Соба со поглед и бесплатен ПЦР тест – почна битката за туристи во земјава
Иницијатива е доставена до институциите, но засега нема конкретен одговор туку само најава дека доколку има потреба ќе се донесе накакво решение.
Задоцнето е барањето државата, хотелите или туристичките агенции да го покријат целосно или делумно тестот за ковид-19 на странските трусти, велат туристички работници кои се занимаваат со обезбедување туристи за домашните капацитети. Тие сметаат дека странците кои сакаат да патуваат во земјава ќе бидат имунизирани до почетокот на сезоната. Хотелиерите и дел од агенциите, пак, сметаат дека е време институциите да реагираат и да донесат вакво решение. Тие доставија и иницијатива до институциите за делумно или целосно покривање на трошоците за тестот за ковид-19 на странските туристи.
Засега нема конкретен одговор на иницијативата, но се најавува дека ако има потреба ќе се донесе некакво решение во таа насока. Од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот велат дека се следи состојбата и во зависност од европските и светските практики ќе бидат предложени до Владата одредени олеснувања и покривања на некои трошоци доколку се потребни.
Асоцијациите на туристичките и угостителските капацитети ја образложувата иницијативата со потребата да се гарантира здравствено безбеден престој на станците во земјава.
– Имаме доставено предлог до државата во рамки на субвенциите што ги дава на странските туроператори да носат туристи во земјава да го покрие и ПЦР тестот на гостите. Тестот би се направил на крајот на престојот на гостинот за да може слободно да се врати во својата земја и да не прават дополнителен трошок за патувањето – вели Крсто Блажевски, претседател на Асоцијацијата на хотелиери (ХОТАМ).
Предлогот да се покрие трошокот за тестот за ковид-19 го прифаќаат и туристичките агенции кои имаат странски партнери и обезбедуваат престој на странски туристи во земјава, но дел од нив велат дека е задоцнето барањето.
Дончо Нацевски од „Арбо травел“ вели дека покривањето на трошоците за тестот и гаранцијата за безбеден престој се клучни за странските туристи кои и во наредниот период ќе се бара при враќањето на патникот тој да се тестира за ковид-19 или да биде во изолација.
– Времето поминато во изолација за овие патници е пари и тие би сакале да го одбегнат тоа. Со покривањето на трошоците, целосно или делумно, од страна на нашата држава, агенциите или хотелиерите би се дало до знаење дека тие се значајни за нас. А ние како туристички агенции и хотелиери би требало во прилог на традицијата да имаме гости од странство, а да се откажеме од делот од приходот што го остваруваме и да ги покриеме овие трошоци. Начинот на кој би се реализирало тоа треба да го направи државата – вели Нацевски.
Со спротивен став е Олег Маленко од ТА ВИС ПОЈ од Охрид.
– Мислам дека е доцна за реализирање на една ваква активност, бидејќи европските земји од каде што најмногу доаѓаат гости во земјава го имунизираат населението и секој што ќе сака да патува ќе има и вакцинален пасош со кој ќе може да влезе и во земјава. Проблем ќе биде дали Европската Унија ќе дозволи патување во земјава – вели Маленко.
И од ТА „Аурора“ велат дека иако е добра идејата, сепак таа нема да се одрази на зголемување на бројот на гости од странство.
– Покривањето на тестот за ковид-19 за странските туристи нема да влијае многу на нивната желба да патуваат во Македонија, ама ќе помогне во промоцијата на домашните туристички капацитети. Важно е државата да гарантира туристите да се чувствуваат безбедно и да се почитуваат препораките на СЗО – вели Андреј Сирачевски од ТА „Аурора“.
Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) велат дека во земјава сѐ уште е активна програмата за субвенционирање на странските тур-оператори и туристи од 15 до 65 евра и дополнително се следи состојбата.
– Во зависност од европските и светските практики АППТ ќе предложи до Владата одредени олеснувања и покривања на одредени трошоци доколку се потребни. Во овој случај во Македонија нема потреба од ПЦР тестови за грчките граѓани, како и за граѓаните на ЕУ, бидејќи една од основните цели на туризмот е да се зголемат странските туристи коишто ќе патуваат во државата. Тоа значи дека и АППТ активно работи и наскоро ќе отпочне со промоцијата во неколку стратешки земји од регионот и топ петте пазари за Македонија од коишто очекуваме оваа година да имаме туристи и се надеваме дека бројот на туристи во зависност од нормализирањето на состојбата ќе биде за 20-30% повеќе отколку во 2020 година – велат од Агенцијата.
АППТ, додаваат оттаму, интензивно работи на полето на поврзување на дестинациите со повеќе авио линии, рестартирање на линијата Скопје-Киев, старт на неколку стандардни линии со други земји и најавени чартер линии за ова лето од традиционалните дестинации како Полска, Турција, Холандија и отворање нова линија Скопје-Букурешт, која ќе биде два пати неделно. Но, велат, акцентот годинава ќе биде на домашните туристи.
– Моментално заедно со Владата работиме на создавање зелени зони за патување без ПЦР тестови за патување со Србија, Албанија, Косово, Турција и се надевам дека во периодот којшто е пред нас и со намалување на пандемијата дека ќе имаме можност да создадеме уште неколку зони кога е во прашање оваа проблематика – велат од АППТ.
Во овој момент патувањето во земјите на Европската Унија, велат од АППТ, е доста сложено за македонските граѓани.
– И покрај ПЦР тестовите во некои одредени земји има и дополнителни правила, па дури и земјите во Европската Унија меѓу себе имаат дополнителни правила на патување сѐ со цел да се ограничи ширењето на пандемијата сѐ до оној момент додека населението не го добие колективниот имунитет со вакцинација. Ние ги следиме најавите на регионалните, но и на европските земји за претстојната туристичка сезона 2021 година и во овој момент можам да кажам дека патувањата кон Република Грција се доста сложени бидејќи има доста ригорозни санкции кон македонските граѓани кои сакаат да престојуваат во Република Грција – велат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.