ДА СЕ РАЗРЕШАТ МИНИСТРИТЕ МЕЏИТИ И АЛИУ Кадровската комисија на Aлијанса има предлог до Џафери
Оваа одлука, се посочува во партиското соопштение, е донесена затоа што преку моќта на министерската функција, но без партиска позиција, двајцата министри спроведуваат дејствија кои, како што велат, се во спротивност со етичкиот кодекс, вклучително и уцени и притисоци врз членовите на АА и вработените, како и денешното јавно кокетирање со ВМРО-ДПМНЕ, посетувајќи го нејзиниот министер.
Кадровската комисија на Алијансата за Албанците попладнево одлучила да му предложи на техничкиот премиер Талат Џафери разрешување на министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу и на министерот за здравство Фатмир Меџити.
„Кадровската комисија на Алијансата за Албанците, составена од 7 члена, како единствен орган на АА за кадровски прашања, со мнозинство од 5 гласа, одлучи да му предложи на премиерот разрешување на министерот за информатичко општество и администрација и министерот за здравство“, информираат од партиската прес-служба.
Оваа одлука, се посочува во партиското соопштение, е донесена затоа што преку моќта на министерската функција, но без партиска позиција, двајцата министри спроведуваат дејствија кои, како што велат, се во спротивност со етичкиот кодекс, вклучително и уцени и притисоци врз членовите на АА и вработените, како и денешното јавно кокетирање со ВМРО-ДПМНЕ, посетувајќи го нејзиниот министер.
Во текот на денот, министерот за здравство Фатмир Меџити на прашањето дали ќе го извести претседателот на техничката Влада Талат Џафери дали се чуствува како дел од Владата или не, изјави дека тој нема потреба да одговара никому освен на неговата партија и нејзиниот претседател. Тој додаде и дека му дава целосна поддршка на, како што кажа, легитимниот претседател на партијата Арбен Таравари, кој најави дека на изборите партијата ќе коалицира со опозициските партии.
Џафери вчера изјави дека ја следи ситуацијата во АА, која има тројца министри во владиниот состав, и дека ќе постапи согласно неговите надлежности. Тој вели дека нема да се раководи од Фејсбук статуси, туку дека членовите на Владата од оваа партија ќе треба официјално по институционална линија да се изјаснат во ситуација кога имаат спротиставени ставови дали имаат чувство на припадност на овој состав или не.
Во сабота во 13 часот во Скопје е закажано Централно собрание на Алијанса за Албанците. Одржувањето на Централното собрание доаѓа откако претседателот на АА, Арбен Таравари најави дека партијата на претстојните парламентарни избори ќе се приклучи кон албанската опозиција. Таравари доби поддршка од министерот за здравство Фатмир Меџити, а му се спротивставија поранешниот прв човек на партијата Зијадин Села, министерот за правда Кренар Лога и потпретседателката на АА Илире Даути. Тие го обвинија Таравари дека тој како поединец не може да одлучува за чекорите на партијата, туку партиските тела.
За денеска во 18 часот, министрите Меџити и Алиу најавија конференција за печат.