ДАЛИ ГРАДОТ И ЕСМ МИСЛАТ НА ГРАЃАНИТЕ? Не се знае до кога ќе се работи на мостот „Беласица“
ЕСМ подолг период работи на санација на топловодот на мостот Беласица, но процесот е комплексен и бара посветеност, велат оттаму. Во меѓувреме, граѓаните на кои им е потребен вртат кругови низ сообраќајниот метеж и поминуваат повеќе големи крстосници, за да поминат растојание од неколку стотини метри.
Не се знае уште колку долго по мостот „Беласица“, кој беше опожарен на почетокот на годинава, ќе можат да возат само лесни патнички возила и тоа само во двете крајни ленти. Ниту Градот Скопје, ниту ЕСМ не кажуваат нови информации, освен она што го кажаа пред повеќе од еден месец.
Градот тогаш преку соопштение информира дека сообраќајот на мостот ќе биде нормализиран тогаш кога ЕСМ ќе ја заврши поправката на мостот и ќе го постави топловодот. Од ЕСМ, пак, денеска на нашите прашања ги повторија одговорите од пред еден месец дека не можат да кажат кога ќе заврши поправката на мостот и инсталирањето на топловодот, бидејќи, велат, процесот е комплексен.
Граѓани и превозници реагираат дека им предизвикува проблеми тоа што мора да го заобиколуваат овој мост, ако сакаат да стигнат до комплексот станици.
– Со месеци го заобиколуваме мостот, бидејќи е забранет за сообраќај на тешки возила, а само еден километар има од Трговскиот центар Ист Гејт Мол до Меѓународната автобуската станица. Наместо да го минеме тој километар, мораме да возиме до раскрсницата кај Мавровка, па преку другиот мост до автобуската станица. Во одредени периоди има многу турканици на тие улици па губиме многу време. Не се знае ниту кога ќе биде завршена поправката на мостот – вели возач на автобус од Србија кој редовно вози до Скопје.
Истиот проблем го имаат и превозниците од Куманово, но и други возачи кои сакаат да го скратат возењето во тој дел од градот, посебно во шпицот кога турканиците во сообраќајот се големи.
Во ЕСМ велат дека подолг период работат на санација на топловодот под мостот „Беласица“.
– Успешно беа отстранети оштетените цевки и донесени се нови на кои се прави инсталација. Поставувањето на новите цевки е комплексна активност и бара сериозна посветеност и работа и се вложуваат максимални напори за санацијата да заврши во најкус можен рок. Додека траат активностите за поставувањето на новите цевки се користи алтернативниот вод на железничкиот мост кој има капацитет да врши континуирана испорака на топлинска енергија до потрошувачите. И покрај опожарувањето на мостот Беласица, и оваа грејна сезона која започна во октомври има сигурна и непрекината испорака на топлинска енергија до сите потрошувачи приклучени на дистрибутивната мрежа – велат од компанијата која има обврска да обезбеди парно за скопјани.
Градот Скопје не одговори на прашањето кога ќе почне нормално да функционира сообраќајот на мостот Беласица, но во септември оттаму соопштија дека тоа ќе се случи кога ќе заврши санацијата на мостот од страна на ЕСМ.
„Мостот на булеварот „Беласица“ ќе биде отворен за сообраќај само за лесни возила во двете крајни коловозни ленти, додека двете средишни коловозни ленти ќе бидат отворени во моментот на завршување на градежните работи од страна на ЕСМ“, соопштија тогаш од Град Скопје.
Претходно Градот и ЕСМ се обвинуваа кој е надлежен да го санира мостот по пожарот, откако беше објавен експертскиот извештај за состојбата на мостот на бул. „Беласица“ во кој беше наведено дека на него нема структурни оштетувања кои ја нарушуваат неговата безбедност. Беше констатирано дека има површинско напукнување на надворешниот бетонски слој во средишниот дел на едната страна на мостот, предизвикано од горењето на изолацијата на топловодните цевки на ЕСМ.