ДАЛИ Е БЕЗБЕДНО БУГАРИ ДА ДОЈДАТ НА ГРОБОТ НА ГОЦЕ НА 4. ФЕВРУАРИ? Секој е добредојден, ако не провоцира и не навредува, рече Османи на БТВ
Секој граѓанин на Република Бугарија е добредојден во Република Северна Македонија да ги посети сите историски и културни споменици, но ве молам да внимаваме на достоинството на граѓаните, на народите коишто живеат во Република Северна Македонија и да се почитуваме еден со друг - рече Османи.
Секој државјанин на Република Бугарија е добредојден да ги посети културните и историските споменици, но притоа не смее да ги навредува граѓаните на Република Северна Македонија и да го негира постоењето на македонскиот народ – истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за бугарската телевизија БТВ.
На прашање дали државјаните на Бугарија ќе бидат безбедни доколку дојдат да положат цвеќе во црквата Свети Спас во Скопје, по повод годишнината од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев на 4 февруари, Османи истакна дека Република Северна Македонија е отворена за сите туристи кои сакаат да ги посетат културните и историските знаменитости на државата.
– Добив една информација дека државјаните на Република Бугарија се едни од државјаните кои најмногу ја посетуваат Република Северна Македонија во туристички цели. Тоа значи дека има политика на државата да биде отворена за секој граѓанин и на Република Бугарија. Меѓутоа, тоа што го кажав и денеска, доколку било кој дојде во Република Северна Македонија и ги навреди граѓаните во Република Северна Македонија, и го негира постоењето на цел еден народ, верувајте ќе мора да го адресираме тоа прашање и да го кажеме дека тоа ќе биде последното доаѓање во Република Северна Македонија. Секој граѓанин на Република Бугарија е добредојден во Република Северна Македонија да ги посети сите историски и културни споменици, но ве молам да внимаваме на достоинството на граѓаните, на народите коишто живеат во Република Северна Македонија и да се почитуваме еден со друг – рече Османи.
Неодамна Виктор Стојанов, претседател на фондацијата „Македонија“, на својот Фејсбук профил најави дека на 4. февруари годинава ќе биде организиран превоз на Бугари кои сакаат да се поклонат на гробот на Гоце Делчев во Скопје по повод 131 години од неговото раѓање. На ова македонски патриотски организации најавија дека на истиот ден ќе организираат собир во црквата Свети Спас по повод роденденот на Гоце Делчев. Реториката околу овој настан уште повеќе се вжешти откако минатиот четврток беше претепан секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид.