да се случи да „ти протече“ или да имаш дамки од менструација на облеката. Околу 66% потврдиле дека барем еднаш во животот се нашле во ситуација да немаат да пари да купат производи за менструална хигиена и да мора да импровизираат со крпи и весници.

„Живеам во рурална средина и до пред неколку години во локалната продавница кога некој ќе купеше влошки ги виткаа во весник, бидејќи во проѕирна најлонска кеса е срамота“; „Во основно и во средно колективно ги користевме изразите: дојде тетка ми од Швајцарија или имам женски проблеми“, се дел од изјавите на анкетираните во оваа студија.

Според податоците од ова истражување, дури 90% од испитаниците сметаат дека треба да има бесплатни производи за менструација во јавните објекти, а речиси сите, или 98%, би поддржале целосно ослободување од ДДВ или намалување на даночната стапка од 18% на 5% на менструалните производи, со што би требало да се намали и нивната цена.

Врз основа на добиените податоци за просекот за месечен буџет за производи за менструација и официјалната статистика за бројот на ученички во средно и основно образование, направени се пресметки за вкупните трошоци за обезбедување на бесплатни производи во основните и средните училишта.

Според добиените податоци, грижата за менструалниот циклус поврзана со набавка на комерцијални производи за менструација и лекарства против менструална болка, во текот на репродуктивниот период, во просек една жена ја чини 199.569,6 денари.

Според пресметките за трошоците, ако се земе последниот податок за просекот за нето-плата по вработен, што изнесува 27.588 денари, лице кое заработува просечна плата, во животот треба да работи 7,2 месеци само за да си ги исплати трошоците поврзани со производи за менструација и лекарства против менструална болка.

Пресметано е и колку би го чинело ова државниот буџет ако се донесе одлука да тргнеме по стапките на Шкотска, првата и засега единствената земја во светот која законски ги обврзува сите јавни институции, вклучително училиштата и универзитетите, да овозможат бесплатни достапни производи за менструација во своите деловни простории.

Поврзани содржини