ДА РАБОТИМЕ ПОМАЛКУ, ПА ДА НЀ КОЛНАТ? И за вработените во јавниот сектор „скратениот петок“ е чиста глупост
Со предлогот за кратење на работното време на административните службеници дополнително се зголемува гневот и нетрпеливоста на граѓаните кон администрацијата, која и онака им е трн во око и ја бие глас дека ништо не работи. Времињата не се такви за да можеме да се луксузираме, за истата плата да работиме 4 часа помалку, вели Тинка Китеска, советник во Службата за општи и заеднички работи на Владата.
„Дел од администрацијата сабајлето во 8:30 е на работа, го пие кафето, нога преку нога, ха-ха-хa-хи-ху-ху, весникот и ајде по кафичите. Не, не, има да работите ако сакаме Европа“. Оваа „култна“ реченица која премиерот Зоран Заев во 2018 година пред референдумот за името храбро ја изусти пред граѓаните, сега добива нова уште посмешна димензија откако во екот на предизборната кампања за претстојните локални избори се пласираше информацијата дека административните службеници ќе работат со скратена работна недела за четири часа, односно во петоците ќе работат само до пладне.
За да биде уште посмешно, и во изборната програма на СДСМ од 2016 година, во делот на администрацијата стои дека „целата држава ќе се впрегне во служба на граѓаните, а клучните институции ќе работат во две смени“, а пет години подоцна, предлог-законот за админстративни службеници предвидува доделување слободни денови ако вработениот добие оценка „се истакнува“, но предвидува и заминување во пензија на 55 години за дел од нераспоредените државни советници. И сето тоа се случува во време кога Европската комисија (ЕК) во своите извештаи за напредокот на земјава редовно наведува дека Македонија има сериозен проблем со пренатрупаност во администрацијата, како и со нејзината неефикасност, па оттаму, чудно и несфатливо е како властите си дозволија воопшто да има предлог-закон којшто ќе го наградува наместо да го санкционира неефикасното работење.
Ваквиот потег предизвика бура од незадоволство кај граѓаните, но и кај синдикатите и кај вработените во приватниот сектор, кои, како што велат, се чувствуваат дискриминирано во споредба со вработените во јавниот сектор, кои, ќе бидат помалку време на работа, а ќе добиваат иста плата.
И администрацијата се чуди: Зошто само ние?
Тинка Китеска од здружението „Праведни и професионални“ која е и советничка во Службата за општи и заеднички работи на Владата, критикува дека најновите предлози содржани во измените на прописите кои се однесуваат на вработените во јавната администрација, оставаат впечаток на несериозни и аматерски обиди да се измисли нешто ново што ќе биде помодерно и блиско до европските принципи и стандарди за јавната администрација.
Времињата не се такви за да можеме да се луксузираме, за истата плата да работиме 4 часа помалку.
Китеска смета дека текстот на законот изгледа како да нема никаква допирна точка со реалноста и како да е изработен без квалитетна проценка на способностите и потребите на нашата јавна админситрација.
– Ако целта е да се пренесе законодавството од ЕУ во домашниот правен поредок, а потоа и да се имплементира и спроведува, тогаш можам слободно да оценам од своето досегашно искуство како државен службеник дека во моментов ние немаме доволен капацитет тоа да го направиме. Од новиот предлог-закон не може да се извлечат и да станат видливи единствените стандарди за работа на јавната администрација, отсуствуваат издржани и оправдани процедури и механизми за одговорност – вели таа.
Китеска посочува дека најголемите проблеми се во релацијата помеѓу работењето на службениците и менаџментот во државната служба која сега воопшто не е предмет на обработка, а која е обременета со сите детски болести на политичкото партиско делување, кое зазема сè поголем замав наместо да се придвижуваме кон департизација на државната администрација.
– Најактуелните теми кои ја раздразнија јавноста и предизвикаа поделени чувства и реакции кај граѓаните вклучително и кај службениците, кои, патем, никој за ништо не ги прашал, се однесуваат на двете најчесто дискутирани законски решенија. Потребата за кратење на работното време на административците е несфатлива за најголемиот дел од професионалната администрација. Со ваков предлог уште повеќе се зголемува гневот и нетрпеливоста на населението кон администрацијата, која и онака им е трн во око и ја бие глас дека ништо не работи. Времињата не се такви за да можеме да се луксузираме, за истата плата да работиме 4 часа помалку. Додека економска криза ја тресе целата држава, додека стотици луѓе остануваат без основна егзистенција и ги губат своите работни места, зошто би биле привилегирани ние службениците? Кој е ефектот што треба да се постигне со намалување на работното време? Признаваме ли дека администрацијата ни е слабата алка во системот? Тука се наметнува уште едно потпрашање: зошто токму петок, а не било кој друг ден во работната недела? Кој дел од денот би се одработувале тие 4 часа, пред или по законски пропишаната пауза? Ако е по паузата, тогаш зошто токму во петок до 12 часот? – прашува Китеска.
