Да се гласа 3 дена, изолираните да гласаат од дома, предлагаат СДСМ и ДУИ

Образложенијата на Уставен суд за уредбите е дека важат додека има вонредна состојба, тогаш ако се интервенира со уредба како таа ќе важи за гласањето, избори не се одржуваат во вонредна состојба, вели Дерковски.

1,831

Изборите да траат неколку дена и да се гласа од понеделник заклучно со среда, односно изборите да се одржат во работен ден. Изборниот ден наместо до 19 да трае до 21 часот, да се гласа надвор таму каде што има услови за тоа, позитивните на ковид-19, како и лицата кои се во изолација и во самоизолација да гласат заедно со болните и немоќните, односно од дома.

Ова се само некои од варијантите кои владејачките СДСМ и ДУИ веќе наголемо ги разработуваат за тоа како ќе се гласа во време на пандемија на коронавирусот. Власта најавува дека изборите ќе се одржат во термин од 5 до 15 јули, иако опозициската ВМРО-ДПМНЕ засега не дава виза за датум за избори.






Сепак, за какво било решение за изборниот ден потребни се измени на Изборниот законик, но Македонија нема функционално Собрание, а досега за тоа нема согласност ни од ВМРО-ДПМНЕ. За ова нема воедначен став ниту помеѓу владините партнери, бидејќи ДУИ ја турка идејата измените на Изборниот законик да се извршат со уредба од Владата, додека СДСМ смета дека не би било во ред ако за тоа нема согласност од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи досега сите измени на Изборниот законик се носеле со консензус меѓу власта и опозицијата.

Од СДСМ повторуваат дека изборите ќе се одржат на 5 јули, односно 22 дена по укинувањето на вонредната состојба. Од таму веќе се изјаснија дека нема потреба од воведување нова вонредна состојба. Од партијата на Заев се подготвени на избори да одат и без ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи како што велат, партијата на Христијан Мицкоски има доставено листи за пратеници до ДИК, значи учествуваат на изборите, само требало да одлучат дали ќе прават кампања.

– Должност е на ВМРО-ДПМНЕ да оди на избори. Имаат кандидатски листи, но нивна одлука е дали ќе одат. На државата ѝ е потребно функционално Собрание – вели висок функционер од СДСМ.

Според него, ако има согласност и од ВМРО-ДПМНЕ најдобро би било изборите да се одржат во неработен ден, во среда и да се гласа три дена, во понеделник и во вторник да гласаат затворениците, болните и немоќните, но и позитивните на ковид-19, тие кои се во изолација и во самоизолација. Кај позитивните и кај изолираните гласањето да го вршат избирачки одбори составени од здравствени работници. Позитивните и тие кои се во изолација и во самоизолција за гласање ќе треба претходно да се пријават исто како што досега гласале болните и немоќните лица. Добро би било да се гласа на отворено таму каде што за тоа ќе има услови, вели функционерот на СДСМ. Тој додава дека во секој случај ќе треба да се обезбеди тајноста на гласањето, односно гласачите да бидат зад параван.

И од ДУИ потврдуваат дека се разработуваат стратегии за гласањето.

– Разговарано е и со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ да се модифицира гласањето. Или да се продолжи времетраењето на изборниот ден или да се гласа неколку дена. Има добра волја да се усогласиме – вели висок функционер на ДУИ.

Од ВМРО-ДПМНЕ не успеавме да добиеме став.

Претседателот на ДИК Оливер Дерковски за Плусинфо вели дека тој не се согласува со најавите дека Изборниот законик може да се измени со уредба од владата.

– Тие мислат дека со уредба можат да интервенираат во Изборниот законик. Јас не се согласувам со тоа. Измените на Изборниот законик секогаш се носеле со консензус. Образложенијата на Уставен суд за уредбите е дека важат додека има вонредна состојба, тогаш ако се интервенира со уредба како таа ќе важи за гласањето, избори не се одржуваат во вонредна состојба. Значи, вонредната состојба треба да се укине за да има избори, но тогаш не важи уредбата што би ја донела Владата за изборите. Но во оваа ситуација сѐ е можно – вели Дерковски.

Тој за Плусинфо вели дека власта на големо зборува за избори, за тоа како би се одржало гласањето, а сѐ уште до ДИК не стасал протоколот за избори донесен пред две до три недели.

– Денеска пуштивме допис до Владата да ни го пратат протоколот за избори за да може ДИК да се организира кога и да се одржат изборите – вели Дерковски.

Поврзани содржини