Да нема забуни: Во Македонија засега има кинески вакцини само од „Синофарм“
Министерството за здравство негираше дека во земјава е стасана вакцина од „Синовак“, туку потврди дека се стасани 200.000 дози од производителот „Синофарм“.
Вакцинацијата со кинеската вакцина која почна денеска во неколку града во земјава ги збуни битолчани кои на социјалните мрежи реагираа дека наместо со „Синофарм“ ќе се вакцинираат со вакцината од производителот „Синовак“. Министерството за здравство негираше дека во земјава е стасана вакцина од „Синовак“, туку потврди дека се стасани 200.000 дози од производителот „Синофарм“.
– Министерството за здравство сѐ уште нема купено вакцини од производителот „Синовак“ – велат македонските здравствени власти.
Претходно, министерот за здравство Венко Филипче во неколку наврати повтори дека во земјава пристигнаа 200.000 вакцини „Синофарм“, кои ќе бидат дистрибуирани во салата „Борис Трајковски“ и во уште шест градови со кои се очекува да се вакцинираат помеѓу 10.000 и 15. 000 граѓани дневно.
Додека на Фејсбук граѓаните споделуваат недоумици дали да се вакцинираат, откако се проширија шпекулации за ефикасноста на кинеската вакцина „Синовак“ од Европската агенција за лекови денеска информираа дека почнува тестирање врз основа на претходните тестови кои покажале дека таа вакцина произведува имунолошки одговор против коронавирусот.
Податоците за кинеската вакцина ќе бидат истражени во реално време за да се забрза потенцијалното одобрување, соопшти ЕМА. Тоа е прва кинеска вакцина тестирана од ЕМА и вкупно четврта вакцина, по „КјурВак“, „Новавакс“ и „Спутник V“.
Вакцината на „Синовак“ покажала ефикасност меѓу 50 и 90 отсто во различни студии и во моментов е одобрена за употреба во Кина, Индонезија, Бразил и во Турција.
Вакцината содржи неактивирани верзии на коронавирусот што му помагаат на телото да создаде имунолошки одговор.
„Синовак“ на почетокот на април објави дека отворила трета фабрика за производство на својата вакцина, што е двојно зголемување на капацитетот на две милијарди дози годишно. Компанијата објави дека 200 милиони дози се веќе испратени низ целиот свет.
Според најавите на министерот Филипче, овој месец се очекуваат околу 500.000 дози од вакцината „Синовак“, 100.000 вакцини „Синофарм“, како и 26.000 дози од вакцината „Фајзер“, а се чека на термин за тоа кога и колкава количина ќе стигнат од руските вакцини.