ДА СЕ ПРЕИСПИТА ОДЛУКАТА ЗА ПРИЗНАВАЊЕ НА КОСОВО Партијата на Македонците во Србија со барање до македонските власти
Го признавте Косово иако од Косово имаше класичен упад на КЗК корпус и напад на воен конвој на АРМ од страна на косовските сили. Има споменици за амнестираните терористи, дел од нив станаа државни функционери, како на пример претседателот на Собранието, кого и денес го нарекуваат команданте. А за загинатите припадници на АРМ нема решен статус и обележјата (не споменици) постојано се кршат, рече Илијевски.
Во реакцијата за состојбите во Македонија, Горан Илијевски, претседателот на Партијата на Македонците во Србија по последните случувања во Македонија со посетата на Тетово и Чаир на косовскиот премиер Аљбин Курти, бара од Македонија да ја преиспита одлуката за признавање на Косово.
Тој вели дека одлуката е донесена спротивно на волјата на народот и бара распишување на референдум за ова прашање, пренесува порталот мкд.мк.
– Го признавте Косово иако од Косово имаше класичен упад на КЗК корпус и напад на воен конвој на АРМ од страна на косовските сили. Има споменици за амнестираните терористи, дел од нив станаа државни функционери, како на пример претседателот на Собранието, кого и денес го нарекуваат команданте. А за загинатите припадници на АРМ нема решен статус и обележјата (не споменици) постојано се кршат. Во која држава во светот го има тоа, терористи (УЧК е прогласена за терористичка организација) сега да управуваат со државни институции? Поголема штета прават денеска што ги уриваат институциите како продолжение на 2001 година – вели Илијевски.
Тој се осврнува и на другите случувања во Македонија.
– Зошто неуставно се укинати три пратенички места од дијаспората, од најголемата изборна единица 7. До кога во борбата за власт македонските најголеми партии ќе прават антидржавни отстапки и непринципиелни коалиции со албански партии? – рече Илијевски.
Тој запраша кој ја води надворешната политика на Македонија со застапување на интересите на Косово и барање на другите држави да го признаат.
– Имаме ли државна национална стратегија или само уценета партиска политика заради формирање на власта. Што прави Агенцијата за национална безбедност кога по државата се шетаат поединци со странски знамиња – бугарски, знамиња на голема Албанија… работат ли нешто за националната безбедност? Кој ја води и чија е Македонија? До кога мислите дека може вака? – прашува претседателот на Партијата на Македонците во Србија.
Тој констатираше дека Македонија тоне, а македонските партии освен што се препукуваат и навредуваат ништо конкретно не преземаат, не сте свесни дека ја губите државноста, суверенитетот и интегритетот.
– Дали државна стратегија е на Македонците од дијаспората да не им се даваат македонски државјанства, а ДУИ се фали дека доделиле 12.000 државјанства (изјава на државен функционер). Еден Македонец од Србија веќе трета година чека на македонско државјанство, со комплет документација… Толку ли чекаат и криминалците кои добиваа македонско државјанство? Доста беше, разбудете се, не ја уништувајте државата, вие не ја направивте, за неа гинеа многу пред вас, за вие денес да ја распродавате – вели Илијевски во обраќањето до јавноста.