Таа додава дека законското решение е противуставно и дека веднаш ќе падне на Уставен суд, затоа што воведува нерамноправност на службениците кои треба сите да се еднакви пред Уставот и пред законите.
– Зошто би биле привилегирани токму државните советници на кои ќе им се даде солидна можност со 55 години старост да остварат право на пензија? Всушност, им се дава можност да бираат: да одат во пензија, да земат отпремнина или да бидат распоредени на работно место во институцијата за кое исполнуваат услови. Зошто токму тие? Зошто законот не води сметка за останатите возрасни службеници кои имаат над 30 години работен стаж, а немаат доволно години старост за да си отварат право на старосна пензија? Зошто се попривилегирани државните советници од старите добри архивари, сметководители, инспектори, возачи, готвачи, келнери, угостители, графички оператори, дактилографи, стенографи и други категории на службеници кои сигурна сум дека дале многу поголем придонес за унапредување на јавната администрација отколку некои државни советници. Кога се предлага ново законско решение, секогаш треба да се внимава тоа да води кон напредок и модернизација на управата, а не кон уназадување и намалување на правата на вработените за сметка на самоволието во водењето на јавните работи – објаснува Китеска.
Политичко додворување
И експертите од областа на администрацијата креваат раменици кога треба да одговорат која е потребата за кратење на работното време за јавните административци. Едни велат дека потегот е несфатлив и нерационален. Други велат дека потегот е политички и е дел од стратегијата за стимулирање на администрацијата во пресрет на локалните избори. Трети, пак, велат дека можно е потегот да има и верска природа, со оглед на тоа што е предложен од партијата ДУИ, а предвидува скратено работно време само во петоците кога се одржува и пладневната молитва на муслиманите.
Причината е дефинитивно лукративна во пресрет на локалните избори и претставува политичко додворување на околу 140.000 административни службеници.
Универзитетскиот професор по уставно право, Борче Давитковски, за Плусинфо вели дека Законот за работни односи строго предвидува работната недела да трае 40 работни часови рамномерно распоредени на пет работни дена, а евентуалното скратување на работната недела, објаснува тој, е ништо друго освен политичко додворување на околу 140.000 административци во пресрет на локалните избори.
– Крајно нерационална и неразбирлива е најавата за скратено време на администрацијата. Законот за работни односи кристално јасно предвидува дека работната недела трае 40 работни часови кои треба да се рамномерно распоредени на пет работни дена. Исто така, нелогично е и тоа што економскиот сектор од кој се обезбедува платата на државните службеници, со овие измени практично ќе треба да работи подолго од администрацијата. Причината е дефинитивно лукративна во пресрет на локалните избори и претставува политичко додворување на околу 140.000 административни службеници – објаснува Давитковски.
Тој вели дека во секоја европска и развиена земја, реформите се спроведуваат секогаш во корист на граѓаните, а само кај нас е обратно.
– Многу држави во Европа и во светот, каде што владее правото и демократијата, реформите во администрацијата предвидуваат поголема достапност на институциите во корист на граѓаните. Само кај нас граѓаните наидуваат на затворени врати. Ако причината за кратење на работното време на администрацијата е навистина политичка, тогаш тоа несомнено претставува кршење на Законот за работни односи. Како и да е, несфатливо за мене е административните службеници да бидат наградени со „скратен петок“, а оваа поволност да не важи за реалниот сектор од каде што се обезбедуваат платите на административците – објаснува професорот.
Помалку работа, иста плата
Пресметката на платата на административниот службеник не е врзана со работните часови, туку со други критериуми. Тоа значи дека и покрај тоа што ќе работат 16 часа помалку во месецот, вработените во јавниот сектор ќе добиваат иста плата како што добивале и досега.
Во член 69 се вели дека платата на административниот службеник се состои од два дела – основна плата и додатоци на плата. Основната плата ја сочинуваат минимална плата, дел на плата за ниво и дел на плата за стаж.
Минималната плата е однапред позната и важи за сите подеднакво, а нивото се определува се определува со бодови, па секоја позиција во администрацијата има повеќе или помалку бодови. Највисока е генерален секретар која носи 530 бодови, а најниска е помошно-стручен административен службеник од четврто ниво чија позиција носи 5 бода.
