🎥 ДАЛИ ДО КРАЈОТ НА ДЕКЕМВРИ ЌЕ ПОЧНЕ ПРОЦЕСОТ НА УСТАВНИ ИЗМЕНИ? На опозицијата ѝ е работа да критикува, но владејачката коалиција е стабилна
За постојаните напади од нивниот политички ривал, опозициската ДУИ. Африм Гаши вели дека не треба да имаме илузии дека партиите, кои се во опозиција, ќе престанат да ја критикуваат власта. Сепак, вели тој, односите во владејачката коалиција се стабилни. Гаши додава дека со оваа власт, тој што направил криминал ќе одговара без разлика на неговата партиска, политичка или, пак, етничка припадност.
„И можеме и не можеме да кажеме. Ако нешто не зависи од нас не можеме да тврдиме дека ќе има или не. Кога ќе има јас се надевам дека ќе бидам известен и веднаш ќе ја започнеме процедурата“.
Ова го изјави претседателот на Собранието, Африм Гаши, во интервју за МИА одговарајќи на прашањето дали може да се каже дека до крајот на декември нема да почне процесот на уставни измени во контекст на отворањето на преговорите со ЕУ.
– Ова прашање има две компоненти. Едната е процедуралната и втората е политичката волја. Што се однесува до првата, Собранието заедно со службите, со Комисијата е подготвено во секое време, кога ќе има предлог за уставни промени, да ги ставиме на дневен ред, да почне процедурата и да заврши како што е предвидено со Устав и со Деловник. Вториот дел, што се однесува до политичката волја, тоа повеќе е прашање за политичките актери, за лидерите на политичките партии, на мнозинството или на две третини од пратениците кои треба да ги усвојат тие измени, и за тоа не сум претпоставен да одговорам – изјави Гаши.
Поради многу причини, подобро е законите да се носат во редовна постапка
Една од најголемите забелешки, која со години се повторува во Извештајот на ЕК, е бројноста на закони што во Собранието се носат по скратена постапка. Претседателот на Собранието вели дека тие секојдневно им укажуваат на предлагачите на законите, односно министрите и Владата, дека законите треба да се носат во редовна постапка и за нив да има јавни расправи. Тој укажува на фактот дека Собранието не ја утврдува постапката како ќе се носи еден закон.
– Прво, сакам да објаснам до граѓаните повеќе дека Собранието не може да го утврди предлогот на закон и која постапка предлагачот ја предлага. Дали Владата, министри, пратеници, тој што го предлага законот, тој ја опишува и бара да се претресе или да се спроведе постапката по скратена или по редовна постапка – значи, предлагачот го опишува тоа и го бара. Ние сме принудени и по Деловник да го почитуваме барањето на предлагачот. Но, што треба да бараме. Токму тоа што вие го рековте, значи ние се обидуваме и со пратениците и со Владата и со министрите да им укажеме дека не е добро да има скратени постапки заради мал милион икс причини. Една од причините е транспарентноста, правната сигурност, информираноста на граѓаните, а од друга страна тоа што ние сакаме, како нов состав во Собранието и како ново раководство… Навистина многу ми е битно да имаме повеќе јавни расправи. Тие би можеле да се случат само ако во Собранието имаме време да се разгледаат законите, да ги вклучиме јавноста, експертите и заинтересираните страни за да се дебатира по секој закон кој ќе се носи – вели Гаши.
Од друга страна, посочува тој, укажуваат дека не се добиваат многу денови со скратувањето бидејќи седниците се закажуваат многу често и има јасна предвидливост.
– Се случува понекогаш и со скратена да трае подолго од редовна, замислете. Затоа им објаснуваме на министрите и на Владата дека не е добро да ги праќаат законите по скратена постапка – вели Гаши.
Претседателот на Собранието изрази задоволство што на последната седница на Владата имало неколку закони кои од нивната комисија требало да се испратат до Собранието по скратена постапка и им било укажано да ги вратат и да ги поднесат по редовна постапка.
– Значи, има ефект, ќе има подобрување во тоа, тоа ќе го следиме, вели Гаши.
Комуникацијата со премиерот и со претседателката е одлична, а односите во владејачката коалиција се стабилни
Како претседател на Собранието ја оценува како одлична комуникацијата со премиерот Христијан Мицкоски и со претседателката Гордана Сиљановска Давкова, додека за односите во владејачката коалиција, откако ја презел функцијата прв човек на законодавниот дом, се информира од сопартијците и вели дека е многу стабилна.
