„Да“ за Резолуција за националните интереси, велат од Демократскиот Сојуз
Никој нема право да го оспорува нашиот македонски национален идентитет, неговиот историски континуитет, како и јазикот, кој е едно од клучните обележја на секој народ – пишува во партиското соопштение од Демократскиот Сојуз.
„Да“ за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за носење на Резолуција за македонските национални интереси пристигна денеска од партијата Демократски Сојуз. Од партијата на Павле Трајанов бараат Собранието што поскоро да заседава и да ја донесе Резолуција за националните интереси во врска со нашите ЕУ-интеграции, а истата да биде донесена со широк граѓански и политички консензус, па и подобрена во својот текст.
– Никој нема право да го оспорува нашиот македонски национален идентитет, неговиот историски континуитет, како и јазикот, кој е едно од клучните обележја на секој народ – пишува во партиското соопштение од ДС.
Ваквото барање доаѓа неколку дена по најавата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека ќе поднесе ваква Резолуција во Собранието, а дел од текстот кој е во функција на штитење на македонските црвени линии, веќе протече и во медиумите. Ќе се приклучат ли другите партии во оваа иницијатива и како ќе помине сето тоа во Парламентот?
– Очекуваме расправа во Парламентот и подобрување на текстот на предложената Резолуција, за таа да биде основа за сплотување, помирување и надминување на внатрешните поделби и конфликти – децидни се од партијата на Трајанов.