Да ве изнервирам малку?

Без ракавици, без убави зборови – така и овде ќе расфрлам неколку прашања. Ќе ве изнервирам, затоа што ќе зборувам за теми кои типично се премолчуваат, за да не се „потресе“ гласачот што погрешно ги перципира.

0

Периодов што следува најдобро се опишува во Вевчани. Досетливите Вевчанци го нарекуваат „олимпијада“. На таа олимпијада има неколку дисциплини: пиење топла ракија со пречки или со мезе, црвено вино „на маса“ и црно „од на нога“ – и слични. На крај, златното капаче му припаѓа на оној кој издржал најдолго. Го обожавам овој период. Не заради еминентната алкохолна интоксикација, туку заради дружењето по визити и слави.

И како што би седнал на маса кај Спире за свети Спиридон Чудотворец – без ракавици, без убави зборови – така и овде ќе расфрлам неколку прашања. Ќе ве изнервирам, затоа што ќе зборувам за теми кои типично се премолчуваат, за да не се „потресе“ гласачот што погрешно ги перципира.






Патни трошоци за пратеници

Првата тема е патните трошоци за пратениците. Имаме дежурна партија за дрдорење околу ова. Треба ли воопшто да ги има? Секој втор човек кој го сретнувам вели: „Не треба“, затоа што му сервираат информација „за 4 години Митре земал толку илјади евра“. И се нервира што некој „неоправдано земал толку пари“ за одење на работа. И – греши…

Одговорот е едноставен: да, треба да има. Ако не ми верувате, денес има алатка наречена вештачка интелигенција. Не ѝ значи ништо „на комшијата да му умре козата“, па затоа пресудува ладно: пратеник од Аеродром стигнува до Собранието за 15 минути; пратеник од Охрид или Берово – за 180 минути.

Тоа значи дека додека овој од Аеродром – кој, патем, е најгласен на темава – станува, се гали со сопругата, ги буди децата, ги носи во училиште, па оди во партија да договори стратегија; во истиот тој период другиот од Охрид или Берово вози по пат што секојпат е гурбет, амортизира возило и нерви, јаде кифла од на нога и кафе од бензинска. Дома, неговото семејство осмислува како без него да ги однесе децата во градинка на другата страна од градот, бидејќи колата е на пат за Скопје.

Навечер, по седницата, првиот од Аеродром ќе излезе на корзо, ќе влезе во кафеана, ќе промовира политики, ќе биде виден и забележан, што е целта на политичарот. А оној од Ресен или Струмица? Ќе земе уште едно силно кафе на бензинска за да издржи уште два-три часа возење назад кон дома. И ќе мора да ја пропушти олимпијадата, затоа што нема време после 14 часа работен ден да оди на слава.

Шест часови разлика во можноста да се биде со своето семејство, пријатели, партија или во биртија. И некој сериозно тврди дека не треба да има патни трошоци? Затоа што кумулативно, кога ќе ги собереш годишно или за цел мандат изгледаат многу?

Затоа велам: нека стане овој што ве боцка со „патните трошоци“ од сабајле и нека седи три часа зад волан – без да вози, само да седи на паркингот со рацете на волан. После седница, пак нека седи три часа зад воланот. После нека промовира политики од типот „ќе ви платиме бензин“.

Толеранција за сообраќаен прекршок

Извинете, ама ова е веќе несфатливо. Ако знакот е 50, велат, требало да има „толеранција“. Разни мудреци се расфрлаат со бројки: 10%, 10 km/h, или – според истиот лик од погоре – 20km/h „како во Москва“, бидејќи во неговата глава „што е од Москва мора да е правилно“. Како кај други глави „што е од Брисел или Вашингтон мора да е правилно“. Сите тие аргументи се – без врска. Наполнив 50 години пред две недели. Со толеранција – што сум? Младич од 30 или пензионер од 70? Дрн-дрн јарина. Како што напишав и минатата недела: системот треба да толерира онолку колку што може да згреши – и секогаш во корист на возачот.

Но казните не смеат да бидат дискретни („од 1 до 11 km/h – толку казна“). Тоа е погрешна логика. Казната мора да биде процентуална: надминат лимит за 3%? Ќе си платиш 3 × „казна за процент“. Колкава е казната по процент – тоа е работа на законодавецот.

И не е тешко да се направи апликација за полицијата која на лице место пресметува. Малку волја и десет реда код.

