ДАЛИ Е ПЛАТЕН ДАНОК НА ПРОМЕТ ЗА ТЦ СОРАВИЈА И КАКО? Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ ги прозива институциите
Лага е дека ТЦ Соравија е загубар, за две години трговскиот центар има добивка од околу 2 милиони евра – тврди Ковачки.
Владата на Димитар Ковачевски и институциите под негова контрола наместо да молчат, да кажат дали е платен данок на промет за продажбата на ТЦ Соравија и како е извршена трансакцијата – побара денеска Драган Ковачки, пратеник и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
– Дали внукот на Ахмети покрај тоа што не платил ниту денар за Соравија, не платил ниту денар на име данок на промет? Според тоа што го објавија медиумите во нивни истражувања не е евидентирана никаква трансакција во Македонија? Оттука Ахмети треба да каже како е направена купопродажбата и преку која даночна регулатива?
Истовремено мора да се нотира дека се лага тврдењата и сликата која сакаат да ја создадат Ахмети и други инволвирани во случајот, дека Соравија е загубар, со големи кредити. Од достапните информации, може да се заклучи дека за две години деловниот центар Соравија остварил добивка од близу 2 милиони евра. И сето тоа кога истиот не е целосно искористен.
Деловниот центар Соравија е голем објект кој има голем неискористен простор. Оттука се поставува прашањето, дали во него ќе се најдат како закупци фирми блиски до власта или можеби и државни органи? Дали кланот Зајас преку Соравија ќе вади милионски профити – праша Ковачки.