ДАЛИ АНТИМОНОТ Е ДОВОЛЕН ЗА ДА СЕ СПАСИ МАКЕДОНСКОТО РУДАРСТВО? Континуирано опаѓа бројот на рударите 

Неизвесно е кои проекти во иднина би добиле зелено светло од разговорите меѓу Скопје и Вашингтон, но од она што е познато, американските органи до сега го имаат препознаено и капацитетот на бакарот во земјава. Според извештаите на USGS, Геолошкиот завод на САД, кои датираат од пред неколку години, Македонија располага со околу 510 милиони тони бакар. 

101

Ќе се проширува ли списокот на проекти за критични минерали во соработка со САД?! Светот е во трка по руди кои се неопходни за да се издржи притисокот на зелената и дигиталната транзиција, а голем број држави инвестираат во рудници и погони за преработка на руда, со цел да не бидат зависни од трети земји, особено од Кина и од Русија.

Најголеми вложувања во индустријата засега направи администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, особено во рудници за бакар во Аризона, а потоа следува Европската Унија која започна да финансира 47 стратешки проекти за снабдување со критични минерали. Токму Брисел и Вашинтон се очекува на 14-ти месецов да седнат на иста маса и да се договорат за соработка за критичните минерали, односно за нивниот ископ, преработка и трговија. Најголем акцент веројатно ќе биде поставен на критичните минерали како литиумот, алуминиумот, бакарот, никелот и други метали без кои не е можна изградба на ветерници, производство на електрични возила, градба на дата-центри за вештачката интелигенција, инвестиции во одбранбените капацитети, обнова на електро-дистрибутивната мрежа…






Додека главните светски центри инвестираат во рударството, домашниот Завод за статистика објави дека според последните податоци индустриското производство во секторот рударство и вадење камен во февруари 2026 година, во однос на февруари 2025 година, бележи опаѓање од 9,6%. Дополнително, бројот на работниците во февруари 2026 година, во однос на февруари 2025 година, во секторот рударство се намалил за 6,3%. Поголем стимул за индустријата се очекува со најавените закони за рударство и геологија, кои се донесуваат за усогласување со европските стандарди и практики. Со нив државата ќе има можност да помага стратешки проекти и да создава листи на стратешки и на критични минерали. Светот веќе ги креира своите политики врз основа на ваквите листи на критични минерали. Помеѓу останатите минерали, на листата на САД се наоѓа и антимонот, за кој во Вашингтон беше обезбедена финансиска поддршка за истражувања и ископ. Сепак, според соопштението на ресорното Министерство, соработката со САД нема да застане тука.

„Настанот се реализираше во рамки на официјалната посета на владината делегација на Соединетите Американски Држави, при што претходно беше одржана билатерална средба со раководството на DFC (U.S. International Development Finance Corporation), на која беа разгледани можностите за продлабочување на соработката и поддршка на конкретни проекти. Овој чекор претставува значаен сигнал за зголемен интерес за инвестирање во секторот на критични минерали во Македонија и дополнително ја потврдува стратешката соработка со САД во областа на енергетиката и ресурсите“, се наведува во соопштението на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Властите од двете земји објавија и заедничка изјава од Стратешкиот дијалог, во која се истакнува и олеснувањето на инвестициите во индустријата.

„Договорот е израз на заедничката заложба за развој на алтернативни извори на снабдување со критични минерали, кои се од суштинско значење за одржување на конкурентската предност во глобалната економија. Воедно, двете земји ја истакнаа важноста на отворени и транспарентни инвестициски средини и политики, кои се базираат на цврсти правни рамки, како и олеснувањето на инвестициите и правичните постапки за решавање спорови. Двете земји, исто така, нагласија дека со таквите политики се унапредува долгорочниот економски развој и раст, отворањето нови работни места, зголемувањето на продуктивноста, технолошките иновации и конкурентноста“, се вели во заедничка изјава за Стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД.

Неизвесно е кои проекти во иднина би добиле зелено светло од разговорите меѓу Скопје и Вашингтон, но од она што е познато, американските органи до сега го имаат препознаено и капацитетот на бакарот во земјава. Според извештаите на USGS, Геолошкиот завод на САД, кои датираат од пред неколку години, Македонија располага со околу 510 милиони тони бакар.

И покрај тоа најавите за инвестиции во рударството во изминатиов период се соочуваа со низа пречки. Експертите повеќе пати ги повикаа властите да изготват национална стратегија за рударската индустрија, а компаниите кои сакаат да инвестираат посочуваат дека најголем проблем претставува правната несигурност, која пак е предизвикана поради притисоци од дел од јавноста. Нереализирани останаа најавите за рудник за бакар на Кожув на канадската фирма „Резервоар минералс“, потоа рудникот за бакар во Казандол, а се очекува да се дознае и каква ќе биде иднината на инвестицијата за рудник за бакар во Иловица. На локалитетот „Иловица-Штука“ се проценува дека има околу 410.000 тони чист бакар (во склоп на 237 милиони тони руда), а богат со руда е и локалитетот „Кадиица“ кај Пехчево кој крие најмалку 100 милиони тони бакарна руда.

Поврзани содржини