ДАЛИ Е МОЖНО ДА СЕ ЗЕМЕ ПРЕМНОГУ МЕЛАТОНИН? Што се случува кога ќе се претера со „хормонот на сонот“?
Мелатонинот е многу популарен. Сè повеќе луѓе земаат мелатонин за подобар сон, но научниците предупредуваат: дозите можат да бидат преголеми, а ефектите – непредвидливи.
Мелатонинот, природен хормон кој телото го лачи за регулирање на циклусот спиење-будење, во последниве години стана лесно достапен додаток во исхраната, особено во САД каде што не е строго регулиран.
Сè повеќе луѓе користат мелатонин како решение за проблеми со спиењето – од несоница, до справување со временските разлики.
Според новото истражување објавено од National Geographic, во последната деценија драстично се зголемиле и продажбата и дозите на достапните мелатонински производи – некои содржат и до 10 милиграми по доза, што е дури 10 пати повеќе од количината што телото природно ја произведува.
Според стручњаците, растечката употреба и зголемените дози на овој хормон на сон може да носат ризици кои јавноста не ги сфаќа доволно сериозно.
Мелатонинот е хормон кој природно го произведува телото – најмногу навечер, како сигнал дека е време за спиење. Но, денес милиони луѓе земаат мелатонин во форма на суплемент – честопати во дози далеку поголеми од она што телото нормално го лачи.
Истражувањата покажуваат дека употребата на мелатонин во САД се зголемила четирикратно од 2007 до 2012 година, а драстично пораснала и просечната доза на таблетите – во некои случаи и до 30 пати повисока од природното ниво.
Недостаток на регулација и ризик од предозирање
Голем дел од додатоците со мелатонин се продаваат без рецепт и без строга регулатива, што значи дека количината на активна состојка често варира. Истражување од 2017 година на 31 додаток со мелатонин, продавани во Канада, покажало дека реалната содржина на мелатонин варирала од 83 до 478 проценти од она што било наведено на етикетата.
Иако мелатонинот не се смета за токсичен и предозирањето ретко е опасно по живот, несаканите ефекти можат да бидат значајни – од утринска поспаност и главоболки, до промени во расположението и нарушувања на природниот биолошки ритам.
Посебна загриженост кај децата
Зголемена е и употребата на мелатонин кај деца, иако ефектите од долгорочна употреба не се доволно истражени. Педијатрите предупредуваат дека кај децата и тинејџерите, чие тело сè уште се развива, неконтролираната употреба на хормонални суплементи може да има долгорочни последици.
Внимателно и со консултација
Иако многумина го гледаат мелатонинот како „безопасен“ додаток, експертите советуваат внимателна и умерена употреба, како и консултација со лекар пред започнување со редовна употреба. Доколку се користи, треба да биде во најмала можно ефективна доза и за краток временски период.
Добрата вест е дека додатоците во исхраната со мелатонин не претставуваат ист ризик за физичка зависност како лековите за спиење. Затоа, можете да пробате мелатонин без да доживеете физички симптоми на апстиненција или повторна појава на несоница кога ќе престанете да го земате.
Но, постои и друга страна за која треба да бидете свесни: Експертите се согласуваат дека можете да станете психолошки зависни. Имено, кога земате нешто што ветува дека ќе го олесни процесот на заспивање – без разлика дали е тоа мелатонин или друго „природно“ средство за спиење – си давате ментално зелено светло да се опуштите и да задремете, создавајќи позитивна поврзаност помеѓу тоа однесување и одмарањето.
Експертите препорачуваат да забавиме со брзите решенија и да откриеме во што е нашиот проблем.