ДА СЕ ПОНИШТИ АВТЕНТИЧНОТО ТОЛКУВАЊЕ НА ЧЛ.1 ОД ЗАКОНОТ ЗА АМНЕСТИЈА Иницијатива на Павле Трајанов до Уставниот суд
Ова толкување е спротивно на Уставот и на Кривичниот законик, како и на Женевските конвенции, со кои е дефинирано дека злосторствата против цивилите не застаруваат. Уставниот суд треба да ја прифати иницијативата и да донесе одлука за отстранување на правните пречки за продолжување на постапката по четирите Хашки случаи – рече Трајанов.
Претседателот на Демократски сојуз Павле Трајанов денеска до Уставниот суд поднесе Иницијатива за поништување на Автентичното толкување на член еден од Законот за амнестија, со кое се запре постапката за четирите Хашки случаи: „Водство на ОНА“, „Липковско Еверо“, „Гробица Непроштено“, „Мавровски работници“.
Според ова Автентичното толкување, се запре постапката за четирите Хашки предмети, со следнава одредба: „Се ослободуваат од гонење, се запираат кривичните постапки и потполно се ослободуваат од извршување на казната затвор лица за кои постои основано сомнение дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со конфликтот во 2001 година.”
Ова толкување е спротивно на Уставот и Кривичниот законик, како и на Женевските конвенции, со кои е дефинирано дека злосторствата против цивилите не застаруваат.
– Уставниот суд треба да ја прифати иницијативата и да донесе одлука за отстранување на правните пречки за продолжување на постапката по четирите Хашки случаи. Без цврста и силна осуда на злосторствата од минатото не може да градиме мирна и демократска иднина – рече Павле Трајанов на денешната прес-конференција.
Според Иницијативата со Автентичното толкување на член 1. од Законот за амнестија направена е повреда на чл.112 од Кривичниот Законик, според кој „Кривичното гонење и извршувањето на казната не застарува за кривичните дела предвидени во членовите од 403 до 407-б и 416-а, како ни за кривични дела за кои со ратификувани меѓународни договори е предвидена незастарливост“.
Со актот кој е предмет на Иницијативата исто така, според иницијаторот, повреден е и чл.51 од Протокол I – Дополнителен протокол кон Женевските конвенции од 12 Август 1949 година, кој се однесува на заштита на жртвите во меѓународните вооружени судири.
Според овој член: „Цивилното население и цивилите поединци уживаат општа заштита од опасностите што произлегуваат од воени операции. За да се спроведе таа заштита, ќе се почитуваат во сите околности следните правила, кои се дополнителни на другите применливи правила на меѓународното право.
Цивилното население како такво, како и цивилите поединци, нема да бидат цел на напад. Забранети се акти или закани со насилство чија главна цел е да шират терор меѓу цивилното население.“
Истовремено, повреден е и чл.11 од Уставот на Република Северна Македонија, според кој „Физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени. Се забранува секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување. Се забранува присилна работа.“
Иницијаторот предлага Уставниот суд да покрене иницијатива и да донесе Одлука со која ќе ги поништи одредбите од Автентичното толкување на членот 1 од Законот за амнестија (“Службен весник на Република Македонија” број 18/2002) објавен во Службен весник број 99/2011 од 22.07.2011 година.