ДА ПОБЕДИМЕ СИТЕ ЗАЕДНО ВО КИСЕЛА ВОДА! Јавно обраќање на Орце Ѓорѓиевски, кандидат за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ
„Ќе бидам градоначалник на сите граѓани. За мене приоритет ќе имаат квалитетните луѓе, а не оние со врски, чесните а не подмитливите, на кои отворено ќе им објавам војна уште првиот ден!“, ветува Ѓорѓиевски во своето обраќање до јавноста, што го објавуваме во целост.
Убеден сум дека многумина што ме познаваат сега им е чудно што сум седнал и сум напишал колумна или обраќање до моите сограѓани, или како сакате да го наречете. Обично ме познаваат како човек кој делувањето во политиката го има сфатено поинаку и наместо чести колумни или писанија, поважно ми е да бидам на терен, да ја согледам реалноста и соодветно да реагирам.
Таков е мојот карактер и така се однесувам во политиката и немам намера да го променам тоа. Напротив, само ќе интензивирам теренска работа, од едноставна причина затоа што од октомври ќе нѐ чека многу работа во општина Кисела Вода – и граѓаните, како градоначалник кому му ја дале довербата, од мене ќе го очекуваат тоа.
И да, верувајте дека во овој последен ден од кампањата, ова е моја прва колумна и можеби единствена која што ќе ја прочитате во наредниве неколку месеци, но сепак моја обврска е да им се обратам и на моите сограѓани. Моја обврска е да бидам помеѓу граѓаните во населените места и маалата, како што сум бил и досега. Не ми замерувајте, но не сум човек кој сака да седи пред компјутер.
Да не досадувам многу и да прејдам на главното. Партиски сум определен и сум ВМРО-ДПМНЕ откако знам за себе и таа партија е светост за мене што ми ја даде оваа шанса. Но, изминативе години, како созревав политички, сфатив дека кога станува збор за управување со општина или државна институција каде што граѓаните ти ја даваат довербата, тука веќе сите граѓани сме исти и имаме иста цел. Целтта е јасна, да сработиме и да реализираме, за да живееме во поубава и поздрава средина сите заедно.
Многу ми е важно секој што ќе го прочита ова да разбере дека сум кандидат на ВМРО-ДПМНЕ во Кисела Вода, но целтта ми е да бидам градоначалник на сите граѓани. Зошто го велам ова и зошто го потенцирам два пати.
Да се навратиме наназад четири години, кога беше ветуван живот за сите и едно општество за сите во Кисела Вода. Граѓаните дадоа доверба на тогашниот кандидат од СДСМ, бидејќи веруваа дека ќе промени нешто и ќе им го подобри животот.
Епилог?
После само четири години, нема ништо реализирано од ветеното, се вработуваат единствено партиски војници во општината, не се води сметка за квалитетот на кадарот кој се вработува за да бидеме ефикасна општина и најважно, што мене најмногу ме загрижува, една група од десетина луѓе како да заборави дека беа избрани од граѓаните да ја водат општината и четири години се посветија само на бизнис и сомнително криминална работа. Тоа е тоа што ме загрижува и што мора што побрзо да се промени.
Дали сите населби се исти и ги имаат истите услови? Не! Во 21 век сѐ уште имаме населби без канализација, населби без вода, населби без асфалтирани улици, населби каде што со сила се градат бетонски зданија против волјата на граѓаните. И тука ќе прекинам, сите знаеме што направи, односно што не направи власта на СДСМ во Кисела Вода изминативе четири години. Граѓаните ги препознаваат проблемите со кои се соочуваат, па затоа не одам со локализација во детали.
Дали има надеж да се промени ова?
Да! Има!
Затоа ми беше важно да потенцирам дека ќе бидам градоначалник на сите граѓани. За мене ќе бидат исти, со ист приортет, но со различни потреби, Црниче и Градинар, Бирарија и Усје, Расадник (каде што живеам) и Пинтија, но и сите други.
За мене приоритет ќе имаат квалитетните луѓе, наместо оние со врски, чесните наместо оние подмитливите, на кои отворено ќе им објавам војна уште првиот ден!
И тука сакам само да поентирам. За мене е важно да победиме за да реализираме проекти за граѓаните и да направам нешто повеќе во Кисела Вода. Затоа, сите кои ги следат дневно-политичките настани им е јасно дека во Кисела Вода ќе има двајца кандидати кои ќе се борат за мандат во наредните четири години. Јас и противкандидатот Темелковски. Граѓаните се свесни дека без разлика колку кандидати ќе влезат во изборниот процес, на крајот треба да одберат меѓу иднината и проектите што им ги нудам јас и сето она што го гледаат во општината, парализирано и закржлавно, видно подмитливо и склоно единствено кон бизнис, она што го нуди Темелковски.
Ги почитувам сите кои имаат или немаат свои симпатии или пак се ангажирани за некоја политичка партија. Моја обврска и чесна и искрена намера е на крајот од денот без разлика на партија или уверување и сфаќање, да Ве повикам сите оние кои не се согласувате и не сте задоволни од актуелната власт во Кисела Вода, но и од Владата, сега е шансата да се обединиме и да ги победиме сите заедно. Ја барам поддршката на сите граѓани, но исто така и сите граѓани ќе ја добијат мојата наклонетост за реализација на проекти и помош. Јас знам како и тоа го покажав и од позиција на опозиција. Граѓаните знаат најдобро колку можев да реагирам и да реализирам од опозиција, уште повеќе се свесни колку ќе можам од позиција на градоначалник. Тоа е моја обврска како политичар.
Шансата е една и е сега. Да победиме сега, сите заедно!
Искрено Ваш, Орце Ѓорѓиевски, роден во Драчево, израснат во Кисела Вода.