ДАЛИ ГРУБИ ЌЕ ОДГОВАРА ЗАШТО НА ПАРТИСКИ СОСТАНОК ДОШОЛ СО ВЛАДИНО ВОЗИЛО? Вицепремиерката Грковска бара од него објаснување
Владата лани во септември реши да ги заостри критериумите за користење на владините службени возила и донесе Одлука за начинот на користење и одржување на службените возила. Прашање е колку таа се почитува.
Заменичката на претседателот на Владата, задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, ќе побара објаснување од заменик претседателот на Владата за политички систем, Артан Груби зошто на партиски состанок во петокот во Мала Речица допатувал со службено возило.
„Принципот на одвојување на државните и јавните функции од партиските активности е еден од клучните елементи на доброто владеење. Во тој контекст сите функционери во рамките на своите партиски активности не треба да користат државни ресурси, вклучително и службени возила“, се вели во одговорот до Мкд.мк од кабинетот на заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики з.а добро владеење
Во петокот на ТВ снимките на кои се гледа како Артан Груби влегува во службено возило по состанокот на ДУИ во Мала Речица, први реагираа од ВМРО-ДПМНЕ: „И додека Димитар Ковачевски, папата на соларниот картел зборува за кратење на плати, патувања и трошоци, половина влада од ДУИ во партијата во Речица се појави со владини автомобили кои ги плаќаат граѓаните“.
Владата лани во септември реши да ги заостри критериумите за користење на владините службени возила и донесе Одлука за начинот на користење и одржување на службените возила, „како уште една мерка за рационално користење на службените ствари и буџетските средства“.
Според оваа одлука секоја употреба на службено возила ќе мора да е одобрена и наменска.
Со новите одредби, секое користење на службените возила мора да е одобрено, оправдано, наменско и рационално и во сообразност со визијата, мисијата, целите и делокругот на работата на државниот орган. И покрај тоа, сведоци сме дека и натаму се користат службените возила во разни прилики.