Дали фосилните горива ги чека „мрачно“ сценарио во идниот светски енергетски микс?!

Декарбонизацијата е срцето на политиките на ЕУ. Но, последните случувања со затемнувањето (blackout-от) во Шпанија и во Португалија, како светски енергетски преседан, допрва ќе ги редефинираат актуелните енергетски политики на земјите во ЕУ и светот и неминовноста од употреба на генератори базирани на фосилни горива, како ладна резерва во сопствените енергетски системи.

420

На 21-вата Конференција за климатски промени во Париз (COP21), после десетици години поминати во преговори, земјите потписнички на Рамковната конвенција за климатски промени на ООН (UNFCCC) постигнаа Договор за борба против климатските промени, со цел одржување на зголемувањето на глобалната просечна температура под 2°C над прединдустриските нивоа, настојувајќи да го ограничат зголемувањето до 1,5 °C.

Вкупно 195 земји го ратификуваа договорот на национално ниво и со тоа се обврзаа да преземат акција на национално и на локално ниво, за намалување на емисиите на стакленички гасови при согорување на фосилните горива, со цел да го забават глобалното затоплување. Во спротивно, затоплувањето ќе предизвика неповрани, катастрофални последици за животот на планетата.






Дополнително, декарбонизацијата е срцето на политиките на ЕУ, во нејзината заложба за климатска акција согласно со Парискиот договор за климатски промени. До 2050 година, Европа има за цел да постане првиот климатски неутрален континент во светот со усвојување на европскиот Зелен договор, амбициозен пакет на мерки кој опфаќа намалување на емисиите на стакленички гасови, како и инвестирање во современи истражувачки дејности и технолошки иновации.

Република Македонија има двојна одговорност кога се во прашање климатските промени. Земјата мора да се придржува до политиките на ЕУ за клима и енергија, што подразбира преземање обврски за намалување на стакленичките емисии. Земјата, исто така, е договорна страна на Енергетската заедница, која го унапредува спроведувањето на регулативите на ЕУ за следење, известување и за верификација на стакленички гасови и презема чекори за справување со климатската криза.

Blackout-от во Шпанија и во Португалија ќе доведе до редефинирање на енергетските политики

Согласно со последниот објавен Светски eнергетски биланс (кој ги обработува податоците за 2022 година), фосилните горива  сочинуваат 81% од примарната енергија во светот, што претставува минимално намалување во однос на 2010 година, кога процентуалниот удел на фосилните горива изнесуваше 82,8%, односно  81,2% во 2000 година.

Според актуелните трендови од 2010 година, климатска неутралност во светски рамки, наместо во 2050 година, може да се постигне за 400 години, во 2401 година. Ако се земат предвид тековните трендови од податоците започнати во 1971 година, климатската неутралност ќе се постигне за 900 години, односно во 2905 година!

Последните случувања со затемнувањето (blackout-от) во Шпанија и во Португалија, како светски енергетски преседан, допрва ќе ги редефинираат актуелните енергетски политики на земјите во ЕУ и светот и неминовноста од употреба на генератори базирани на фосилни горива, како ладна резерва во сопствените енергетски системи.

Како и зошто потфрлија Шпанците?

Шпанскиот енергетски сектор потфрли во својата проценка на ризик и во својата превенција од аспект на сигурноста во снабдувањето.

Првиот ден по настанувањето на енергетската криза, Шпанија, токму со триплирање на производството на своите гасни централи, како единствена преостаната мерка за итни кризни ситуации, успеа да го искомпензира загубениот производствен капацитет на електрична енергија од фотоволтаичните и нуклеарните централи во државата. Четири дена подоцна, со дополнителна интеграција на енергијата од своите пумпни акумулациони хидроцентрали, Шпанија воспостави стабилна синхронизирана работа на својот енергетски систем, со што се создадоа услови за понатамошно нормално функционирање на шпанскиот енергетски систем, кој претежно се базира на енергија добиена од ОИЕ (ветер и сонце) и од нуклеарните централи.

Штетите што настанаа со шпанската енергетската криза допрва ќе се проценуваат во ЕУ и пошироко, при што истите ќе произведат фискални импликации на самата цена кај крајните потрошувачи, земајќи ја предвид неопходноста од реформи и од значителен развој на мерките од димензијата која се однесува на сигурноста во снабдувањето со енергија.

Како стои Македонија со фосилните горива?

Каква е состојбата со учеството на фосилните горива во примарната потрошувачка на енергија во Република Македонија?

Во Енергетски биланс на Република Македонија за 2025 година (,,Службен весник на РМ’’ бр.65/2025) на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, како индикативен плански документ, се предвидува потребите од енергија за 2025 година да изнесуваат 2,775 ktoe. Во 2025 година се предвидува нафтените продукти кои се доминантни да учествуваат со 42%, јаглените со 36% , а природниот гас со 9%. Исто така, се предвидува биомасата да учествува со 6% , хидро-енергијата со 4% и соларната енергија со 3,7%.

Без разлика на напорите на страните во генералниот Договор за драстичното намалување на субвенциите за фосилни горива, како главна причина за климатските промени по пат на воведување на правила за управување со јаглеродот, од претходно наведеното произлегува дека светската економија, несоменено, уште долг временски период ќе се базира на деловни стратегии карактеризирани со висок јаглероден отпечаток во својот енергетски микс.

(Авторот е експерт за гас, ЕУРЕМ и УНИДО европски енергетски менаџер)

Поврзани содржини