ДАЛИ 27 НОЕМВРИ Е ДЕНОТ КОГА ЗЕЛЕНСКИ ЌЕ ГО СТАВИ ПОТПИСОТ НА МИРОВНИОТ ПЛАН? Вашингтон ургира, Киев се дума

Што открива „Фајненшл тајмс“ за рокот во кој би можел да биде потпишан мировниот план за Украина?

1

Вашингтон врши дипломатски притисок украинскиот претседател Володомир Зеленски да го потпише мировниот план до 27 ноември, но нема официјална потврда дека тоа ќе се случи во тој рок. Според анализа на угледниит „Фајненшл тајмс“, американската администрација ја интензивира кампањата за прифаќање на нацрт-договор од 28 точки, кој би можел суштински да ја промени украинската безбедносна и политичка позиција, но Киев засега нема преземено обврска за конкретен датум на потпис.

Весникот наведува дека САД „ургираат“ Киев да го разгледа и да го прифати планот, при што формулацијата укажува на наметнат временски притисок, а не на веќе договорена акција од страна на Зеленски. ФТ истакнува дека 27 ноември се појавува како рок поставен од Вашингтон, а не како датум што украинската страна го потврдила или ветила. Во целата анализа се нагласува несигурноста околу тоа дали Киев воопшто би прифатил услови кои драматично би ги редефинирале неговите стратегиски позиции.






Според содржината на документот, планот предвидува Украина да направи сериозни отстапки, меѓу кои и можност да се откаже од делови од територијата што сè уште ги контролира. Дополнително, се предлага уставна забрана за пристапување во НАТО — услов што директно ги погодува долгогодишните стремежи на Киев за евроатлантска интеграција.

Планот содржи и идеја за формирање американско-руски инвестициски механизам со искористување на замрзнатите руски средства, што е оценето како високополитичка и контроверзна мерка.

„Фајненшл тајмс“ наведува дека повеќе европски сојузници биле изненадени од степенот на напреднатост на овие разговори, бидејќи не биле целосно информирани за деталите. Дел од европските дипломати изразиле сомнеж дека планот може да се спроведе во сегашната форма, предупредувајќи дека секој обид за форсирање територијални отстапки може да предизвика нови политички потреси во Украина и во регионот.

Украинската влада, според ФР, внимателно ја балансира позицијата меѓу американските очекувања и домашната политичка реалност. Зеленски, иако не го отфрла отворено предлогот, избегнува да даде сигнал дека Киев е подготвен да потпише договор што би можел да биде доживеан како национално понижување.

Во меѓувреме, украинската дипломатија настојува да обезбеди поголема поддршка од европските партнери, кои се загрижени од можноста за решение во кое нивното влијание би било маргинализирано.

Поврзани содржини