ДАЛИ ГЕРАСИМОВСКИ ЈА ИЗЛАЖАЛ ЈАВНОСТА? Лабудовиќ прашува за неговата бизнис врска со Заев и Филипче во Центар

Кандидатот за градоначалник на Центар ги критикува постапките на актуелниот градоначалник и најави соработка со Орце Ѓорѓиевски за нов лик на општината.

449

Кандидатот за градоначалник на Центар од Движењето ЗНАМ поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, Мирослав Лабудовиќ во гостување во емисијата „За или против“ на Алфа ТВ го обвини актуелниот градоначалник Горан Герасимовски дека избегнува дуел со него за втор пат.

– Секој кандидат различно си ја планира агендата, но ако сте актуелен градоначалник, имате обврска да се појавите на ТВ соочлување и да одговорите на повеќе прашања што ги интересираат граѓаните. Горан Герасимовски втор пат избегнува таков дуел. Јас, како граѓанин, сакам да му поставам повеќе прашања, но тие ќе се постават на празно столче, исто како што беше празен целиот негов мандат – рече Лабудовиќ.






Тој посочи дека сака да го праша Герасимовски за урбанистичките планови, наведувајќи дека Центар е рекордер по бројот на издадени дозволи, повеќе од 300, кои се уште се според плановите од 2012 година.

– Само три ДУП-ови се сменети, а шест се на разгледување. Дали тоа е навремена и точна постапка? Тоа е прашањето кое граѓаните заслужуваат да го слушнат – додаде Лабудовиќ.

Кандидатот за градоначалник го обвини Герасимовски и за потенцијални заеднички бизниси со поранешниот премиер Зоран Заев и министерот Венко Филипче во Дубаи.

– Центар е последното упориште на струмичките бизниси кои инвестираат и во Дубаи. Сакав да прашам дали и Герасимовски инвестира заедно со нив таму и да ја потврди или демантира шпекулацијата – дали бил присутен на јахтата на Заев – рече Лабудовиќ.

Лабудовиќ го оцени обидот на Герасимовски да се претстави како независен кандидат како несериозен и очајнички.

– Герасимовски е претседател на општинската организација на СДСМ во Центар и беше акламативно избран нивен кандидат. Сега го гледаме резултатот од првиот круг, катастрофален, и сака да се откаже од партијата, а утре би се откажал и од граѓаните ако не му одговара – нагласи Лабудовиќ.

Тој исто така потенцираше дека има одлична соработка со идниот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и дека заедно ќе работат на нови проекти и визија за Центар и Скопје.

– Со Орце Ѓорѓиевски се надополнувавме за многу идеи и идни проекти. Сигурен сум дека со него ќе направиме целосно свртување на текот на работите со нов пристап и нова визија, која ќе даде нов лик на Центар и Скопје – заклучи Лабудовиќ.

Поврзани содржини