ДА ПРЕЗЕМЕМЕ МЕРКИ ПРЕД ДА СЕ СЛУЧИ ГОЛЕМА ТРАГЕДИЈА! Стојанче Ангелов предупредува дека земјиштето на Водно опасно се лизга

Делови од теренот веќе се нарушени, земјиштето продолжува да се лизга, а неколку потпорни ѕидови веќе се урнати – посочи директорот на Центарот за управување со кризи.

235

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов предупредува дека на падините на Водно постојат објекти кои се директно загрозени од свлечишта и нестабилно земјиште.

– Ризикот мора да се сфати сериозно – можно е да настрада човек ако не се реагира навреме – изјави Ангелов во гостување на ТВ Телма.






Ангелов посочи дека делови од теренот веќе се нарушени, дека земјиштето продолжува да се лизга и дека неколку потпорни ѕидови се урнати. Според него, неопходни се брзи мерки, засилен мониторинг и процена на стабилноста на критичните зони, бидејќи проблемот не е ограничен само на еден потег на падината.

Според неговите информации, институциите веќе работат на проблематиката. Тој посочи на одржаните координативни средби во Центарот за управување со кризи (ЦУК) каде што, како што вели, „врвни професионалци посветено и одговорно се грижат за оваа проблематика“.

Ангелов ја истакна и значајноста на медиумите во подигнувањето на јавната свест, особено кај жителите на Водно, кои можеби не ја перцепираат опасноста во целост поради навиката за живеење во тој предел.

– Сепак ваквото кревање на јавната свест преку медиумите е значајно, бидејќи луѓето што живеат таму не мислат дека може да се случи таква штетна последица, дека состојбата не е толку опасна бидејќи тие таму живеат и таму се навикнати. Но ние сме нагледани еден куп видеа од целиот свет, вклучително и во нашата држава каде што свлечиштата можат да направат многу голем проблем – рече Ангелов.

Апелот на Директорот на ДЗС доаѓа во време кога зачестените извештаи за пукнатини на објекти и движење на земјиштето на Водно предизвикуваат се поголема загриженост во јавноста.

Поврзани содржини