Вредноста на бодот за пресметување на делот на плата за ниво на државните службеници се утврдува секоја година со одлука на Владата. Делот на плата за работниот стаж на административниот службеник се вреднува во износ од 0,5 отсто од збирот на минималната плата и делот на плата за ниво, за секоја навршена година работен стаж, а најмногу до 20 отсто.
Инаку има предвидени и додатоци на плата, но и тие не се врзани со работните часови. Има и додаток на плата за работа во посебни услови а тоа се ноќна работа, работа во смени, работа за време на неделен одмор, работа за време на празници утврдени со закон, работа подолго од полното работно време и извршување на задачите и надлежностите на вработен кој е отсутен подолг период.
Добра оценка = 5 слободни денови
Со предложениот закон се менува и оценувањето на административните службеници. Административниот службеник кој ќе добие оценка дека „особено се истакнува“ или „се истакнува“ ќе биде награден со признание, до пет слободни дена или со специјализирана обука.
На оној административец, пак, што ќе биде оценет со „делумно задоволува“ ќе му биде изречена опомена и ќе добие ментор. Ако повторно биде опоменат, платата ќе му биде намалена еден месец за 5 проценти.
Според актуелниот закон, администрацијата работи 40 часа неделно, во периодот од 7:30 или 8:30 часот до 15:30 или 16:30 часот. Според надлежните, законите треба да ја направат департизирана и деполитизирана јавната администрација, ослободена од непотизам и клиентелизам.
„Постојниот Закон за административни службеници воведе доста новини во однос на регулирањето на статусот и постапката за вработување на административните службеници. Законот воспостави нови стандарди во однос на управувањето со човечките ресурси во јавниот сектор. Но, по 5-годишна примена на законот на површина излегоа голем број практични проблеми во имплементацијата, чие надминување е неопходно за доследно да се примени законот и да се постигне целта поради која е донесен“, се наведува во образложението за носењето на новиот закон.
Министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, вели дека не гледа причина зошто не би бил прифатлив ваквиот предлог и се правда дека нацрт-законот е ставен на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати ќе можат да ги изнесат забелешките.
– Тој се базира на искуството на повеќе земји во светот. Целта е да се трансформира администрацијата во мала, ефикасна, задоволна, лесно достапна за граѓаните и сервисно ориентирана. Законот не е во владина постапка, туку е во ЕНЕР системот каде што се објавуваат предлог-закони и се во фаза на добивање коментари од сите заинтересирани страни. Треба да се отпочне едно ново поглавје во нашето работно законодавство. Должината на работното време е различно регулирано во различни држави, но и во рамките на самите држави, различни категории вработени имаат различно работно време – вели министерот Шаќири.
Во пензија на 55, приватниот сектор кој го врти
Освен што во петоците јавната администрација би работела само четири часа и со тоа би имала работна недела од 36 часа, со нацртот-законот за административни службеници се најавува и можност дел од административците да одат во пензија со навршени 55 години.
Заминувањето во пензија на 55 години е предвидено за нераспоредените државни советници, кои треба да имаат работен стаж од 15 години. Има и опција спогодбено да им престане работниот однос со отпремнина, чија сума сè уште не е определена.
„Државните советници вработени до денот на започнување со примена на овој закон, за кои нема да има работни места на кои би биле распоредени може: да бидат предвремено пензионирани доколку на денот на влегување во сила на овој закон имаат навршени 55 години старост и имаат 15 години работен стаж или спогодбено да им престане работниот однос со отпремнина во износ од ___________. Државните советници кои нема да прифатат ниту една од можностите ќе бидат распоредени на работно место во институцијата за кое исполнуваат услови“, е наведено во предлог-законот.
Ваквата поволност предизвика лутина кај синдикатите и кај вработените во приватниот сектор на кои работната недела им трае 40 часа и право на пензија можат да стекнат на 64, односно на 62 години.
Како што велат, предлог-законот недвосмислено ги става административците во привилегирана положба.
Јас разбирам дека е предизборие и дека треба да се добијат гласови на јавна администрација, но ова не е одржливо.
Здружението „Гласен текстилец“ од Штип најостро реагира на новиот предлог-закон за административни службеници.
– Предлог-законот е дискриминаторски. Не може да носите поволности само за јавната администрација. Посебно буни фактот дека ова се случува за време на предизборна кампања. Јас разбирам дека е предизборие и дека треба да се добијат гласови на јавна администрација, но ова не е одржливо. Ние зборуваме за македонска економија, а не за германска или за австриска. Цело време да нудите поволности за јавната администрација, па после се чудите зошто младите ја напуштаат земјата, или зошто на младите им е најлесно да бидат дел од политичка партија за да дојдат до вработување во администрацијата – вели Кристина Ампева од „Гласен текстилец“ на „Утрински брифинг“.