ДАЛИ ДЕЦАТА ВО „КОЛЕ НЕДЕЛКОВСКИ“ УЧАТ ВО „ДИВА“ ДОГРАДБА И НАДГРАДБА? Родители обвинуваат дека нема технички прием, Општината Центар уверува дека сѐ е според законот

За да се заобиколи законот, извршена е промена на намената на простории од училници во технички простории, тврдат засегнати родители. Од Општина Центар, пак, уверуваат дека дополнителните површини, со кои е овозможено сите ученици да учат во една смена, се изградени законски и дека е загарантирана сигурноста и безбедноста и на објектот и на учениците и наставниците.

165

Зошто децата во основното училиште „Коле Неделковски“ од 1 септември годинава учат во дограден и надграден објект, за кој не е извршен технички прием и за кој нема правосилно решение за измени во тек на градба?

Ова, во обраќање до нашиот портал, го тврдат група засегнати родители на ученици од ова училиште во скопската општина Центар, кои се сомневаат дека сега и катноста на ОУ „Коле Неделковски“ не одговара на урбанистичкиот план.






– За да се заобиколи законот, извршена е промена на намената на простории од училници во технички простории – велат засегнатите и тврдат дека доградбата и надградбата е „диво изграден објект“.

Неофицијално, во првата фаза доградени се четири училници, а во втората уште две. Според два договора за градба склучени меѓу Општина Центар и изведувачот на работите „Вардарградба ДОО Скопје“ во 2023 и 2024 година, за овој проект договорена е вкупна сума од над 45 милиони денари или 735.000 евра, а според засегнатите, крајната сума била околу 850.000 евра. За волја на вистината, родителите немаат никакви сомневања за евентуална повреда на тендерската постапка и за сумата.

Согласно со јавниот интерес и професионалната обврската да се слушне и другата страна, ги прашавме одговорните во Општина Центар дали во случајов е извршен технички прием на објектот, дали измените во текот на градбата се изведени согласно со Деталниот урбанистички план и дали од законски аспект објектот е „див“. Одговорно лице во општината ни го достави следниот писмен одговор:

„Проектот за доградба на ООУ ‘Коле Неделковские’ е изработен во јули месец 2021 година година , со примарна цел подобрување на условите за учениците од ова училиште.  Одобрението за доградба на ООУ ‘Коле Неделковски’ е издадено по основниот проект и е во целост согласно законските нормативи цитирани во важечки извод од ДУП.

Во текот на градбата, издадено е решение за измени во текот на градба, со кое согласно правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, е одобрена дополнителна квадратура, вклопена во бруто изградената површина на градежната парцела. Согласно цитираниот правилник, апсолутно е дозволено помеѓу венецот и слемето на објектот да се предвидат технички простории.

Со тоа законски се дозволуваат дополнителни површини во функција на учениците, наставниот кадар и на училиштето.

Овие измени во тек на градба се издадени затоа што раководството на училиштето предочи дека се потребни дополнителни простории, со една единствена цел, а тоа е сите ученици од училиштето да учат во иста смена.

По обезбедување на сите потребни согласности и мислења, пред се во поглед на статитиката на објектот, измените во тек на градба се одобрени. Градбата е целосно изведена согласно градежно техничката документација , што е потврдено со извештајот од надзорниот инжинер. Со тоа апсолутно е загарантирана сигурноста и безбедноста на објектот и учениците и наставниците кои учат и работат во истиот.“

Во прилог на одговорот од Општина Центар, доставен е извештај на надзорот, со датум од 20 авгист 2025 година. Доставени се и фотографии од внатрешноста на објектот.

Поврзани содржини