ДАЛИ ГУГЛ „AI GEMINI“ СЛЕДИ СЀ ШТО ПИШУВАМЕ НА G-MAIL? Во САД е поднесена тужба против компанијата
Тужителите тврдат дека Гугл го прекршува Законот за нарушување на приватноста во Калифорнија. Тоа е закон од 1967 година кој изрично забранува тајно прислушување и снимање на доверливи комуникации без согласност на сите вклучени страни.
Гугл се соочува со нова тужба во која се обвинува дека го користи својот асистент за вештачка интелигенција Gemini за нелегално следење на приватните комуникации на корисниците на Gmail, Chat и Meet. Во групна тужба поднесена во федералниот суд во Калифорнија се тврди дека технолошкиот гигант тајно ја активирал алатката за сите корисници во октомври, давајќи му пристап до приватни податоци без нивно знаење или согласност, објави Bloomberg
Додека корисниците претходно имаа можност сами да ја вклучат програмата за вештачка интелигенција на Гугл, во тужбата се тврди дека компанијата во сопственост на „Алфабет“ еднострано ја променила својата практика. Иако е можно да се исклучи Gemini, корисниците мора да поминат низ комплицирани поставки за приватност за да ја пронајдат таа опција.
Доколку корисниците не го преземат тој чекор, Google наводно го користи Gemini за „пристап и експлоатација на целата снимена историја на приватните комуникации на своите корисници, вклучувајќи буквално секоја е-пошта и прилог испратена и примена во нивните Gmail сметки“, се вели во документот.
Тужителите тврдат дека Гугл го прекршува Законот за нарушување на приватноста во Калифорнија. Тоа е закон од 1967 година кој изрично забранува тајно прислушување и снимање на доверливи комуникации без согласност на сите вклучени страни.
Гугл сè уште не ги коментирал обвинувањата.