– Релациите се коректни, имаат добри односи во коалицијата по тоа што јас го гледам и мислам дека иако се обидуваат другите политички актери или понекогаш јавноста или новинарите да го прикажат поинаку, мислам дека сепак и бројот на пратениците, мнозинството од 78 пратеници, сам по себе кажува дека мнозинството е стабилно. Мислам дека им е многу важно на граѓаните да им дадеме една правна и политичка сигурност која порано не сме ја имале. Граѓаните очекуваат ние да им ги подобриме животните услови, животниот стандард, економијата и тоа се прави само во една стабилна и безбедносна политичка ситуација. Мислам дека оваа Влада и оваа коалиција тоа го искажуваат со своето делување и мислам дека како ќе тече времето, така граѓаните ќе гледаат дека ние сме заложени за имплементирање на нашата програма, а главната цел е да ги подобриме животниот стандард и животот на сите граѓани – потенцира Гаши.
Да немаме илузии дека партиите во опозиција нема да ја критикуваат власта
За постојаните напади од нивниот политички ривал, опозициската ДУИ. тој вели дека не треба да имаме илузии дека партиите кои се во опозиција ќе престанат да зборуваат или нема да ја критикуваат власта.
– Тоа секогаш ќе се случува. Граѓаните се тие кои ќе ценат на крај што работи власта и што прави опозицијата и дали критиките се на место. Мислам дека имаме висока политичка едукација на граѓаните. Значи, нашите граѓани се многу политизирани, можеби и премногу, можеби и повеќе отколку што треба и затоа сѐ што ќе кажете како власт, како опозиција, како пратеник, секоја критика дали држи вода или не држи вода, граѓаните го ценат тоа – рече Гаши.
Според тоа како тој ја гледа политиката, власта не треба да троши многу време на опозицијата.
– Во моментот кога добивате доверба од граѓаните да ја водите државата, во тој момент вие сте обврзани сите граѓани да ги гледате исто, да им служите на сите граѓани исто и да ја имплементирате програмата за која сте барале гласови. Вие треба да работите со имплементација на програмата, а тие се занимаваат со вас. Ние не треба да се занимаваме со опозицијата. Ние треба да се занимаваме со нашата работа, да носиме квалитетни закони, да им носиме странски инвестиции, да ги зголемиме платите, пензиите, да носиме нов концепт во образованието, да го подобриме здравството, нови болници, нов клинички центар, нови патишта, автопатишта, тоа е нашата работа – рече Гаши.
Кој направил криминал треба да одговара без разлика на неговата политичка или етничка припадност
Главното што го очекуваат граѓаните, посочува тој, е одговорност бидејќи во изминатите 34 години тоа е нешто во што најмногу потфрламе. Мораме, потенцира претседателот на Собранието, да ѝ ставиме крај на неодговорноста.
– Можеби тоа е главното нешто што во ова време граѓаните го очекуваат. За овие 34 години, ако по нешто најмногу потфрламе, тоа е одговорноста. Значи, никој досега… Како што се менуваше власта, минатите структури не давале одговорност, немало постапки, процеси кои би се решиле објективно низ судските органи, тој кој направил криминал без разлика на неговата припадност, партиска, политичка, етничка, да одговара за прекршување на законот и мислам дека можеби нешто што најбргу треба да го испорачаме ние како држава во моментов, заедно со судската власт, нормално ние да обезбедиме аргументи и факти ако нешто не е направено некаде, а тоа од судските органи да го спроведат… Мораме да ѝ дадеме крај на неодговорноста. Ова мора да заврши. Затоа граѓаните најмногу ја напуштаат државата според мене. Гледаат дека на кој му текнува го крши законот, се корумпира, се криминализира и потоа продолжува да живее во оваа држава како ништо да не се случило. Тоа мора да престане затоа што имаме многу граѓани кои се достојни граѓани, чесни граѓани, работат чесно, никогаш не прекршиле закон, а некои други, кои се богатат врз нивниот грб, се криминализираат, корумпираат и никогаш не одговараат. Ако оваа правда не ја донесеме, верувајте дека сето друго ќе биде беспредметно – потенцира Гаши.
