ДАЛИ И ДРЖАВНА КАРДИОХИРУРГИЈА ВРШЕЛА ХЕМОФИЛТРАЦИЈА? Јавните набавки на филтри укажуваат на таква можност
Во 2020 година се набавени 17 филтри за хемофилтрација, во следната 2021 се купени 125, а во 2022 година се набавени дури 140 филтри за хемофилтрации – покажуваат документи од Бирото за јавни набавки.
Дали е можно и Јавната здравствена установа Универзитетска клиника – Државна кардиохирургија – Скопје да ја користела хемофилтрацијата како метода, и тоа во периодот на епидемијта на ковид, а не само Клиниката „Жан Митрев“, за која сега се води судска постапка?
Според јавно достапните податоци на Бирото за јавни набавки, кои ги објави Нетпрес, оваа Државна клиника во 2021 и во 2022 година значително ја зголемила набавката на филтри за хемофилтрација, во однос на претходните години. Имено, во 2020 година набавени се 17 филтри за хемофилтрација, во следната 2021 – 125, а во 2022 година дури 140, што е значително зголемување во однос на 2020 година.
Сите набавки на хемофилтрите, освен последната во 2022, се направени од компанијата Интерком, а во 2022 набавката е извршена од Омни Медикал. Според податоците од Малмед, компанијата Интерком користи хемофилтри од компанијата Бакстер, а за Омни Медикал нема никакви податоци какви филтри набавува.
Останува прашањето за што се користени филтрите, за какви компликации и медицински третмани, и зошто нивниот број драстично е зголемен за овие две години. Освен тоа, според обвинението за клиниката Жан Митрев, оваа метода е експериментална, барем што се однесува на третманот за ковид, па останува прашањето за каква намена и со каков статус е користена оваа метода на Државната клиника за Кардиохирургија?
Плусинфо официјално се обрати до ЈЗУ Универзитетска клиника Државна кардиохирургија-Скопје со овие прашања и ќе ги објави евентуалните одговори од таму.