Да се воведе можност за отповикување градоначалници и темелно да се реформира локалната власт

Се залагам можноста за отповикување на градоначалниците да може да биде ефектуирана, најрано по истекот на првите 12 месеци од почнувањето на вршењето на градоначалничката функција и да не може да се иницира 12 месеци пред истекот на функцијата.

2,175

Состојбите во градот Скопје се добро познати. Градот е во невидена криза. Бидејќи сѐ е познато, во оваа прилика не би правел осврт на случувањата во Градот. Во низата лоши случувања добро е што главно поради оваа состојба се актуелизираше прашањето за одговорност на градоначалниците. Тие воопшто не можат да понесат одговорност пред граѓаните, за својата незадоволителна работа и не можат пред истекот на нивниот мандат да бидат разрешени од никого, ниту од советите, ниту од граѓаните, ниту пак од судот или било од кого, за разлика од сите други ностители на јавни функции.

Претседателот на државата кој исто така, се избира непосредно од граѓаните, може да биде разрешен, под одредени услови по иницијатива на најмалку две третини од вкупниот број пратенци во Собранието, а со одлука на Уставниот суд донесена со двотретинско мнозинство од вкупниот број судии. Исто така, судииите и обвинителите, кои што имаат мандат кој не е поврзан со временско ограничување, можат да бидат предвремено разрешени со одлуки на Судскиот совет односно Советот на јавни обвинители. Актуелизацијата на прашањето за одговорност, односно разрешување е одлична прилика и да се направи и потемелна реформа на  македонската локалната самоуправа, која е основна демократска клетка во државата. Ова особено поради тоа што ни претстои доволен период од една година до наредните локални изброри.






До усвојувањето на последната верзија на Законот за локална самоуправа во 2002 година, постоеше можност за граѓанска иницијатива за одржување референдум за отповикување на градоначалниците. Ваквата можност беше отстранета со образложение дека, особено во помалите општини, може да се отповикуваат градоначалниците многу лесно, додека пак, во поголемите општини и особено во градот Скопје, ваквата законска можност беше практично неостварлива и се сметаше дека градоначалниците во малите општини се во нееднаква положба во однос на градоначалницте во големите општини.

Сметам дека е неопходно да се предвиди законска можност за предвремено разрешување на градоначалниците, при што треба да се дефинираат прецизно условите за иницирање и разрешување, односно отповик на градоначалниците. Во рамките на дискусии за ова тема, се инцираа и предлози за лесно и брзо разрешување на градоначалниците, со измена на начинот на избор на градоначалниците преку советот, кој што би ги избирал градоначалниците. Веднаш да кажам дека не сум одушевен од ваквите предлози, не само поради тоа што во најголем број земји градоначалниците се избираат на непосредни избори.

Во Европа, градоначалниците не се избираат на директни избори само во мал број земји, како што се скандинавските земји, потоа во Белгија, Холандија, а во регионот во Србија и во Црна Гора. Непосредниот избор на градоначалниците го зголемува нивниот легитимитет и нивната моќ, но тоа не треба да значи дека треба да имаат неограничена моќ.

Така од 2002 година, во Македонија градоначалниците ги именуваат директорите на јавните претпријатија и установи основани од Советот на општината, со што имаат можност за преголема моќ во вршење на својата функција. Овие директори би требало да се избираат од страна на Советот, бидејќи и се основаат со одлука на советите. Инспекциски надзор над локалните установи врши локалниот инспекторат, чии раководители се именуваат исто така од градоначалникот, што резултира со голема кумулација во една личност. Во услови кога законските, но и практичните механизими за надзор над работата локалните органи од страна на државните органи се многу малку развиени, надзорот над работата на градоначалниците е незначителен. Ова се само дел од аргумените кои се во прилог на тезата дека мора да се намалат надлежностите на градоначалниците.

Сепак, можноста за отповикување на градоначалниците треба да биде според законски прецизно утврдени услови и во дефиниран  период. Затоа, се залагам можноста граѓанска иницијатива за отповикување на градоначалниците да може да биде ефектуирана,  најрано по истек на првите 12 месеци од отпочнување на вршење на градоначалничката функција, што е доволен период граѓаните да го оценат квалитетот на извршување на градоначалничката функцијата. Исто така, отповикувањето не би можело да се иницира 12 месеци пред истекот на неговата функција, затоа што не било целисходно отповикот на градоначалниците да биде ефектуиран, 6 до 7 месеци пред истекот на периодот за кој е избран.

