„ДА СЕ НАЈДАТ ПАРИ ЗА ПЛАТИ ПРЕД ИЗБОРИТЕ, ОТИ ЦРНО НИ СЕ ПИШУВА“ Директорот на ЈСП ги моли советниците да гласаат за субвенции
Само ќе ги набројам основните трошоци на месечно ниво. ЈСП троши меѓу 45-50 милиони денари за нафта, 20-тина милиони за метан, 30-тина милиони за приваниците. Само овие три трошоци се околу 100 милиони денари месечно за кои се обврзани ЈСП. А каде се тука гуми, резервни делови, масло, електрична енергија и ред други трошоци за редовно работење – рече директорот Петревски.
„Следува период на избори, па доколку сега не се изгласаат субвенциите за ЈСП, тогаш голема е веројатноста вработените да не добиваат плата за периодот додека трае изборниот процес, бидејќи нема да постои решение за изгласување на одлуката“.
Ова на денешната вонредна седница на Советот на Град Скопје го изјави директорот на ЈСП, Крсте Петревски, кој ги замоли советниците да ја изгласаат одлуката за субвенционирање на 11 милиони евра на сметка на претпријатието.
– ЈСП сега нема пари за плати на вработените, бидејќи истата оваа седница се одржуваше за 28 декември минатата година, а одлуката не беше изгласана на седницата. Само ќе ги набројам основните трошоци на месечно ниво. ЈСП троши меѓу 45-50 милиони денари за нафта, 20-тина милиони за метан, 30-тина милиони за приватниците. Само овие три трошоци се околу 100 милиони денари месечно за кои сме обврзани. А каде се тука гуми, резервни делови, масло, електрична енергија и ред други трошоци за редовно работење? – рече директорот Петревски.
Тој додаде дека јавното претпријатие месечно од сите приходи има околу 70 милиони денари, а тие пари главно се од продажба на билети и договори со училишта за бесплатно да се возат учениците.
– Ние како јавно претпријатие скоро 70 проценти од патниците ги возиме бесплатно по разни програми, па приходите ни се ограничени на таа сума. Поради тоа вработените се тука излезени на штрајк бидејќи субвенциите не се изгласани – додаде директорот.
Советничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска, пак, обвини дека Советот на Град Скопје носи одлуки за ЈСП, но дека директорот и градоначалничката не ги реализираат.
– Зошто одлуките за продолжување на пет-шест линии не се продолжени, а има одлука, не е направено и зошто нема воведување на две нови линии. Лага е дека сте ни доставиле извештаи тоа се само штури извештаи, не детални. Како со 150 милиони субвенции функционирало ЈСП, а сега не може со 780 да функционира. Ние правиме онолку колку што можеме – кажа Андоновска.
Андоновска укажа дека надлежните ниту се отчетни, ниту транспарентни и во таква ситуација не може постојано да ви се даваат средства.
– Тоа се средства на граѓаните и мора да кажете што правите со нив, не може да ви се даваат средства и како можело да се функционира ЈСП со помалку средства и сѐ да е океј – вели Андоновска.
Според Андоновска, потребно е да се дадат одговори зошто нема автобуси, сега со истурање на средства не може да обезбедат автобуси.
– Немате дадено одговор за ништо, а трошите огромни народни пари и не ги спроведувате одлуките на Советот – заклучи Андоновска.
Околу 400 вработени во ЈСП се собраа на протест пред зградата на Град Скопје каде што чекаат да започне вонредната седница на којашто ќе се одлучува дали 11 милиони евра од буџетот ќе завршат како субвенции за претпријатието, односно за покривање на платите на вработените.
Дел од возачите со свои сопствени возила се пристигнати на протестот пред Град Скопје, но дел се дојдени со автобусите на ЈСП кои се паркирани на паркингот пред скопската Зоолошка градина.
Како ќе функционира јавниот превоз и како ќе се однесуваат вработените во ЈСП зависи од седницата на градското собрание, во која не се гласаат субвенциите за ЈСП и нашата судбина, вели Миќо Стојановски, претседател на Синдикатот на вработените во ЈСП Скопје.
– Советниците веќе неколку месеци ја ескивираат и не ја носат одлуката за субвенционирање на буџетот. Ако денеска седницата заврши како што вработените сакаат, тогаш попладне и навечер јавниот превоз ќе функционира нормално. Ако се донесе парцијална одлука, месец за месец, тогаш јавниот превоз нема да се одвива во Скопје – рече Стојановски.
Инаку, ЈСП стапува во штрајк поради неисплатената декемвриска плата.
Советничката група на СДСМ не гледа пречка за позитивна реализација на единствената точка од дневниот ред на седницата, ама од ВМРО-ДПМНЕ се децидни дека нема да дадат зелено светло без отчет за тоа каде се трошат овие пари.
„Досега се дадени рекордни милионски износи за субвенции за ЈСП, а се бележат и рекордни загуби. Притоа ниту ЈСП, ниту Арсовска имаат дадено отчет за тоа како се трошат овие пари. Советничката група на ВМРО ДПМНЕ нема да прифати без отчет, на слепо и овој пат да се доделат субвенции за ЈСП“, велат од опозициската партија.
Градоначалничката Данела Арсовска стои на ставот дека сега сѐ е во рацете во Советот на Град Скопје, дека од нив зависи егзистенцијата на вработените во претпријатието, но и воопшто функционирањето на главната метропола.