ДАЛИ БАЈДЕН СÈ УШТЕ ГИ ДРЖИ РАБОТИТЕ ПОД КОНТРОЛА? Годините не се единствениот проблем за американскиот претседател

Тој веќе не зрачи со лидерство како што многумина очекуваат од претседателот на САД. Луѓето едноставно не чувствуваат дека тој сè уште ги држи работите под контрола, вели истражувачот на јавното мислење Дејвид Шулц.

486

Американскиот претседател Џо Бајден не си ја врши работата лошо, но анкетите му даваат лоши оценки. А проблем има и со годините, пишува германскиот tagesschau, пренесува Дојче веле.

Настапите пред расположените поддржувачи станаа реткост за американскиот претседател. Еден од најновите беше во ноември, кога Бајден разговараше со работниците во фабриката за автоделови во Белвидер, Илиноис.






– Тато ми велеше: „Џо, работата е повеќе од пари на крајот на месецот. Се работи за твоето достоинство, за почитта, за твоето место во општеството – раскажа Бајден, а публиката воодушевено му аплаудираше.

Отворањето на илјадници нови работни места – ова е една од работите што самиот Бајден ги гледа како едно од неговите најголеми достигнувања. Тој покрена големи пакети закони за обнова на инфраструктурата и за подобра заштита на климата, сегашните економски податоци се добри, невработеноста е мала, стапката на инфлација паѓа.

Но, на Бајден му оди многу лошо на анкетите. Зошто? Бидејќи луѓето ги споредуваат денешните цени со цените пред короната, вели истражувачот на јавното мислење Дејвид Шулц.

– За просечниот граѓанин на САД кој оди во супермаркет и купува еден литар млеко или десет јајца, цените се повисоки од пред шест месеци, особено во споредба со цените за време на мандатот на Доналд Трамп. Истото важи и за цените на бензините – истакнува Шулц.

За повисоките трошоци за живот секогаш е обвинет актуелниот претседател, објаснува Шулц, кој предава на Универзитетот Хамлајн во Минесота. Според него, за Бајден е особено опасно што мнозинството граѓани на САД во анкетите оценуваат дека земјата во основа се развива во погрешна насока.

А потоа тука е и прашањето за неговата возраст. Прашањето за возраста како темен облак виси над актуелниот претседател.

Дејвид Шулц истакнува дека Трамп е само четири години помлад од Бајден, но дека изгледа многу помлад. Потоа, Бајден отсекогаш имал проблем со пелтечење и никогаш не бил добар говорник, а денес често изгледа расеан.

– Тој веќе не зрачи со лидерство како што многумина очекуваат од претседателот на САД. Луѓето едноставно не чувствуваат дека тој сè уште ги држи работите под контрола – вели Шулц.

Пред четири години Бајден беше сметан од многумина како „привремен претседател“ со еден мандат.

– И сега има и војни во Украина и онаа меѓу Израел и Хамас. Тоа се предизвици кои Бајден не може директно да ги контролира – вели Шулц, објаснувајќи дека луѓето повеќе не се убедени дека тој се справува со овие проблеми на адекватен начин.

Поврзани содржини