ЌЕ Ѝ СВЕТНЕ ЛИ НА ДАНЕЛА ПОРАНО ДА ГО УКРАСИ СКОПЈЕ? Општините ќе китат елки и веќе договараат пејачи

Неизвесноста околу прославата на новогодишната ноќ во Скопје ги разочарува скопјани, но и жителите на другите градови во Македонија, како и туристите кои можеби би дошле во нашиот главен град за да ги поминат празничните денови.

856

Пред нас е еден од највеселите периоди од годината, кога сите луѓе имаат посебно расположение поради новогодишните и божиќните празници. И додека светските метрополи веќе се украсуваат, прашањето е кога скопјани ќе ја почувствуваат празничната магија или исто како лани Градот Скопје ќе ги држи во неизвесност до „5 до 12“. Од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска на ова прашање засега само молк.

Плусинфо испрати прашања до градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и до нејзиниот кабинет, што ќе се случува деновите пред најлудата ноќ во годината, како и самиот пречек на новата 2024 година, дали Скопје ќе добие празнична атмосфера, но одговор сè уште нема.






Ваквата неизвесност околу прославата на новогодишната ноќ во Скопје ги разочарува скопјани, но и жителите на другите градови во Македонија, како и странските туристи кои можеби сакаат да дојдат во нашиот главен град и тука да поминат неколку дена за време на празниците.

За разлика од градоначалничката Арсовска, некои од скопските градоначалници за Плусинфо споделија што планираат да им понудат на своите сограѓани. Од информациите што ги добивме буџетите не им дозволуваат да се расфрлаат со пари за новогодишно украсување, па затоа улиците, плоштадите и скверовите помалку ќе блескаат, но сепак жителите ќе ја почувствуваат магијата за новогодишната ноќ.

Од општина Аеродром велат дека повеќе од еден месец пред новогодишната ноќ ги започнале подготовките за украсувањето со што општината кон средината на декември ќе добие празничен лик.

– Новогодишното украсување на општината вклучува поставување и украсување на централна новогодишна елка, украсување на четири помали новогодишни елки, поставување светлосна фонтана и светлосен тунел, како и украсување со новогодишни украси и светилки на неколку локации во општината – велат од општината.

Согласно плановите на општината, новогодишно украсување ќе биде поставено на парковите „Јане Сандански“, „Тоше Проески“, „Бановина“, „Мичурин“, „Бисер“, „Палма“ и паркот „Авионче“, како и на улицата Островска и кај кружниот тек на улицата Коста Новаковиќ.

– Општината подготви и предновогодишен настан кој ќе трае три дена, а на кој ќе настапат домашни и регионални музички артисти. Со новогодишното украсување Општина Аеродром го следи примерот на модерните европски градови, каде со новогодишните декорации и светилки се означува почетокот на Новата година. Очекуваме новогодишното украсување и предновогодишниот настан да донесат празнична атмосфера во Аеродром и да бидат причина за радост и среќа кај граѓаните кои живеат тука – нè информираа од општината.

Богата забавно-едукативна предновогодишна програма подготвува и Општина Центар. Во периодот од 6 до 27 декември, во трговскиот центар „Рамстор“ ќе се одржат повеќе интересни настани, вклучувајќи ликовни изложби, настап на „Златно славејче“, како и два новогодишни базара на кои ќе учествуваат основните училишта и градинките од Центар.

– Како општина која има посебно, централно место во престолнината, го следиме примерот на европските метрополи, кои посветуваат особено внимание на украсувањето на градското јадро, каде секогаш има голема фреквенција на граѓани и туристи. Новогодишното украсување вклучува поставување новогодишна елка во висина од 9 метри на скверот „Јадран“, а просторот ќе биде украсен со светлосна мрежа од ЛЕД светилки и светлечки фигури – ни одговорија од општина Центар.

Оттаму додаваат дека на Боемска 1 и Боемска 2 ќе биде поставена деветметарска елка, осветлена со ЛЕД светилки, а улиците ќе бидат украсени со светлечка мрежа во облик на ѕвездено небо, ќе бидат поставени светлосни фигури на бандери.

