ДАЈТЕ 15% ПОВИСОКИ ПЛАТИ ЗА АДМИНИСТРАЦИЈАТА И 10% ЗА ПОЛИЦИЈАТА Еве што содржат 200 амандмани на опозицијата за новиот буџет на државата

„Пари во буџетот има“, велат опозиционерите. Откако видеа дека владата предложи рекорден буџет од 5,3 милијарди евра со рекордно задолжување од 1,5 милијарди евра, составија и тие список на желби.

1,079

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија доставила 200 предлог-амандмани на Буџетот за 2023 година, соопшти пратеникот Бојан Стојановски.

– Буџетот за 2023 година изнесува рекордни 5,3 милијарди евра што се должи на високата инфлација за оваа година, која ќе продолжи и во текот на идната година. Покрај инфлацијата, државата планира да спроведе и т.н. даночна реформа, со која ќе се зголемуваат даночни стапки и даночен опфат кај данокот на личен доход, данокот на додадена вредност и данокот на добивка. До овој момент од Владата има само најави за некаква реформа, но се уште нема ништо доставено до Собранието, што претставува сериозен проблем поради неизвесноста во која се доведени стопанствениците, но и граѓаните. Неизвесно е дали ќе се врати во сила прогресивниот данок со стапка 80% повисока од основна и зголемување од 50% на данокот за рентање, капитални добивки и слични приливи на граѓаните – рече Стојановски.






Опозицијата амандмански бара намалување на акцизите за горивата, дополнително одложување од една година на прогресивниот данок и сите измени во данокот за личен доход, а до 30 април, до кога важи кризната состојба во енергетиката, да се применува викенд без ДДВ за прехранбени производи.

На барање на синдикатите, опозицијата предлага и зголемување на средствата за плати за администрацијата за 15%.

– Бараме и зголемување на платите во МВР за 10%, но и ваучер од 3.000 денари за сите вработени во јавниот сектор за првите три месеци од 2023 година – објасни Стојановски.

Опозицијата поднела и амандмани за инвестиции во областа на енергетиката, како и амандмани кои се од локален карактер, поради игнорантскиот однос на Владата по дебаклот на локалните избори во 2021 година.

Најактуелни се амандманите за младите, за кои опозицијата бара 100 милиони денари за реконструкција на студентските домови, 100 милиони денари за енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови, 200 милиони денари за еднократна финансиска помош за сите ученици во основно и средно образование кои доаѓаат од семејства со примања до просечна плата, 200 милиони денари за зголемување на субвенцијата за студентски оброк од 120 на 160 денари и 300 милиони денари за унапредување на науката и научно истражувачката работа.

– Пари во буџетот има. Тоа се пари од собрани даноци, но и рекордното задолжување кое ќе изнесува до 1,5 милијарди евра и ќе треба да го враќаме ние, нашите деца, но и нашите внуци. Буџетот од 5,3 милијарди евра власта планира да го троши на криминал и корупција, т.е. на  тендери во четири очи. Ќе се даваат пари за јаглен кој треба да го обезбедат новоформирани фирми, или за проекти за кои и самите се свесни дека не се способни да ги реализираат за 5 години, а камоли за една – изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Поврзани содржини