„ДА СЕ ОБЕДИНИМЕ ЗА АЛЕКСАНДАР ВО КИЧЕВО“ Мицкоски повика на масовно гласање
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ги повика граѓаните да се потсетат на вредностите кои ги застапува кандидатот Александар Јовановски, истакнувајќи ја важноста на безбедноста и иднината на Кичево.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на вечерашниот митинг во Кичево упати повик до граѓаните масовно да излезат на гласање на 2 ноември и да ја поддржат кандидатурата на Александар Јовановски за градоначалник на општина Кичево.
– После вториот круг очекувам 59 градоначалници да има коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со што ќе ја заокружиме највисоката бројка во историјата на демократската Македонија, по бројот на градоначалници кој некогаш се случила. Ако на тоа се додаде и извесната победа на Орце Ѓорѓиевски за град Скопје, заокружуваме бројка од 60 градоначалници – истакна Мицкоски.
Тој се осврна и на убедливата победа на коалицијата за советничките листи во 58 општини, нагласувајќи дека единството и поддршката на граѓаните покажаа дека можат да се совладаат и посилни противници.
– Затоа е многу важно на 2 ноември да се обединиме овде во Кичево, без разлика на нашите различности, без разлика дали тие се етнички, верски или политички. Многу е важно да бидеме како едно, да се обединиме околу вредностите коишто ги споделуваме – нагласи Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ги повика граѓаните да се потсетат на вредностите кои ги застапува кандидатот Александар Јовановски, истакнувајќи ја важноста на безбедноста и иднината на Кичево.
– Дали вие сакате да живеете во средина во која ќе владеат криминалот, блуд, разврат и уцени? Заборавете на етничката припадност и сетете се на вашите ќерки, на вашите внуки, дека некоја од нив може да биде жртва на овој човек. Верувајте на иднината која сите заедно Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и останати ќе ја градиме. Тоа е иднината на Македонија – порача Мицкоски.