ДА САКАВМЕ ДА СЕ МЕШАМЕ НЕМАШЕ ДА ГИ ВИКНЕМЕ ГЕРМАНЦИТЕ Се отвори досието за модуларната во Тетово
Утринава се почна со разгледување на документацијата и немам никакви поконкретни сознанија, рече Вилма Русковска, шефица на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Истражителите денеска почнале да ја разгледуаат докуемнтацијата за модуларната болница во Тетово откако Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во вторникот ја добило од Бирото за јавни набавки, а вчера после 14 часот и од Министерството за труд и социјална политика.
Ова денеска го изјави Вилма Русковска, шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, одговарајќи на новинарско прашање дали ја добиле документацијата, што се истражува и дали имаат некакви првични сознанија, за пожарот во тетовската модуларна болница.
– Утринава се почна со разгледување на документацијата и немам никакви поконкретни сознанија – нагласи таа, по денешната конференција „Напредокот во борбата против организираниот криминал и корупцијата во контекст на планот на Владата за борба против корупцијата“, во организација на Коалицијата „Сите за правично судење“ во соработка со Асоцијација за демократски иницијативи (АДИ).
Прашана што ќе проверува Обвинителството, Русковска потенцира дека Обвинителството е наделжно само во делот на јавната набавка и само тоа ќе се проверува, односно дали се испочитувани процедурите. Оваа набавка одела според посебен Закон што го има донесено Владата. Тоа е само наша надлежност, подвлече Русковска, друго не.
Во врска со тоа дали имаат информации кој го направил техничкиот прием, Русковска повтори дека немаат информации за тоа, а техничката спецификација, како што информира, ја добиле на англиски јазик и веднаш ја скенирале и по мејл ја испратиле во Обвинителството во Тетово за да можат експертите од Германија да се запознаат со неа.
– Тоа се документи од набавката и колку што имам првични информации, наши експерти ја направиле техничката документација, а од Светска банка направиле одредени корекции на таа техничка документација. Им испративме на колегите за да можат експерите да проверат дали модуларните болници се набавени и направени во согласност со таа техничка документација, која е одобрена од Светска банка – појасни таа.
Министерот за правда Бојан Маричиќ изјави дека германските истражители пристигнале вчера и дека сите институции се ставени на располагање да помогнат во истрагата.
– Власта воопшто не се меша во истрагата за пожарот во модуларната болница во Тетово. Да сакаше да се меша, немаше да повика германски истражители од највисок ранг, кои што треба да ги испитаат сите околности. Вчера вечерта беше свикан Кризниот штаб и сите документи се предадени на надлежните институции. Обезбедено е местото на настанот и сите предуслови за брза и успешна истрага ги имаат институциите, а ние како Влада сме заинтересирани час поскоро да излезат институциите со фактите, кои ќе помогнат за понатамошно постапување и извлекување научени лекции од овој трагичен настан – изјави Маричиќ.
Прашан кој дал техничка согласност за пуштање во употреба на болницата, Маричиќ рече дека тоа е сосема надвор од неговите надлежности и дека нема информации за тоа.