ДАЛИ ДИЗЕЛ И БЕНЗИНСКИТЕ АВТОМОБИЛИ ЌЕ ЈА ПРЕЖИВЕАТ ДЕКАРБОНИЗАЦИЈАТА? Урсула фон дер Лајен на средба со лидерите на европската автоиндустрија

Целта на овој трет состанок во овој состав, како што соопшти Еврокомисијата, е да се заштити иднината на секторот, кој е од витално значење за европскиот просперитет, во сегашниот нестабилен геополитички контекст, како и да се обезбеди негова долгорочна конкурентност, одржливост и отпорност, паралелно со остварувањето на целите за климатска неутралност

67

Во Брисел денеска се одржува средба на членови на Европската комисија, предводени од нејзината претседателка Урсула фон дер Лајен со првите луѓе на најголемите европски компании од автоиндустрискиот сектор, социјалните партнери и другите клучни засегнати страни.

Целта на овој трет состанок во овој состав, како што соопшти Еврокомисијата, е да се заштити иднината на секторот, кој е од витално значење за европскиот просперитет, во сегашниот нестабилен геополитички контекст, како и да се обезбеди негова долгорочна конкурентност, одржливост и отпорност, паралелно со остварувањето на целите за климатска неутралност.






Според најавите, се очекува главна тема на состанокот да биде барањето на автомобилската индустрија за укинување на одлуката на Еврокомисијата со која од 2035 година треба да стапи во сила забрана за производство на дизел и бензински автомобили.

„Ветер во грбот“ на автомобилската индустрија ѝ даде германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој во обраќањето на отворањето на Саемот за автомобили во Минхен во понеделникот побра од ЕУ укинување на оваа забрана, по што Фон дер Лајен сигнализираше дека Комисијата е отворена за таквата идеја.

Во пресрет на денешниот состанок генералната директорка Европската асоцијација на производители на автомобили (AЦEA), Зигрид де Врис изјави дека очекува на него да се договори „прагматичен, пофлексибилен и технолошки неутрален политички пристап кон декарбонизацијата“ во патниот транспорт при исполнувањето на климатските цели од Париз.

– Ригидната регулатива за емисиите на јаглерод диоксид за автомобилите и комбињата мора да се прилагоди на реалноста. Да се биде успешен значи исполнување на сите основни приоритети на ЕУ – економска безбедност, индустриска конкурентност и рамка што ги прави возилата со нулта емисија на јаглерод диоксид јасен избор за граѓаните и бизнисите во сите сегменти. Едното не може да се оствари без другото – истакна Де Врис.

Европската автомобилска индустрија е посветена и инвестирана во трансформацијата кон електрични возила, но нивниот сегашен удел на европскиот пазар е 15,6% кај електричните автомобили и 8,5%кај електрокомбињата.

АЦЕА смета дека при заложбите за постигнување на целите на ЕУ за емисиите на јаглерод диоксид мора да се води сметка и за зајакнувањето на индустриската конкурентност и отпорност на автоиндустријата, особено во услови кога таа е зависна од азиските производители на батерии и се соочува со високи цени на енергијата и значителни регулаторни трошоци.

Стратешкиот дијалог меѓу ЕК, автоиндустријата, социјалните партнери и засегнатите страни беше инициран во јануари 2025 година како одговор на длабоките промени во автомобилскиот сектор, во услови на промените во деловното опкружување обележано со нови технологии и зголемена конкуренција. Во тие рамки, на 30 јануари 2025 година, Комисијата презентираше Акциски план за автомобилска индустрија, кој произлезе од првиот стратешки дијалог и ги содржи конкретните активности што треба да обезбедат робустен и одржлив автомобилски сектор во Европа, поттикнување на неговата иновативна моќ и успешна транзиција кон чиста мобилност.

Поврзани содржини