Долж улиците Орце Николов, Михаил Цоков ќе биде поставено украсно осветлување, ѕвездено небо и светлечки фигури. Скверот пред Општината и општинскиот двор исто така ќе бидат украсени.

– Скверот пред Општината ќе биде осветлен новогодишно, ќе биде поставен забавен парк за најмалите, а ќе бидат поставени и дрвени куќички на кои ќе има новогодишен базар. На улицата Народен Фронт ќе биде поставен портал на алуминиумска конструкција, украсен со светлечки елементи, ќе бидат поставени и светлосни фигури. На скверот Капиштец ќе биде поставена елка во висина од 9 метри, а просторот ќе биде окитен и осветлен новогодишно. И во паркот Капиштец ќе биде поставена новогодишна елка, мрежно осветлување и светлосни фигури – додаваат од општината.

Најавено е украсување и на кружниот тек на улиците Антоние Грубишиќ, Пиринска и Н.Н. Борче со поставување столбна елка висока најмалку 4 метри, светлосни фигури во вид на цвет, кружниот тек и оградата ќе бидат осветлени со мрежа од светилки.

– Се прават подготовки и за централната новогодишната забава, а Општина Центар е во преговори со домашни естрадни имиња – велат од Центар.

Од Општина Карпош за Плусинфо информираа дека имаат распишано тендер за новогодишно украсување во висина од 500.000 денари.

– Украсувањето е планирано на плоштадот „Делфина“, како место каде што има најголема фреквенција на граѓани. На плоштадот ќе се постави новогодишна елка и други украси. Новогодишна програма за ноќта на 31 декември не е предвидена, но во текот на деновите пред Нова година, во зависност од временските услови може да се организираат одредени настани како на пример изложба на олдтајмери или приредба во која би учествувале ученици од основите училишта на територијата на општината – нè информираа од Карпош.

И додека скопјани, но и туристите, чекаат на градоначалничката Данела Арсовска да ѝ „светне“ околу организацијата на предновогодишниот „Винтерленд“ и прославата на најлудата ноќ, некои од градовите од регионот веќе ги имаат договорено уметниците кои ќе пеат вечерта на 31 декември.

Арсовска лани ветуваше специјална прес-конференција за да каже што точно ќе се случува во Скопје во декември, но таа никогаш не ја одржа. Градот беше минимално „накитен“ и повеќе наликуваше како да ќе се организира некој панаѓур. Дури на 15 декември беа поставени куќарките од „Винтерленд“ на плоштадот „Македонија“ и посетеноста беше навистина слаба.

Што се однесува до самата прослава на новогодишната ноќ, од Град Скопје граѓаните не добија никаква информација, туку пејачката Елена Ристеска неколку дена пред да настапи, на социјалните мрежи ги покани своите фанови да ѝ се придружат на прославата која се случи на плоштадот „Македонија“. За учеството на другите уметници, скопјани дознаа на 30 декември од здружението на естрадни уметници „Естрада“ кое заедно со компанијата СЛС ја организираше прославата на плоштадот „Македонија“ во Скопје.

Еве кој ќе пее во некои од балканските градови  

Џибони ќе биде во Риека, Жељко Јоксимовиќ ќе настапи во Мостар, Марија Шерифовиќ ќе пее во Зеница. Во Пореч ќе настапи Петар Грашо, а пак жителите на Бар ќе ги забавува Лепа Брена.

Дубиоза Колектив на 31 декември ќе настапат во Ровињ. Богата програма е најавена во Сараево каде што ќе бидат Забрането пушење, Црвена јабука и многу други, а пак во Тузла ќе бидат Бајага и инструктори. Лет 3 со загребската филхармонија ќе настапат во Загреб, а пак во Херцег Нови ќе свири Горан Бреговиќ со Оркестарот за свадби и погеби, но и Ален и Тифа од Бијело дугме.

Поврзани содржини