ДАЛИ ДА ЈАДАТ ИЛИ ДА СЕ ЗГРЕАТ? Зголемените трошоци ги принудија Европејците да одлучат што ќе скратат

Европските влади побрзаа да понудат помош, но податоците покажуваат дека помошта не направила голема разлика за домаќинствата.

181

Нема веќе пеглање, рерната да се користи ограничено, а да се тушира на работа – Европејците се обидуваат да ја намалат својата потрошувачка на енергија, но сметките продолжуваат да се зголемуваат, пишува Ројтерс.

Како што се зголемуваат големопродажните цени на гасот и струјата, милиони луѓе во Европа сега на енергија трошат рекордна сума од својот приход, покажуваат податоците.






Во источноанглиското гратче Гримсби, Филип Китли не го вклучува вентилаторот дома додека Британија ова лето е опфатена од рекорден топлински бран.

Погледот на неговата банкарска сметка покажал дека не може да си го дозволи тоа.

– Трошоците за живот се зголемија, а сепак од вас се очекува да живеете од парите што ги земавте кога немаше криза… Јас или ќе можам да вклучам греење или да јадам – вели Китли.

И граѓаните во другите европски земји доброволно преземаат мерки за намалување на потрошувачката бидејќи цените на гасот, струјата и горивото се зголемуваат поради војната во Украина, санкциите кон Русија и последиците од пандемијата на коронавирусот.

Референтната цена на европскиот гас се вивна за 550% во изминатите 12 месеци. Цената на енергијата за британските потрошувачи ќе се зголеми за 80 отсто од октомври, објави во петокот регулаторот Офгем, зголемувајќи ги просечните годишни сметки за домаќинството на 3.549 фунти (4.188 долари).

Европските влади побрзаа да понудат помош, но податоците покажуваат дека помошта не направила голема разлика за домаќинствата.

Оваа зима Британците ќе трошат просечно 10% од својот приход на домаќинствата на гас, струја и други горива за греење, како и домашни горива за возила, главно бензин и дизел, двојно повеќе од износот во 2021 година, според пресметките од официјалните податоци.

Ова ја прави сегашната енергетска криза потешка од оние од 1970-тите и 1980-тите. Нафтено ембарго на производителите на нафта и иранската револуција во 1979 година предизвикаа прекини на струја и долги редици на бензинските пумпи на Западот. На врвот на таа криза во 1982 година, луѓето во Британија плаќаа 9,3% од својот приход за енергија.

Британската добротворна организација Национална енергетска акција (НЕА) проценува дека 8,5 милиони домаќинства во Обединетото Кралство би можеле да снемаат гориво по октомври, во однос на 4,5 милиони во октомври минатата година, вели Ројтерс.

– Зголемувањето на сметките за енергија што го гледаме е целосно без преседан – рече Питер Смит, директор за политика и застапување во НЕА.

– Сметаме дека тие историски трендови на домаќинства со ниски приходи што непропорционално трошат поголем дел од својот приход на енергија сѐ уште се мошне видливи – додава Смит.

Бирајте: храна или греење

Китли во април ја загубил работата како советник и живее со 600 фунти (706,44 долари) месечно од социјално осигурување. Половина од тоа оди на кирија, вели тој, а остатокот едвај ги покрива основните работи.

Сега јаде еден оброк дневно, а и покрај тоа што потрошувачката на енергија ја сведува на минимум, повеќе од 15% од приходите троши на сметки за енергија.

Третина од домаќинствата во Велика Британија ја намалиле употребата на шпоретот и рерната, покажа студијата на Фајненшл фернес траст, третина го намалиле бројот на туширања, а половина ја намалиле температурата во своите домови.

– Луѓето прават многу за да се обидат да ги намалат сметките, но сепак тие се зголемуваат. Затоа сакаме да видиме повеќе активности од владата – вели Џејми Еванс, виш научен соработник на Универзитетот Бристол, кој бил вклучен во проучувањето на Фајненшл фернес траст.

Дон Вајт, која има бубрежна инсуфициенција, вели дека се плаши дека сѐ поголемите енергетски трошоци во Велика Британија значат дека таа повеќе нема да може да си го дозволи својот животоспасувачки третман.

– Без мојата машина за (дијализа) пет пати неделно, 20 часа, јас ќе умрам – изјави за Ројтерс 59-годишната Вајт, која живее во југоисточна Англија.

Цените на нафтата за семејствата во повеќето водечки европски економии во почетокот на 2022 година го надминаа врвот на претходните кризи во 1970-тите, 1980-тите и 2000-тите, според индексот приспособен на инфлацијата за домаќинствата обезбеден од Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).

Европа изгледа полошо од другите развиени економии.

До крајот на првиот квартал, индексот на цените на гасот на ОЕЦД сè уште беше понизок од врвот на претходните кризи.

Податоците на ИЕА што датираат од 1978 година покажуваат дека иако американските домаќинства плаќале во просек повисоки цени за природен гас во последните четири децении, цената на гасот за европските семејства во 2022 година го надминала американското ниво.

Туширање на работа

Во Турција цените на нафтата во јули се зголемија повеќе од двојно во однос на претходната година, додека цените на електричната енергија се зголемија за 67 отсто на годишно ниво, според податоците на Турскиот статистички институт.

Шејда Бал (27) од Истанбул вели дека ја ограничила употребата на рерната на три пати месечно за да заштеди енергија. Нејзиниот сопруг до работа патува со автобус за да заштеди гориво, иако тоа трае три пати подолго.

Во Европската Унија, италијанските и германските семејства се меѓу најтешко погодените од зголемените цени на бензинот, покажуваат податоците на ИЕА.

Сметките за енергија во едно просечно италијанско семејство, главно за гас и струја, скокнале на 5 отсто од вкупните трошоци на домаќинствата до јули 2022 година, од 3,5 отсто во 2019 година, покажаа податоците на фирмата за економски истражувања Прометеја. Нивото во јули е највисоко од 1995 година според податоците на ОЕЦД.

Во најголемата европска економија, Германија, сметките за гас за домаќинствата во јули се зголемени повеќе од двојно во однос на 2021, додека цените на нафтата за греење за семејствата чиј стан е опкружен со други станови се зголемија за 78% на годишно ниво во мај.

Ерџан Ерден (58) живее во градот Нида, североисточно од Франкфурт и работи како машински оператор во фабрика за минерална вода.

– Сега се туширам на работа по работното време, а и се бричам на работа – вели тој.

Поврзани содржини