Дајте вина, хоќу лом

1,511

На што ви наликува оној „перформанс“ во некоја белградска кафеана, со тројца распеани премиери кои бараат вино и ветуваат – лом? На успешна европска приказна или на темна балканска провинција, на Харис Џиновиќ на европски начин или на „прогресивна“ културна војна? Кое, и какво е, тоа културно рамниште што ќе нѐ носи во Европа?!

Не сум сигурен дали и колку македонското општество сериозно ја перцепира и препознава војната, или „војната“ (ако ви звучи поумерено и поприфатливо!), што веќе неколку години се води на сите важни државни фронтови. За жал, македонскиот граѓанин, дефинитивно шокиран и делумно парализиран од неспособноста и кримогеноста на власта, од ценовните удари, галопирачката сиромаштија и веќе катастрофалните услови за нормален живот, едноставно нема време поопстојно да ги следи овие „суптилни“ збиднувања во општеството.






А тие не само што не се розови, туку стануваат црни, мрачни, злокобни. И, да појаснам: оваа културна односно некултурна војна не е крвав конфликт како оној во Газа или Украина, не се води за територија туку за превласт на еден (културен) концепт над друг, на една автократска матрица над базичната демократска суштина. Или она што останало од неа!

И воопшто не се суптилни, само што не ги систематизираме, не ги класифицираме под заеднички именител и иста цел: културна војна за превласт на еден провинциски концепт над модерниот европски дух, на неправда над правда, на политикантство над политика, на шарлатанство над наука итн.. И во таа војна де факто нема ништо културно, напротив. Зашто, зарем во заканите на министерот за надворешни работи со „имиња и презимиња“ на „предавниците“ има нешто културно и демократско; зарем во прогласот на премиерот за Македонија како лидер во регионот има барем зрно култура; или во неговото однесување во Белград на „винскиот саем“; или зарем оној т.н. Судски совет некој може да го види поинаку од ударна судска тупаница на власта…?

Или, ако сакате, кога сте го слушнале македонскиот премиер да „запее“: дајте повеќе демократија? Ама „дајте вина“ – може?! И ни сервира – лом?

Дали ние ја препознаваме таа „чиста“ војна, без крв и разурнување но со длабоко девастирачки последици, е сосема друга работа. Ние, впрочем, во борбата за голиот живот одамна не правиме разлика помеѓу политикантство наспроти политика, навивачко силеџиство и празноглави флоскули наспроти интелектуален говор, државен концепт vis a vis простачки манипулации… Како што, де факто, загубивме ориентација и во насоките на тоа што е кич а што култура, што е образование наспроти диригирана импровизација или што е наука наспроти шарлатанство!

Затоа, можеби, денес македонскиот граѓанин не умее да препознае дека е среде сериозна културна војна, дека македонското општество последниве деценија и половина се наоѓа „во окото“ на жесток „идеолошки“ судир, можеби најголем од 1991 година наваму. И дека тој судир е всушност континуирана убиствена културна војна, но не за превласт помеѓу СДСМ или ВМРО, ДУИ или Алијанса…, уште помалку за интеграција во ЕУ, туку за идеолошко репозиционирање внатре во државата? Или, можеби, гледа но не разбира што гледа и што ни се случува?

Меѓутоа, ако за „просечниот“ македонски граѓанин, судрен со животниот хаос, човек може да најде редица оправдувања за непрепознавањето, па и игнорирањето, на овој одамна очигледен судир, такви чувства не можете да имате за македонската таканаречаена интелектуална елита. Зашто таа, во голем дел, е инспиратор, па и егзекутор, во оваа војна, раководена не (само) од (небулозни) идеолошки туку од чисто лукративни причини.

Но, можеби придавката културна ја ублажува перцепцијата за оваа тековна војна па само малкумина ѝ обрнуваат должно внимание? Веројатно, но тоа е апсолутно несоодветно однесување бидејќи културните војни имаат еднакво убиствени и долгорочни последици. Тие, последиците, се следат во целото општество, во политичкото милје, во културата, образованието, науката, во историјата и идентитетот… итн. Придавката културна нема врска со културата како посебна „тесна“ област: културните војни го опфаќаат целиот живот на државата, сите нејзини функции, општеството како такво, иднината…!

Оваа војна е културна војна бидејќи ги опфаќа сите сегменти на општеството: од етнички и религиозен карактер, од економијата до науката, од културата до образованието, од здравството до животната средина… Војната започната во онаа 2006 година требаше целосно да ја окупира државата – што и го стори! – но интермецото во онаа 2017 година навести можен пресврт. Меѓутоа кримогеноста, коруптивноста, неспособноста и некултурата на самонаречените прогресивци го завртеа текот на историското интермецо во своја полза: повторно ја заробија државата, прво во формата на хибриден режим, сега како отворена криминално коруптивна агресија. Со сесрдната помош од т.н. „меѓународна заедница“ и домашните „интелектуални“ подлизурковци.

И не се тие така небитни чинители, како што обично мисли опозицијата. Којашто, патем, е еднакво слепа за димензиите на „војната“. Таа ја гледа, или согледува, само политичката страна на нештата и ги „лови“ нејзините криминални манифестации. Но оваа војна е мултифацетна, повеќедимензионална, сеопфатна. Со неа се определува иднината на државата: карактерот на системот, функционирањето на институциите, меѓународната позиција и др.

И да, опозицијата како да не го препознава ни ангажманот на локалната „петта“ и „шеста“ колона. Иако нивните некогаш збиени редови полека се осипуваат, сепак уште имаат силни упоришта. И засилена реторика. Сега бараат предавници и велепредавства, лажни и опасни дилеми, будали со или без рогови…, а не се гледаат себеси. И нештата ќе се интензивираат како што ќе одминува времето и ќе стане јасно дека „конзистентните“ криминалци сепак – напредуваат!

Денес, очигледно е веќе, се бијат последните битки во оваа војна за (ре)дефинирањето на државата, за значењето на Македонија, за тоа што и кои сме биле (што е особено важно) но и кои ќе бидеме! Ако македонската интелектуална јавност ни тоа не го гледа, тогаш е дефинитивно ослепени од алчноста. Или, едноставно – не сака да види бидејќи е на погрешната страна?! Можеби. Но, оваа војна не е војна само и единствено на интелектуалниот дел на државата. Таа, односно нејзините резултати нема да го погодат само тој дел од јавноста односно државата.

Зашто, на пример, последната „пресуда“ на една „судијка“ во Основниот граѓански суд, не ја погаѓа само ИРЛ туку целата медиумска сфера. Денес е на дневен ред „само“ Истражувачката репортерска лабораторија, но веќе утре ќе бидат и другите медиуми. Денес само една „судијка“ се дрзнува да дели јавна неправда, да доделува или одзема статус на јавен интерес, да признава или непризнава новинари, да определува што е новинарство а што не, да решава што е за јавна а што за внатрешна употреба… итн. Но веќе утре ќе се појават нови такви „судијки“, ќе ви влезат и дома ако им наредат, ќе потпишуваат налози за апсења, ќе затвораат фирми… Тоа се тупаниците на културната војна во судството и медиумите!

Оној скандалозен Судски совет е само уште една продолжено „софистицирано“ оружје на таа војна. Тој и понатаму (ќе) бира судии кои на ист или сличен начин ќе делат шамари и во сите други области. И никој не може да го сопре? Ма дајте, ве молам.

Извор:  Теодосиевски уметност

Поврзани содржини