Не постои идеален Деловник
Претседателот на Собранието вели дека досегашната комуникација со координаторите на пратеничките групи е коректна, додавајќи дека тоа е двонасочна улица.
– Досега во функција на добро функционирање на Собранието, мислам дека наоѓаме добар јазик, договараме, разговараме, комуницираме. Нормално е дека имаме разни мислења понекогаш, но битно е дека во делот на координацијата на Собранието, тој дел се одвива, мислам дека во задоволителен, или би рекол, во најдобар можен начин – рече Гаши.
Работата на претседател на Собранието, нагласува тој, се обидува да ја извршува многу чесно, по Устав, Закон и Деловник и непристрасно во него да гледаат човек кој е еднаков кон сите.
Актуелниот состав на Собранието ја започна својата работа со нов Деловник за работа, документ за чија примена и недоследности веќе има одредени забелешки. Гаши во интервјуто вели дека не треба да имаме илузија дека некогаш би можело да постои некој идеален документ. Се покажа дека Деловникот има недостатоци, но тоа, според него, е повеќе работа на политичка и на правна интерпретација и политичките партии секогаш ќе го користат заради артикулација на нивните политички ставови. Но, за да се добие подобар и поквалитетен документ се потребни две компоненти.
– Првата е да има консензуалност и дологотрајна работа. И вториот дел е да биде исконсултирани не само политичките партии, туку и службите во Собранието и тие кои го применуваме Деловникот. Низ процесот на Жан Моне присуствуваше и беше испочитувана првата компонента. Значи процесот беше консензуален, заедно со европратеници, сите политички партии, долго време дискутирано, но не беа земени предвид забелешките на службите, на Собранието. И затоа мислам дека веќе веднаш на почетокот наидуваме на некои различни интерпретации – рече Гаши.
Претседателот на Собранието смета дека Деловникот е подобрен во некои делови и дека има подобар перформанс од порано, но, според Гаши, нормално е дека секогаш „ќе има мали работи кои поинаку ќе бидат интерпретирани“.
– Јас би настојувал во иднина, кога ќе се отвори прашањето за промена на Деловник, да биде и консензуален, и да бидат консултирани и службите, и тие кои го применувале, и експертската јавност. И тука постои уште еден трет елемент кој е дополнтелен, а тоа е, како да ви кажам, институиционална меморија и традиција. За жал, досега тоа е оставено на одредени политички функционери, во суштина претседатели на Собрание кои своеволно или арбитрарно го имаат толкувано Деловникот во одредени делови. Додека ние во Собранието, не за џабе, сме формирале и сме предвиделе Комисија за деловнички и имунитети прашања. И таа Комисија никогаш не заседавала, многу ретко. И јас веќе веднаш на почетокот, по овие работи кои веќе ги споманавте со кои наидовме ние на различни интерпетации, колизија на членови во самиот Деловник, испративме писмо на 2 октомври до Комисијата за деловнички прашања да заседаваат и да ги увидат или детектираат точките – рече Гаши.
На прашањето кога ќе заседава Комисијата, тој вели дека ќе треба да заседава без да прецизира кога ќе се случи тоа. Него, како што потенцира, му е многу битно да не се персонализира функцијата претседател на Собрание.
– Ниту еден човек не е идеален. Затоа мислам дека треба да градиме институционален пристап кон функцијата претседател на Собрание. Јас тоа се обидувам да го правам од почетокот и за тоа ќе настојувам до крајот на мојот мандат – посочува тој.
Комисиската расправа за Предлог-Буџетот за 2025 година во Собранието ќе почне на 14 ноември
Комисиската расправа за Предлог-Буџетот за 2025 година во Собранието ќе почне на 14 ноември, а пленарната седница за негово носење се очекува да биде закажана во втората недела од декември, вели Гаши.
– Предлог-Буџетот за 2025 година е донесен на 5 ноември. Неколку дена ќе остане во Собрание за разгледување. Комисиската расправа ќе почне на 14 ноември и трае до 30 ноември. Значи, по новиот Деловник, веќе е утврден крајот на ноември односно 30 ноември како последен датум кога треба да заврши комисиската расправа. Потоа се носи предлогот до Влада, очекуваме Владата да го дополни предлогот и во втората недела од месец декември треба да биде свикана пленарната седница, која трае пет дена и се надеваме дека во рамки а тие четири – пет дена ќе биде донесен буџетот за 2025 година – изјави Гаши во интервју за МИА.