ДАЛИ ЕУРОМАКС РЕСОУРСЕС НАЈАВУВА И ПОСТАПКИ ПРОТИВ МИНИСТРИ? И Бектеши предупреди дека нивните изјави може да бидат употребени против државата
На берзата во Торонто вчера осамна информација дека компанијата која е носител на концесииите за рудникот Иловица-Штука веќе презела конкретни правни дејствија за активирање на правните инструменти за меѓународна арбитража.
Можни ли се последици и по поедини министри од актуелната влада покрај потенцијалното покренување меѓународна арбитража во Вашингтон, САД, од страна на Еуромакс ресоурсес, на која по последната одлука на Владата ѝ беше укинато спојувањето на концесиите за рудниците Иловица-Штука?
На берзата во Торонто вчера осамна информација дека компанијата која е носител на концесииите за рудникот Иловица-Штука веќе презела конкретни правни дејствија за активирање на правните инструменти за меѓународна арбитража.
„Иако непоколеблив приоритет за Компанијата останува развој и изградба на рударскиот комплекс во целосна согласност со современите домашни и меѓународни еколошки стандарди, согласно правилата на Меѓународниот центар за решавање на инвестициски спорови Компанијата веќе има дадено ‘Формално известување’ за спор до Владата и сега може да покрене меѓународна арбитража во секое време. Сите инволвирани страни може да бидат предмет на директни правни дејствија доколку во легална процедура се покаже дека новата одлука е во спротивност со позитивните законски прописи на Република Северна Македонија, или е политички мотивиранa“, се вели во информацијата објавена на Берзата во Торонто од компанијата во која најголем инвеститор е групацијата „Трафигура“, компанија која важи за најголем светски трговец со минерални суровини и енергенси.
– Компанијата разбира дека оваа одлука е чувствителна за сите засегнати страни, но ќе ги преземе сите неопходни активности законски и на друг начин за да ги заштити своите легитимни права и нејзината значајна историска инвестиција. Додека Владата може да има се обиде да добие дополнително време за да се постигне внатрешно усогласување, ваквите произволни политички одлуки, надвор од преовладувачката правна рамка, ќе алармираат до меѓународните институции и инвеститори и ќе фрлат сомнеж за транспарентноста и правната сигурност во Република Северна Македонија – изјави извршниот претседател на компанијата Тим Морган – Вин.
Последната владина одлука беше донесена откако дел од министрите во Владата побараа дополнително појаснување од министерот за економија, Крешник Бектеши, за документацијата поврзана со концесиите за рудникот „Иловица“, а дел од нив и излегоа со јавни изјави дека лично се против отворање на рудникот и присуствуваа на протестот што се одржа во Струмица. Дека овие изјави, но и стенограмите од владините седници на кои се одлучувало за концесиите за рудниците, може да бидат употребени во правни постапки против државата предупреди и министерот за економија, Крешник Бектеши, на прес конференцијата по одлуката за повлекување на спојувањето на концесиите.
Имајќи го ова предвид и најавата на компанијата, можно е и овие министри да бидат повикани на одговорност поради јавни изјави против инвестиција и покрај обемната документација со позитивни мислења од надлежните државни органи и судските одлуки донесени во полза на компанијата.