ДАЛИ АФЕРАТА ЌЕ СТАСА И ДО ЗЕЛЕНСКИ? Што се знае досега за големиот корупциски скандал што ја тресе Украина

Случајот се оценува како една од најтешките политички кризи со кои се соочил Зеленски од почетокот на руската агресија во 2022 година.

7

Во сенка на руската инвазија, Украина е погодена од сериозен корупциски скандал што натера двајца министри да поднесат оставка и го принуди претседателот Володимир Зеленски да преземе вонредни мерки против еден од своите блиски соработници.

Станува збор за афера што открива проневера тешка околу 100 милиони долари во енергетскиот сектор — еден од најчувствителните системи на земјата во услови на војна. Случајот се оценува како една од најтешките политички кризи со кои се соочил Зеленски од почетокот на руската агресија во 2022 година.






Скандалот ескалираше во понеделникот, кога Националното антикорупциско биро на Украина (NABU) соопшти дека спровело повеќе од 70 претреси во рамките на долго подготвувана истрага под кодното име „Операција Мидас“. Истражителите откриле криминална шема за систематско извлекување пари од државната нуклеарна компанија „Енергоатом“, со која подизведувачи биле принудувани да плаќаат 10 до 15 проценти мито од вредноста на договорите за да не им бидат блокирани исплатите и да го задржат статусот на доверливи партнери.

Досега се уапсени петмина осомничени, меѓу кои поранешен советник во Министерството за енергетика и висок кадар во „Енергоатом“. Истрагата открила дека во компанијата била воспоставена паралелна, неформална структура на одлучување со т.н. „раководители во сенка“, кои во суштина решавале за распределбата на партие и за склучувањето договори.

Најголемата пресвртница настапи кога беше откриено името на лицето што се смета за организатор на шемата – 46-годишниот бизнисмен Тимур Миндич, долгогодишен соработник и пријател на Зеленски и ко-сопственик на продуцентската куќа „Квартал 95“. Според истражителите, Миндич во комуникацијата користел кодно име „Карлсон“ и лично го контролирал перењето и распределбата на парите. Тој ја побегна од Украина непосредно пред да започнат претресите, и најверојатно заминал во Израел.

Миндич е осомничен и дека вршел притисок врз високи владини функционери, меѓу кои и врз поранешниот министер за одбрана Рустем Умеров, кој сега е секретар на Советот за национална безбедност. Од Кабинетот на претседателот за Франс прес изјавиле дека Зеленски бил „изненаден“ од обвинувањата против неговиот поранешен партнер и дека целосно ја поддржува истрагата.

Под притисок на се поголемото незадоволство на јавноста, Зеленски побара оставки од министерот за правда Герман Галушченко и од министерката за енергетика Свитлана Гринчук. Двајцата поднесоа оставки во средата. Галушченко — кој претходно го водеше токму Министерството за енергетика — се соочува со обвинувања дека добивал лични бенефиции, а Гринчук засега не е директно инкриминирана, но важи за негова блиска соработничка.

Иако Европската Унија сè уште нема упатено официјална реакција, Фридрих Мерц, канцеларот на Германија, земја сојузник на Киев што обезбедува значаен дел од европската финансиска поддршка, јавно побара Зеленски „енергично да ја искорени корупцијата“.

Корупцијата останува еден од најтешките системски проблеми во Украина, иако земјата во последната деценија направи забележлив напредок. Од 2022 година наваму беа откриени неколку скандали: оставката на министерот за одбрана Олексиј Резников поради злоупотреби при набавка на униформи и храна; апсења поврзани со набавка на дефектна муниција; како и сериозни неправилности во системот за мобилизација, поради кои Зеленски во 2023 година ги разреши сите регионални раководители задолжени за регрутирање.

Односите меѓу претседателството и антикорупциските институции периодично се влошуваат. Летово властите се обидоа да го ограничат нивниот степен на независност, но се повлекоа по силни реакции од граѓанските организации и од западните партнери.

Според Индексот за перцепција на корупцијата на „Транспаренси интернешнел“ за 2024 година, Украина се наоѓа на 105. место од вкупно 180 држави — значително подобро од 2014 година, кога беше на 144. место, но сè уште е далеку од европските стандарди.

Западните критики кон Украина најконкретно ги изрази вчера шефот на полската дипломатија, Радослав Сикорски, кој предупреди дека за Украина „најбрзиот начин да ја изгуби поддршката од Западот е толерирање на корупцијата“.

– Доколку Украина толерира корупција, тогаш нема да влезе во Европската унија. ЕУ бара чесност и почитување на правилата. Клучно ќе биде како ќе реагираат украинските власти – рече Сикорски, додавајќи дека засега се чини дека истите реагирале „доста добро, бидејќи веднаш имало оставки и апсења“.

 

 

Поврзани содржини