ДА ВМЕТНЕМЕ КЛАУЗУЛА ЗА СУСПЕНДИРАЊЕ НА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ Османи даде нов предлог, Владата експресно го одби
Доколку во наредните 5 години Бугарија продолжува да ја спречува Северна Македонија за работи кои немаат врска со Европската Унија, Парламентот да има за право да ги суспендира уставните измени, но тие да стапат на сила сега, предложи поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи.
Потпретседателот на ДУИ и поранешен министер за надворешни работи Бујар Османи во емисијата Дејли Клик на ТВ21 предложи уставните измени да се реализираат преку вметнување на клаузула во Законот за спроведување на Уставот.
Доколку Бугарија во наредните 5 години продолжува да ја опструира Македонија на патот кон Европската Унија со други услови, посочува Османи, тогаш Парламентот да има за право да ги суспендира уставните измени.
– Ние треба да ги реализираме уставните измени. Еве јас одам еден чекор понапред, доколку уставните измени се направат денес, ние слободно можеме во Законот за спроведување на Уставот да вметнеме клаузула со која се вели, доколку во наредните 5 години Бугарија продолжува да ја спречува Северна Македонија за работи кои немаат врска со Европската Унија, Парламентот да има за право да ги суспендира уставните измени, но тие да стапат на сила сега – рече Османи во Дејли Клик на ТВ21.
Владината портпаролка Марија Митева на денешната прес-конференција му порача на Османи дека тој како поранешен шеф на дипломатијата најмалку има кредибилитет да зборува за оваа тема.
– Ја видовме изјавата на поранешниот шеф на дипломатијата кој со години беше на чело на таа позиција и цениме дека најмалку има кредибилитет да зборува за оваа тема зашто се сомневаме во искреноста на нивните намери при давањето предлози и решенија за состојбата во која се наоѓаме по однос на ова прашање – истакна Митева.
Одговорајќи на новинарско прашање во која смисла Владата се сомнева, Митева подвлече дека сомнежот е во однос на тоа „која е намерата во однос на нивните предлози што ги даваат сега како насока на предлог-решенија“.