И уште нешто: Доживеавме сериозни трагедии и сите сложно побаравме системот да функционира. Нели е малку срамота сега да бараме „да функционира, ама не баш до толку“?

Плашило од мигранти

Партиите што се во опозиција – која било – редовно плаши со мигранти. Па да ве изнервирам уште малку.

Ние имаме малцинства, уставно гледано, „делови од народи“ – едно поголемо, друго мало – а второво има карактеристика „чита, чита и станува Бугарин“. Добар дел од нив, арбитрарно ќе речам, барем половина, интимно би сакале државава да ја видат распадната и припоена кон некаков големодржавен проект од пред 150 години. За побројните, ми остана нејасно, како не забележуваат дека пола народ им се отсели терајќи ја таа политика од 19 век, но, нејсе, нека тераат. Она што ќе забележам е дека не стотици или илјада луѓе; тоа се стотини илјади.

Во исто време, сосема легално илјадници луѓе од посиромашни азиски региони работат во нашите хотели, фабрики и фирми – затоа што имаме огромен недостиг од нискоквалификувана работна сила.

А нè плашат со „мигранти“. Ќе силувале, ќе тепале, ќе правеле не знам што…

Ајде да се разбереме: државата има право да одбере кој мигрант ќе влезе, затоа што има потреби – и кој нема да влезе. Секогаш и секаде. И да бидеме сериозни: никој не се забрал од Украина или Африка баш да дојде кај нас. Не сме држава со која се фали некој по стандарди или плати. Па ако покрај оние „стотини илјади“ кои сакат државата да исчезне, вас ве плашат стотина Украинци или Етиопјани – или грешите во математиката, или сте латентен расист (во случајот со Африканците).

Настрана што, за конкретната тема, деновиве истиот човек кој ни  рече „нема да има Бугари во Уставот под овие услови“, сега едноставно рече „Нема да има мигранти, тоа е само внатрешна дебата во друга земја“. Се сомневал или не, факт е дека зборот му држи. И факт е дека тие што црцореа „Само да победат веднаш го менуваат уставот“, сега мудро молчат на темата.

Пржинска прженица

Еден лик на македонскава сцена, убеден дека е најчист и најличен, а всушност најмалку што е, е анахрон и непожелен ниту за дискусија, а камо ли да дели совети, ни објасни дека „кај да е Европа пак ќе бара Пржински договори“. Зошто? Па, на Европа, видете, очигледно не ѝ е гајле што има војна, енергетска криза, финансиски турбуленции и хипотеки што пукаат една по една. Не, никако тоа. На Европа, според неговата глава, клучното е она помалото политичко крило од погоре да си ја реализира вековната фантазија „од Охрид до Черното Море“. Ете така, ќе запрела кризата. Со малку пржинска магија и многу прженица за јавноста. Гладна кокошка просо сонила. Наместо да ги посоветува „чистите“ дека изедоа тежок пораз на два пара избори заради иста политика, тој ги советува – да продолжат со исто темпо. Кај да е, Европа ќе запржи прженица. Бог да чува…

Тендера-мандара

Но, согласно со „стратегијата“ што ќе ги дозакопа, СДСМ сега почна со „Бомби“. Па се чека „Пржино број Х“. Настрана што стратегијата „ќе правиме мек државен удар со странска помош“ ми е дегутантна и мене и на секој нормален човек, би кажал збор два во оваа веќе предолга колумна – за тоа: тендери или тандара-мандара. Тендерот го добила „фирмата на зетот за братучетка…“. Пак дрн-дрн јарина. Ајде пред секоја конференција од шешир нека извлечат тендер во Струмица од 2005-та до 2017-та, нека образложат кој го добил, со кого бил поврзан… И почнуваме да им веруваме дека се спасители.

Дајте да седнеме и да се договориме: во Македонија „шурата на вујната од братучед“ е секој со секого. Овде човек ако посака, може за пет минути да најде роднинска врска со половина држава. За партиска да не правиме ич муабет. Затоа тендерот треба да се цени според квалитет на изработка или производ и според цена – и толку е целата филозофија. Ако квалитетот на испораката, работа или производ е лош, нека се донесе закон со кој ќе се одговара. Изведувачот да ги сноси последиците на лошата изведба или производ во одреден гарантен рок. Па после, ако сака, нека дава тендери и на баба му. Сè друго е тандара-мандара за публика. Спомнав за тендерите во Струмица за време на Заев? Ок, да ви кажам дека го заборавив истиот какви тендери организираше кога беше премиер.

Поврзани содржини