Поради високиот цензус за отповик, кој практично, особено во поголемите општини, во минатото беше неостварлив и нереален, не дојде до реализација на ваквите иницијативи и кога во претходниот Закон за локална самоуправа, постоеше таква можност. Затоа сосема оправдано се наметнува прашањето кој би бил „цензусот“ за отпочнување на постапката, односно за иницијирање за разрешување на градоначалникот. Лично сметам дека тој цензус би требало да се дефинира на минимум 20% од гласовите на граѓаните со кои што определен градоначалник во одредена единица на локална самоуправа е избран, а разрешувањето би се случило доколку за разрешувањето гласале над 50% од бројот на гласовите со кои градоначалникот е избран. На овој начин би се обезбедила можност граѓаните предвремено да го разрешат градоначалникот, доколку се незадоволни од неговата работа. Од друга страна овие лимити, односно цензуси, би претставувале брана за многу лесно отповикување на градоначалниците.

Истовремено со можноста за отповикување на градоначалниците би требало да се предвиди и можноста за отповикување и на советите на единиците на локалната самоуправа бидејќи и тие можат значително да придонесат за лошото функционирање и неефикасност на локалната самоуправа. Една од можностите би била поради неусвојување на низа важни програми без кои единицата на локална самоуправа не може да биде функционална, како што се програмата за уредување на градежно земјиште, програмите за работа на локалните јавни претпријатија и локалните установи.

Прашањето за отповикување на градоначалниците е добра прилика, за потемелна реформа на системот на локалната самоуправа. Во оваа прилика, само ќе ги набројам некои од работите кои треба да се изменат, како што се:

– Потребата за напуштање монотипни надлежности на локалната самоуправа, бидејќи немаат ист капацитет општините со неколку илјади жители, со општините со преку 50.000 жители, па затоа е неопходна редефинирање на надлежности со воведување на политипен вид на надлежности. Ова значи различен вид надлежности за различни видови на општини;

– Многу поголема стимулација на меѓуопштинска соработка, но и за одредени области предвидување на законска задолжителна меѓуопштинска соработка;

– Зголемување на улогата на ЗЕЛС и задолжително активно вклучување на ЗЕЛС (не само консултативно), во процесите на  донесување одлуки од страна на централната власт, за прашања кои се однесуваат на локалната самоуправа;

– Многу поголема посветеност на рамномерниот регионален развој и донесување нова реална Стратегија за рамномерен регионален развој, и усвојување нова Стратегија, бидејќи постојната статегија усвоена пред само 3 години, содржи низа слабости, (за што нема доволно простор да се зборува во овој текст), како и низа други прашања поврзани со реформа на локалната самуправа.

На крајот, само ќе напоменам дека е неопходно донесување на нов Закон за град Скопје. Одговорно тврдам дека во ниту еден главен и голем град во Европа, каде што во рамките на градот, постојат општини со свои непосредно избрани органи (во некои градови како на пример, Загреб и Љубљана, но и други, не постојат општини), каде што дистрибуцијата на надлежностите помеѓу градот и општините е току голема во корист на општините. Со постојната распределба на надлежностите се загрозува целовитоста и функционирање на градот Скопје. Надлежностите на општините во градот Скопје, треба да се намалат во корист на Градот. Моменталните состојби во градот не треба да бидат изговор за нередефинирање на надлежностите. Сосема на крајот, сакам јавно да се запрашам која е потребата од формирање на две паралелни работни групи за измена на Законот за локална самоуправа, една од ЗЕЛС и една од Министерството за локална самоуправа и зошто и после две недели не е презентиран во јавноста составот на овие две групи.

До наредните локални избори претстои период од една година и има доволно време да се направи темелна и суштинска реформа на македонската локална самоуправа.

(Авторот магистрирал и докторитал на УКИМ на тема управно правни односи помеѓу локалните и централни органи и децентрализација на власта во Република Македонија и има специјалистички престој на Универзитетот Харвард, САД, на тема Релации помеѓу државната влас и локалната власт)

 

Поврзани содржини